ХАЈИМ САДИКАРИО - СТРЕЛА

Хајим Садикарио – Стрела е роден на 13.04.1913 година во Битола, во многудетно семејство од татко Соломон и мајка Паломба Овадиа. Биле 9 деца, четри браќа и пет сестри. Татко му Соломон починал пред Втората светска војна. Мајката и браќата со семејствата се депортирани од страна на бугарските окупатори во Треблинка, а неговите сестри кои биле мажени во Солун, истиот месец, со семејствата биле депортирани во Аушвиц од страна на нацистите. Во 1923/24 година семејството на Хајим Садикарио тргнало да се насели во Палестина, денешен Израел, која во тоа време била под Британски мандат. Бидејќи ги немале потребните финансии за вселување на таа територија, ги вратиле назад. Семејството се враќа прво во Солун, а потоа во Битола. Хаим како десет годишно момче, останува во Солун и учи во еврејско училиште. По завршувањето на средното училиште се вработува во Солунското пристаниште и како младинец станува член на напредното синдикално движење во Солун. Во 1933 година станал член на КП на Грција. Во 1939 година се враќа во Кралството Југославија на отслужување на воен рок во Белград. Истата година станува член на КПЈ. Служел воен рок заедно со братот Давид во одред наменет за сефардски Евреи, кои не го знаеле и разбирале српско-хрватскиот јазик. Хајим говорел течно четири јазици; џудезмо (шпански) фрнцуски, грчки и турски. По завршувањето на воениот рок останува во Белград и учествува во тамошните мартовските демонстрации во 1941 година. Се приклучува во илегалниот отпор, извршува задачи кои му биле доверени од партијата, а добива и задача да ги организира Евреите од Белград кои живееле на Дорќол. Во август 1941 година се приклучува кон Посавскиот партизански одред на чие чело бил Коча Поповиќ. Бил учесник во Ужичката република и познатата битката на Кадињача. Оттаму е пратен повторно во илегала, во Белград за да ги организира ќелиите на отпорот и да мобилизира луѓе да се приклучат во ослободителната борба. Фатен е во декември 1941 година и испратен во логорот на Бањица (Белград), а оттаму во логорот Маутхаузен во Австрија. На Бањица е ѕверски мачен за да признае дека е Евреин, но ниту тој ниту соборците кои биле фатени со него не кажале дека тој е Евреин. Во Матхаузен е испратен како партизан под името Петар Чардаревиќ, а не како Евреин. Во 1942 година квинслошката влада на Недиќ ја објавува книгата со наслов „Крвава листа комунистичких злочина“ во која е меѓу другите е наведен и Хајим Садикарио како народен злосторник. „ Тоа се лидерите на српскиот народ кои со сите сили ја буткаат во неповрат и пропаст....олош кој ја погани, окрвавува и уништува херојската и маченичка Србија“ - се вели во книгата. Во јануари 1945 година заедно со други логораши успева да избега од Матхаузен но набрзо бил фатен и вратен во логорот каде и го дочекува ослободувањето. Во логорот Хајим ја запознава и својата идна сопруга Славка. По ослободувањето на Матхаузен на 5 мај 1945 година, се враќа во Битола и не наоѓа ниту еден преживеан од семејството. Веднаш заминува во Белград на повик на КПЈ и се вклучува во изградба на новата држава. Во 1952 година на негово инсистирање пратен е во Скопје како претставник на ИКЛ (Индустија кугличних лежаја), каде и го завршува Економскиот факултет. По доѓањето во Скопје, во пошта, слушнал двајца луѓе како зборуваат џудезмо (јудео еспањол) тоа биле Аврам Садикарио и Исак Таџер. По оваа случка, во 1954 година го повлекува семејството од Белград и сите заедно остануваат да живеат во Скопје. Во 1955 година станува генерален директор на Транс-југ, кое во 1959 година се трансформира во Транскоп, а во 1971 година се преименува во Макошпед. Како директор на Транскоп активно бил вклучен во расчистување и изградба на Скопје по катастрофалниот земјотрес во 1963 година. Бил одговорен за изградба на новата зграда на Еврејската опшина во Скопје. Хајим бил предавач и испрашувач во Стопанската комора на Македонија и го држел испитот за Меѓународен транспорт и транспортно осигурување за кој напишал книга. Тој заедно со Самуел Мизрахи и Бењамин Самоковлија биле во посета на Полска во логорот на смртта Треблинка, и оттаму ја донеле пепелта на македонските Евреи убиени во 1943 година. Урните од Треблинка, денес се наоѓаат во Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите од Македонија во Скопје. Хајим Садикарио - Стрела ги има следниве одликувања: Партизанска споменица 1941 Орден Братство и Единство II ред Орден Заслуги за народот II ред Орден за работа со златен венец Орден за храброст Починал на 14 април 1979 година и е погребан на Еврејските гробишта во Скопје.