ЗА НАС

Еврејското маало во Скопје, населено уште во 15 век, се наоѓаше на левата страна на реката Вардар, меѓу Камениот мост и Тврдината (Кале). До депортацијата на неговите жители на 11 март 1943 година, тоа беше витална населба со значајно учество во стопанскиот и просветно - културниот живот на Скопје. Затоа, лоцирањето на објектот на Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите од Македонија има исклучителна симболика, не само за жртвите на холокаустот, врз чии имоти се наоѓа, туку и за Скопје и за Македонија, кои со изградбата на овој центар, им оддаваат трајна почит на своите депортирани сограѓани и од Битола и од Штип.

Идејата за меморијал на холокаустот во Македонија, стана реалност по донесувањето на Законот за денационализација, кој е и правна основа за Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија, основан на 23 април 2002 година, со одлука на тогашната Влада на Република Македонија. Фондот постои како единствено правно решение во Европа за заштита на имотните права на депортираните Евреи без живи наследници. Истовремено со материјалниот спомен, Меморијалниот центар ќе остварува долготрајна мисија во презентирање, едуцирање и истражувања поврзани со мултиетничките општества, за елиминирање на опасностите од секаков вид нетрпеливост, шовинизам, антисемитизам, во има на градење општество во кое етничката и верската разноликост, се цивилизациско богатство и основа за развој.

Локацијата и проектната програма на Меморијалниот центар

Урбаната матрица на Скопје и конкретно на Еврејското маало е целосно уништена со земјотресот од 1963 година и со урбанизацијата на левиот брег на реката Вардар, што следуваше при обновата на Скопје. Новиот детален урбанистички план, на нашата локација креира нова урбана матрица, со нови содржини и тоа како композиција составена од објект од културата и деловен објект. Објектот на културата ја доби намената меморијален спомен дом на холокаустот на Евреите од Македонија. Од старата матрица, топосите кои се длабоко врежани во меморијата на жителите на градот, како на пример Давидовата улица и синагогата, се дел од приказната, преточена во постојаната музејска поставка на Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите од Македонија.

ПОСТОЈАНА МУЗЕЈСКА ПОСТАВКА

„Приказната за македонското еврејство е фасцинанта. Неговите корени се древни. Преживувањето на Холокаустот значеше речиси целосно истребување а сепак давање отпор и спасување, значеше предавство и хероизам, како и прогон и враќање. Ова е музеј кој не смеете да го пропуштите“. Михаел Беренбаум, Museum Design and Implementation

1. Меморијална соба

Адет е кога се оди на еврејски гроб да се стави камче, како што синовите на Јаков ставале на гробот од библиската мајка Рахил во Витлеем. На тој начин, живите се сеќаваат на мртвите. Неуништливоста на камењата е во спротивност со кревкоста на животот и ја покажува како пример трајната моќ на памтењето. По војната пепелта од центарот за убивање Треблинка ја донесоа „дома“ преживеаните од холокаустот.

2. Комеморативен дел

На влезот во музејот, посетителите веднаш ја забележуваат скулптурата на очајните преживеани луѓе кои држат врамени фотографии од своите блиски и сакаат да ја дознаат нивната судбината. Некои од рамките се празни – кога немалo преживеани, никој не можел да се интересира за нивната судбина. Во некои од рамките има огледала за да можат самите посетители да се замислат себеси и како нивната слика ја држи некој од преживеаните. Потоа, посетителите влегуваат во кино просторија во која се прикажува филм како вовед во изложбата, исто како што почетните тонови на симфонијата се вовед во нејзините главни теми. Филмот ги прикажува очекувањата кои ги има музејот од неговите посетители – дека посетата на овој музеј значи средба со чистото зло на Шоах (холокаустот) во Македонија и насекаде. Не е воопшто лесно да се појде на такво патување.

3. Скалила

Како што посетителите се качуваат по скалите од кино просторијата кон првиот кат, го гледаат калеидоскопот кој ја прикажува историјата на Евреите од Абрахам до денес, низ слики и кратки текстови.

4. Стоби (Евреите во антиката)

Најстарата позната синагога надвор од Израел се наоѓа во античкиот град Стоби. Овие еврејски корени во антиката на Македонија се добро документирани, а еврејските корени во регионот се мошне длабоки. Копијата од столб кој изворно се наоѓал во синагогата во Стоби е главниот експонат на изложбата која ја објаснува македонската/ еврејската приказна. Истовремено, изложбата објаснува како самата природа на синагогата, инаку централна институција на еврејскиот живот, им овозможила на Евреите да преминат од луѓе кои живеат на едно место кај светиот храм за верски обреди во Ерусалим, во луѓе кои можат повторно да воспостават верска заедница онаму каде ќе се соберат десет Евреи.

5. Евреите на Балканот

Овој дел од изложбата е објаснет со голем визуелен мултимедијален приказ кој ја покажува таписеријата на шпанските Евреи и „животот пред“ протерувањето од Шпанија. Тоа е визуелен документ на едно сведочење.

6. Златното доба во Шпанија/ протерувањето од Шпанија

Во следните делови од изложбата е прикажано ова уникатно поглавје во еврејската историја. Изложбата се однесува на Шпанија затоа што повеќето од македонските Евреи ги имаат своите корени токму од протерувањето од Шпанија.Најпрвин, посетителот има можност да научи за јудејско-арапската култура која беше карактеристична за Евреите во Шпанија. Тоа било уникатно време кога Евреите пишувале филозофија и секуларни поетски дела, и истовремено пишувале еврејска литургија и поезија – пијутим, кои и понатаму имаат централно место во службите во синагогите кај сите Евреи денес. Тие исто така ги имаат напишано и главните дела од еврејската филозофија и еврејското право кои се сметаат за ремек дела на еврејската литература, и претставуваат референтни книги за еврејското право и мистицизмот.

Втората изложба го прикажува подемот на ксенофобијата кај христијаните во Шпанија, која на крајот довела до протерување на муслиманите и Евреите. Ние го потенцираме создавањето на „другиот“ во движењето чија цел е да ги исклучи сите оние кои се „различни“ со цел да се создаде хомогено општество. Посетителите ќе согледаат некои од ставовите кои преовладувале во тоа време, слично на некои од денешните ставови – можат да се распознаат дури и конкретните детали.

Третиот дел од шпанскиот еврејски сегмент се однесува на тоа што се случило по времето на Инквизицијата – тука се мисли на протерувањето од Шпанија во 1492 година и протерувањето од Португалија пет години подоцна. Ја покажува борбата на Евреите за повторна изградба на нивниот срушен свет, сега на Балканот. Го илустрира гостопримството кое тие го добиле во Отоманската империја, нивното раселување и нивниот придонес кон оваа нивна нова култура. Го прикажува непрекинатиот премин од шпанската кон ладино културата. Прикажан е и светиот ракопис – Тората која Евреите ја донеле со себе од Шпанија.

7. Отоманска империја

Овој дел од изложбата ги прикажува бродовите кои ги испратил султанот за да ги донесе шпанските Евреи во Отоманската империја, земајќи ги со себе челикот и ковачкиот занает, печатницата и вештините за трговија, медицина и дипломатија. Прикажана е копија од првата печатница.

8. Ладино

Евреите на Балканот воспоставиле единствена култура која се базирала на заедничкиот јазик – ладино, кој е одраз на трите културолошки и јазични наследства на еврејската заедница: хебрејски, шпански и јазиците на Отоманската империја. Ладино јазикот го зборувале балканските Евреи дома како и Евреите низ целата Отоманска империја. Бил користен во службите од страна на рабините и во синагогите, како и на секуларни настани, исто како што јазикот Јидиш бил користен во рамките на културата на Ашкеназите. Ладино јазикот не познавал географски граници: Грција и Македонија, Турција и Југославија – со векови Евреите можеле да зборуваат еден со друг на ист јазик, и тоа и го правеле. Постои богата верска литература на ладино јазикот и разнолика секуларна литература, уметнички и музички изрази, поезија и филозофија. Ладино имињата и ладино јазикот биле од суштинска важност за зачувување и дефинирање на еврејскиот идентитет.

9. Еврејското маало во Скопје

Музејот гледа накај еврејското маало во Скопје кое не било уништено во Холокаустот туку во земјотресот во 1963 година при што подрачјето околу музејот било срамнето со земја. Еден прозорец гледа во насока на она што порано било дом на скопските Евреи. Тој агол е местото каде се наоѓа изложбата за еврејското маало во Скопје, прикажано кога тоа пулсирало со еврејски живот. Прикажани се исто така неговите домови и пазари, синагогите и училиштата за да се потсетиме каков свет бил тоа, а чии луѓе биле убиени во Холокаустот и чии остатоци биле уништени во земјотресот.

10. Југославија

Балканските војни и Првата светска војна доведоа до огромни промени. Формирано беше Кралството на Србите, Хрватите и Словенците во 1918 година (кое потоа преминува во Кралство Југославија во 1929 година). Добросостојбата на Евреите назадува во периодот помеѓу двете светски војни (1918-1941), кога во времето пред Втората светска војна биле донесени одредени антисемитски закони. Еврејските добротворни организации им помагале на сè поосиромашените заедници а главно влијание во заедницата добил ционизмот. Свежите идеи, ставови и институции кои биле ориентирани кон западот довеле до драматични културолошки промени. Еврејските закони и традиција негувале организации кои го поттикнува мицвотот (добри дела), како што се посета на болните лица и обезбедување облека за сиромашните. Притоа, младите македонски Евреи биле изложени на западните идеи во училиштата, што доведе до тоа да се формираат нови видови на еврејски здруженија.

11. Доаѓањето на нацистите на власт

Уништувањето на македонските Евреи се случува во контекст на бугарската окупација и подемот на нацизмот. Изложбата го започнува овој дел со филм за Подемот на нацизмот кој доловува како нацистичкиот режим доаѓа на глас по завршувањето на големиот пораз во Првата светска војна; јаките и слаби страни на Вајмарската Република и кариерата на Адолф Хитлер, што кулминира во неговото назначување за канцелар. Потоа таа ги води посетители низ почетокот на Втората светска војна. Ги потенцира деталите од 1 април, бојкотот во 1933 година, нинбершките закони од 1935 година, погромот од 1938 година уште познат и како Кристална ноќ (Kristallnacht) и германската инвазија на Полска во септември 1939 година.

12. Бугарската окупација

Посетителите се сретнуваат со животот на Евреите во времето на бугарската окупација. Врз Евреите биле воведени ограничувања, бил спроведуван „Законот за заштита на нацијата“ како и голем број на други дискриминаторски и сурови ограничувања по кои се случил навидум неизбежниот марш кон уништувањето: депортацијата од Битола, Штип и Скопје.

13. Монополот

Драматичното симнување по скалите ги носи посетителите во една ниша која истовремено е тесна и висока, и која гледа кон вистински вагон – еден од оние кои биле користени за депортирање на Евреите од Монополот во Треблинка. Изложбата ја доловува кратката но ужасна гетоизација во Монополот, фабриката за тутун во Скопје и депортацијата на македонските Евреи во Треблинка од каде ниту еден не се вратил. Посетителите ќе можат да завртат круг околу вагонот но само откако ќе ги слушнат гласовите на преживеаните кои ја раскажуваат приказната за депортацијата и нивните ужасни искуства во возот.

14. Треблинка

Откако ќе поминат низ сточниот вагон, посетителите влегуваат во изложбата за центарот за убивање – Треблинка, полн со предмети, фотографии и со макета од логорот. Филм во кој е прикажан Самуел Виленберг, последниот сведок од Треблинка, го опишува логорот и искуствата на луѓето кои тогаш живееле таму, постојано под сенката на смртта. Деветстотини илјади Евреи беа убиени во периодот од 23 јули 1942 до 4 август 1943 година. На 2 август 1943 година се случува востание а логорот го преживеале помалку од 100 – ниту еден од нив од Македонија.

15. Конечното решение

Веднаш до делот за Треблинка, посетителите се соочуваат со она што се случувало надвор од Македонија. Тие се сретнуваат со петте други капацитети за убивање т.е. фабрики за убивање со користење на гас: Аушвиц и Мајданек кои истовремено биле логори за присилна работа на робовите и центри за убивање; Келмно, каде Евреите биле убивани во возила со гас; и Белжец и Собибор кои, заедно со Треблинка, ги сочинуваа логорите Актион Рајнхард чија цел исклучиво била уништување на Евреите во гасни комори. Исто како и кај подемот на нацистите и нивното доаѓање на власт, и во овој дел посетителот се запознава со поширокиот контекст за уништувањето на македонските Евреи како дел од конечното решение на еврејското прашање.

16. Партизаните

Во Македонија имало само две алтернативи за Треблинка: да се биде дел од отпорот или да се избега т.е. сокрие. Имало два вида на криење: да мислат дека не си Евреин или да најдеш место каде би се сокрил но во тој случај си целосно зависен од некој спасител. Музејот ја раскажува уникатната приказна за отпорот во Југославија во кој Евреите биле составен и интегрален дел од движењето на отпорот. Моше Пијаде се борел заедно со Тито, Бено Русо и неговата сопруга се бореле со голема храброст а Естреја Овадија, политички комесар на еден од баталјоните на Седмата македонска бригада, беше прогласена за Народен херој. Монументалниот мурал оддава чест на нивната монументална борба за зачувување на еврејската чест и на напорите за справување со окупаторите.

17. Криење и спасување

Кога зборуваме за спасителите, изложбата ја посочува улогата на Албанија – единствената земја во Европа која на крајот од војната имаше многу повеќе Евреи отколку на почетокот. Албанија беше круцијална за неколкуте преживеани Евреи од Македонија а музејот ќе ја раскаже приказната за Алесандер и Блага Тодорови на кои им е оддадена почит во „Јад Вашем“ како праведници помеѓу народите.

18. Трагедија и триумф

По ослободувањето, голем број преживеани Евреи се плашеа да се вратат во своите поранешни домови поради антисемитизмот кој преовладуваше во одредени делови од Европа и поради траумата која ја претрпеа. Оние кои сепак се вратиле постојано живееја во страв за своите животи. Со оглед на малкуте можности за емигрирање, десетици илјади преживеани од Холокаустот кои останаа без сопствен дом мигрираа на запад, кон другите делови од Европа кои беа ослободени од западните сојузници каде беа сместени во стотици центри за бегалци и во кампови за раселени лица, како што беше кампот во Берген-Белсен во Германија..

19. По завршувањето на војната: присуство на отсутноста

Исто како и во многу други европски земји во кои еврејското население беше уништено, заедниците во Битола и Штип мораа да се борат со парадоксот на реалноста по завршувањето на Холокаустот, со отсуството на присутноста или со присуството на отсутноста. Улиците кои порано беа полни со Евреи и понатаму беа тука, но ја немаше повеќе еврејската заедница да оди по нив. Во близина на влезот во Битола има еврејски гробишта од минатото, уништени надгробни споменици кои се реконструираат и мртви Евреи, но каде се живите Евреи чии предци лежат закопани? Отсутните Евреи се присутни, но присутните Евреи се отсутни.

20. Израел: Прибежиште и татковина

Југославија беше една од малкуте комунистички земји која им дозволи на своите Евреи да се емигрираат во Израел во децениите по Шоата. Многу Евреи од Југославија, сè уште засегнати од уништувањето на нивната заедница и загубата на нивните семејства, решаваат да се преселат во Израел, татковината на Евреите, каде се појавува македонска дијаспора која одржува некои од традициите и учењата од нивната стара татковина, и ги спојува истите со праксите и културата на вибрантниот живот на Евреите во Израел. Уште од своето основање, Израел се гледаше себеси како прибежиште, прифаќајќи повеќе преживеани од Холокаустот во споредба со било која друга држава, вклучувајќи ги тука Евреите од арапските земји, Советскиот Сојуз, Романија, Полска, Унгарија, Јужна Африка и Етиопија, како и Евреите од земји во кои тие уживаа слобода и сакаа да учествуваат во изградбата на еврејската држава.

21. Еврејска Македонија денес

Последната изложбена поставка во Музејот се однесува на повторното воспоставување на еврејската заедница во Македонија.Во месец декември 1944 година, иако Светската војна беснееше со полн интензитет, преживеаните го формираа Националниот совет за ослободување на македонските Евреи во Скопје, со возобновување на синагогата. Притоа, Еврејскиот верски совет од Битола, формиран во 1945 година, беше затворен една година подоцна поради големиот број на Евреи кои се иселија – повеќе од еден од двајца југословенски Евреи го пронајдоа својот нов дом во новата независна држава Израел. Еврејските заедници во Битола и Штип повеќе не постоеја, но еврејската заедница во Скопје беше повторно формирана, заедно со синагога и училиште, како и со славење на сите еврејски празници. На 11 март секоја година заедницата организира комеморативна церемонија по повод уништувањето на македонските Евреи, а овој музеј е најголемиот обид да се раскаже приказната за македонските Евреи, нивната богата историја, трагичното уништување и постојаните напори за возобновување и повторно воспоставување.

22. Наследството на Шоа

На крајот, посетителите можат да погледнат филм за наследството на Холокаустот за Македонците во балканскиот регион, во кој повторно се случи геноцид во ерата по крајот на Холокаустот. Овој филм го резимира сето она што посетителите претходно го доживеале и директно го поврзува со Македонија и балканскиот регион во дваесет и првиот век.