„Да не се заборави“ – заеднички настан на Корчагинци и Меморијалниот центар на Холокаустот

Меморијалниот центар на Холокаустот создаде уште една ѕвезда на бескрајното небо, именувана „Да не се заборави“. Вредните и креативни Корчагинци, заедно со нивните професори, за прв пат оваа година, во соработка со Mеморијалниот центар на Холокаустот, го организираа овој настан во четвртокот, 26 април 2018. Идејата доаѓа од повеќегодишна соработка со Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите од Македонија и Yad Vashem од Израел.

Приказната за Евреите е приказна која на различни начини е раскажувана од значајни мислители, уметници, културни и научни дејци, ширум светот. Но, Корчагинска приказна е приказна која во една атмосфера на љубов, креативност, професионалност и високи човечки принципи на почитување ја исткаевме заеднички за да кажеме гласно пред целиот свет, пред очите на нашата јавност „НИКОГАШ ДА НЕ СЕ ЗАБОРАВИ“! Молкот е поголем непријател и од непријателот. Евреите ја носат пораката на самонадминување, кодот на националниот геноцид, но и Сизифовската издржливост во смисла на нечовечноста применета врз човека, за да ни ја раскажат истата како една возвишена философија која човекот треба да ја запамети, да ја меморира. „Март е, пролет, време кога на календарите се бележи времето на празниците, посветени на радоста и на обновата на природата, а не време на замолк, не време на смрт…“ („Светилка за Ханука“, Томислав Османли). Кое е чувството кое би се поврзало со синтагмата „соголување на човечноста“? Зошто помалку вредни луѓе; зошто помалку вредна нација? Кој е всушност човекот?, се дел од прашањата кои беа допрени со овој настан. Проектот го реализираа учениците и професорите-ментори на Корчагин: Атанас Сопотски, Валентина Костовска, Митра Блажевска, Сашо Ливрински, Драгица Солунчева, Гордана Геческа, Маја Богданова Христова, Роза Никодиноска, Татјана Голчева.