ИСАК СИОН

Исак Сион е роден на 16 април 1916 година во Солун, како прво машко дете во семејството. Потекнува од родители Барух и Мари Сион кои во текот на Втората балканска војна како бегалци емигрирале во Солун кај нивни роднини. Во 1919 година семејството Сион се вратиле во родниот Штип ,каде Барух го продолжил семејниот занает и отворил трговска продавница, додека пак Мари била домаќинка и се грижела за домот и за деца. Основно училиште завршил во Штип, а гимназија во Скопје во 1934 година, по што повторно се вратил во Штип каде работел административни и книговодствени работи во семејниот дуќан. Во тој период бил активен во еврејскиот хор раководен од Бесалел Симангов Асел. Во 1935 година, Исак аплицирал на конкурс за вработување во Државната хипотекарна банка, по што бил примен и распределен во филијала на банката во Љубљана. За време на неговиот престој во Љубљана станал активен член на синдикалното движење и член на КПЈ, а бил и учесник во мартовските протести кои се одржале и во Љубљана, против пристапувањето на Југославија кон Тројниот пакт. Во тој период стекнал познанства со видни личности од Македонија и Југославија, меѓу кои со Љупчо Арсов, во тоа време Мајорот Михајло Апостолски, функционери на КПЈ како Митар Бакиќ и Милован Ѓилас. По нападот на Кралството Југославија Исак Сион најпрво бил мобилизиран во Љубљана, по што на почетокот на април бил испратен во Сараево, а по капитулацијата најпрво се упатил во Скопје кај тетка му Бела Наваро каде што останал околу два месеци и потоа се вратил во Штип каде се вклучил во работата на месниот комитет на КПЈ. По задолжение на месниот комитет на КПЈ, Исак Сион формирал партиска ќелија составена од млади штипски Евреи во која ги вклучил Пепо Леви, Аврам Сион, Исак Леви, Моис Сион и Хаим Леви. Во групата биле вршени обуки за ракување и собирање оружје и воена опрема и подготовки за борба, како и проучување на историјата на СКП. Членовите на оваа ќелија имале задача да формираат подгрупи во кои членувале други 4 до 5 млади Евреи и до 1942 година околу 35 млади Евреи биле дел од Народноослободителното движење во Штип. Во октомври 1941 година под претседателство на Мирче Ацев во Штип бил формиран месниот воен штаб во кој Исак Сион како член бил задолжен за економски прашања. Во утринските часови на 11 март 1943 година Исак бил опфатен со депортацијата на Евреите од Штип, меѓутоа успеал да избега од колоната и да се засолни кај активистот на КПЈ, Фируз Демир. По бегството, Исак Сион преминал во илегала и преку посредници се поврзал со штипјанецот Пепо Леви кој веќе бил заробен во привремениот логор во Скопје, во Монополот. Целта му била да даде насоки за организирање бегство од Монополот и добивање на информации за скриено злато во еврејските куќи во Штип со цел финансирање на НОД. Бегство од Монополот не било организирано, но Пепо Леви успеал да обезбеди информација, по што во повеќе штипски куќи Исак Сион заедно со неколку соработници успеале да пронајдат злато кое послужило за финансирање на отпорот. До април 1943 година Исак престојувал во Штип, по што се дислоцирал во селото Љуботен. На 19 мај истата година, тој успеал да се приклучи кон Вториот плачковички одред „Гоце Делчев“ во близината на Штип и се упатиле кон планината Плачковица, но набрзо одредот бил разбиен по што Исак повторно илегално престојувал во околината на Штип и штипско. На 6 септември Исак Сион се поврзал со шарпланинскиот партизански одред во близина на селото Вратница, Тетово, каде бил назначен за политички комесар и го земал конспиративното име Исток. Кон крајот на февруари 1944 година Исак бил заменик политички комесар на Третиот младински баталјон во состав на Третата македонска ударна бригада и во текот на борбите на бригадата тој бил ранет. Во април 1944 година Исак учествувал во борбите против бугарските окупаторски сили во реонот на Кратово, а преку Осоговските Планини и на планината Плачковица, Огражден, Беласица се до планината Круша во Егејска Македонија. Овие борбени дејствија кои траеле до средината на јуни 1944 година биле во рамките на т.н. Пролетна офанзива. Од страна на неговите соборци Исак бил избран како еден од 116 делегати учесници на првото заседание на АСНОМ одржано на 2 август 1944 година во манастирот „Св. отец Прохор Пчински“. Кон крајот на август Исак Сион како член на Третиот областен комитет на КПМ на Штипско, требал да замине од кумановско кон Плачковица заедно со баталјонот „Стив Наумов“. Во штипско Исак развил политичка дејност со што бил клучен во организацијата на месни народноослободителни одбори во повеќе села. Бил организиран и Обласниот народноослободителен одбор во кој Исак бил член и секретар. На 8 ноември 1944 година Исак бил учесник во ослободувањето на градот Штип, а во декември истата година бил учесник на Второто заседание на АСНОМ во Скопје. По крајот на војната биле создадени окружни комитети, а Исак бил задолжен за струмичкиот комитет. Во април 1945 година Сион бил учесник и на Третото заседание на АСНОМ, по што започнал да работи во поверенството за финансии на НРМ.Во текот на кариерата работел и како генерален секретар на претседателот на владата на НРМ, одговорен уредник на органот на ЦК на КПМ, Вицегувернер на Народна банка на ФНРЈ, претставник на стопанската комора во Лондон и друго. По војната Исак Сион стапил во брак со Љубица Дукоска по што ги добиле двете деца Аврам и Мирјам. Починал во Белград на 28 мај 1995 година. Исак Сион е одликуван со повеќе ордени и плакети:  Партизанска споменица 1941  Орден за заслуги за народот со златен венец  Орден братство-единство со сребрен венец  Орден на трудот  Орден за храброст  Плакета „40 години од одржувањето на АСНОМ“  Плакета на град Белград