ЛОГОР БАЊИЦА


Историјата на холокаустот во Србија не може да се проучи без да се зборува за логорот Бањица, бидејќи многу српски Евреи страдале во него.Во логорот како затвореници имало Срби, Евреи, Роми, заробени партизани, четници и други противници на нацистичка Германија. Меѓу жртвите и затворениците во логорот се вбројуваат и Евреи испратени од други делови на Кралството Југославија, што значи дека покрај локалното еврејско население, имало и Евреи бегалци од други европски земји што се нашле во Југославија кога почнала војната. Сеуште не се знае точниот број на затворени и погубени Евреи во логорот Бањица. Проблем во одредување на жртвите е тоа што Евреите биле ликвидирани веднаш по пристигнување во логорот, без нивните имиња и податоци да бидат предходно внесени во регистрите. Според податоците во Музејот на жртвите на геноцидот во Белград, во Бањица имало 13 лица од еврејско потекло што биле родени во Македонија. Само едно лице е запишано во регистерот на затвореници, другите 12 се наоѓаат во базата на податоци на Музејот на жртвите на геноцидот во Белград со наслов „Жртви на војната 1941-1945“. Затоа не се знае со точност каде се убиени овие Евреи.

Најмногу затвореници имало од Србија, покрај нив имало од другите делови на Југославија, потоа Грци, Албанци, Полјаци, Чеси, Руси, Унгарци, Романци и други. Проценките велат дека околу 30 000 луѓе биле сместени во Бањица од 1941 до 1944 година. Во регистарот на логорот има имиња на 23 244 затвореника од различни националности, од кои 4 286 го загубиле животот. Најголемата трагедија е што меѓу жртвите и затворениците во логорот имало и деца. Точниот број никогаш нема да се дознае бидејќи голем дел од документацијата е уништена во 1943 година.

Првите затвореници (Евреи и Роми) биле донесени на 9 јули 1941 година. Организационо, логорот во Бањица бил затвор, кој служел за прифаќање на притворените од Србија, кои подоцна биле стрелани. Голем број затвореници од Бањица биле префрлени во други концентрациони и работни логори што биле под германска контрола во окупирана Европа.

Логорот Бањица бил најголемиот концентрационен логор во окупирана Србија. Во јуни 1941 година, германските окупаторски власти ѝ наредиле на српската квислиншка управа да формира концентрационен логор во Белград. Требало да се избере соодветен објект за логорот, така што комисијата, одлучила касарната на 8-от пешадиски полк, на Бањица, да биде објект за логор. Официјалното име на логорот бил „Затворенички логор Дедиње“. Логорот бил управуван од гестапо и квислиншката полиција и бил поделен на „српски“ и „германски“ дел. Поделбата била воведена поради полесно надгелдување на затворениците, но бруталноста била заедничка карактеристика. Ликвидацијата на затворениците најчесто ја извршувале припадниците на СС. Луѓето биле убивани надвор од логорот. Рано наутро, камион ги собирал и ги носел до местото за стрелање. Од 15 јули 1941 година до 6 ноември 1943 година, стрелањата биле извршувани на стрелиштето во Јајинце. Од есента 1943 година, стрелањата ги извршувале на Централните гробишта, а од 27 јули 1944 година до 1 октомври 1944 година на Еврејските гробишта. Првото масовно стрелање на уапсените се случило на 17 декември, кога во Јајинце биле убиени 160 луѓе. Најголем број на стрелани за еден ден е 323 на 1 октомври 1943 година.

Логорот бил во функција 39 месеци, од 9 јули 1941 до 5 октомври 1944 година, кога бил затворен. Во 1944 година војниците на Црвената армија и НОВЈ се приближувале кон Белград. Архивата на кампот била опожарена и благодарение на заменик-директорот на кампот, Радован Чарапиќ, некои од книгите на затворениците во кампот останале неоштетени, кои сè уште се чуваат во архивите на градот Белград. Чарапиќ најпрво ги ослободил притворените од гестапо, а потоа најавил ослободување на сите затвореници во логорот. Последниот затвореник го напуштил логорот на 5 октомври 1944 година. Тој ден се смета за ден кога бил распуштен логорот во Бањица.

По војната, бил изграден мал споменик посветен на жртвите од логорот. Музејот на концентрациониот логор Бањица е отворен во 1969 година и содржи повеќе од четиристотини предмети што се поврзани со логорот и неговото работење.


Секоја помош од Ваша страна е повеќе од добредојдена.

Донирајте за да продолжиме со успешната работа и едукација

MK EN