ЕВРЕЈКИТЕ ОД СКОПЈЕ

Скопските Еврејки дале огромен придонес и на различни начини помагале во НОБ. Овие храбри жени биле вклучени од самите почетоци на движењето на отпорот, ги ризикувале своите животи, а подоцна биле депортирани и убиени во Треблинка. Без нивната ангажираност, ниту борбата, ниту слободата би биле можни. Да не се заборават.

Рашела Адижес , домаќинка од Скопје, родена 1923 година. Во НОБ била од 1941 година. Во СКОЈ била примена 1942 година. Таа собирала народна помош, облека и обувки за НОБ, а во март 1943 година била депортирана во Треблинка, каде што е убиена.

Ружа Анѓел, домаќинка од Скопје, родена 1920 година. Во НОБ била од 1942 година. Таа собирала помош за НОБ, а во нејзиниот стан биле одржувани илегални партиски состаноци. Во март 1943 година е депортирана и убиена во Треблинка.

Дука Хасон, кројачка од Скопје, родена 1923 година. Во НОБ стапила во 1941 година и истата година била примена во СКОЈ. Во нејзиниот стан биле одржувани илегални партиски состаноци и била организирана кројачка работилница за изработка на облека за партизаните. Активно делувала меѓу еврејската младина, со цел нивно вклучување во Отпорот. Во март 1943 била депортирана и убиена во Треблинка.

Луиза Камхи, ќилимарска работничка од Скопје, родена 1920 година. До војната активно учествувала во напредното движење. Во НОБ е од самиот почеток. Таа собирала помош, растурала летоци, делувала политички меѓу жените и ги мотивирала да се вклучат во антифашистичкиот фронт. Во март 1943 е депортирана и убиена во Треблинка.

Мери Коен, работничка од Скопје, родена 1924 година. Во НОБ била од 1941 година, а во 1942 била примена во СКОЈ. Активно делувала меѓу еврејската младина со цел за нејзино вклучување во антифашистичкиот фронт. Собирала народна помош за НОБ. Мери Коен во март 1943 година е депортирана и убиена во Треблинка.

Бојана Рубен, ученичка од Скопје, родена 1924 година. Во напредното младинско движење стапила во гимназијата и се истакнала со ширење на марксистичката идеологија меѓу младината. Во НОБ била од 1941 година, а во 1942 година станала член на СКОЈ. Собирала народна помош за НОБ. Депортирана и убиена во Треблинка.

Бела Сасон, службеничка од Скопје, родена 1917 година. Во НОБ била од почетокот на востанието. Таа била и член на СКОЈ и раководител на активот на еврејските жени, кои собирале помош за НОБ. Во нејзиниот стан се криеле илегалците. Бела Сасон е депортирана и убиена во Треблинка.

Рашела Сасон, работничка од Скопје, родена 1923 година. Во НОБ била од почетокот на востанието, во 1942 година била примена во СКОЈ. Во нејзиниот стан биле одржувани состаноци на идеолошката група. Учествувала во собирање помош за НОБ. Во март 1943, депортирана и убиена во Треблинка.

Ребека Сасон, ученичка од Скопје , родена 1924 година. На напредното движење се приклучила во гимназија, а од 1942 година била член на СКОЈ. Дисциплинирано ги извршувала задачите поставени од скоевската организација. Ребека е депортирана и убиена во Треблинка.

Сара Сервила, домаќинка од Скопје, родена 1910 година. Во НОБ била од 1941 година. Активно делувала меѓу еврејските жени, со цел нивно вклучување во НОБ. Сара собирала помош за НОБ. Во 1942 година била уапсена од бугарскиот окупатор, но била ослободена поради недостаток на докази. Сара Сервила во 1943 година била депортирана и убиена во Треблинка.

Сара Сион, кројачка од Скопје, родена 1924 година. Во НОБ била од почетокот на востанието, а во 1942 година била примена во СКОЈ. Ја организирала изработката на униформи за партизаните во својот дом и собирала помош за НОБ. Во март 1943 година била депортирана во Треблинка, каде била убиена.

Дука Вајнштајн, кројачка од Скопје, родена 1922 година. Во НОБ била од 1941, а истата година била примена и во СКОЈ. Учествувала во многу илегални акции на скоевската организација во Скопје. Во нејзиниот стан биле одржувани илегални партиски состаноци. Дука шиела униформи за партизаните. Во март 1943 година била депортирана и убиена во Треблинка.