Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите од Македонија го доби признанието „Вељо Манчевски“


На свечен прием насловен „Вера посилна од секоја криза“ организиран од Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи, ни беше врачено признанието „Вељо Манчевски“ за особен придонес во чувањето и негувањето на еврејската култура и традиција. Признанието му беше врачено на директорот на Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија - Горан Садикаријо.
Нововостановеното признание од КОВЗГР го носи називот „Вељо Манчевски“, името на првиот верски референт на Македонија од 1943 година, раководител на Верското поверенство при Главниот штаб на Партизанските одреди на Македонија, учесник во НОБ и член на АСНОМ, свештеник и човек кој го има поставено темелот на односот на државата со црквите и верските заедници, меѓуверското разбирање, соработка, дијалог и почитувањето на верските слободи и права на секој македонски граѓанин.
Признанието „Вељо Манчевски“, ќе се доделува за особен придонес на правни и физички лица кои со својот ангажман, активност и труд трајно се вградиле во развојот и продлабочувањето на различни значајни сегменти во верската сфера во државата. Покрај Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите од Македонија, признанието го добија и протоерејот-ставрофор Спасе Стефановски, проф. д-р Хасан Џило, амбасадор проф. д-р Иван Ангелов, проповедник Михаил Цеков, а постхумно признание беше доделено на познатиот некогашен долгогодишен раководител на Републичката Комисија за верски прашања – Доне Илиевски.
Образец од признанието беше доделено и на семејството Манчевски, на наследниците на протоереј Вељо Манчевски, чие име го носи признанието во знак на почит и сеќавање на неговите заслуги за народот, црквата и државата.
Од име на сите добитници пред присутните се обрати протоерејот-ставрофор Стефановски, кој заблагодарувајќи се посочи дека наградите се стимул и мотив и за идните млади генерации да чекорат по патот на вистинските вредности.
На присутните им се обрати и претседателот Стево Пендаровски кој порача: - Во кризни ситуации е највидливо колку сме мали и немоќни и колку, и како поединци и како заедница, ни се потребни меѓусебната почит и разбирање.
Честитки и почит за првите добитници на признанието „Вељо Манчевски“.

Секоја помош од Ваша страна е повеќе од добредојдена.

Донирајте за да продолжиме со успешната работа и едукација

MK EN