Морис Шами

Морис Шами е роден во Битола во 1921 година во Еврејско семејство, најстар од седумте деца на родителите Самуил и Сара Шами. Татко му Самуил бил трговец со текстил и текстилни производи и имал дуќан во близината на Безистенот, во Битолската чаршија. Самуил увезувал текстилна стока од странство, главно преку поврзаноста на заедницата со пристаништето во Солун. Бил еден од ретките кои увезувале демце (DMC), конци за везење и за шиење. Во нивната куќа често се собирало поширокото семејство, на ручеци и прослави по повод разни весели и тажни настани. Уште како гимназијалец активно учествувал во работата на повеќе младински организации. Бил поставен за секретар на младинска ционистичка организација „Хашомер Хацаир“. На состаноците се воделе активни дискусии за одржување на Ладино јазикот и еврејските традиции, за Ционизам и особено за работничкото движење. Морис станал член на КПЈ во 1941 година заедно со бројните млади еврејски активисти. Помогнал во основањето и работата на под-одборот за народна помош. Кон крајот на 1941 година заедно со останатите активни членови на МК собирале помош, пари и потребен материјал за движењето на отпорот. Била обезбедена подршка и за група засолнети прилепски партизани. Во работата на илегалните организации и со подршка за нивните акции учествувале и неговите сестри, Реџина (Нина), Ана и Матилда Шами. Во јунскиот упад на бугарските окупаторски власти во 1942 год Морис бил уапсен со група еврејски активисти. Со Мориц Романо, Виктор Пардо, Аврам Анаф и Ели Фараџи биле мачени во Скопскиот затвор, каде Морис заедно со групата е осуден на долгогодишна затворска казна. Тие биле однесени во Варненскиот затвор, каде што се наоѓале и кога бугарските фашистички окупатори во 1943 год. насилно ги собрале сите Евреи од Македонија и Тракија, и ги испратиле во нацистичкиот концентрационен логор Треблинка. Целото негово пошироко семејство заедно со сите Евреи од Македонија биле однесени во Треблинка – никој не се вратил. Во септември 1944 год. Морис учествувал во бунтот на политичките затвореници во Варненскиот фашистички затвор кога затворениците ги совладале чуварите. Заедно со останатите затвореници се вратил во Македонија и се приклучил на македонските народноослободителни партизански единици. Се приклучил во 4та Македонска бригада, во која како офицер се наоѓал се до ослободувањето. (слика - 4та Македонска бригада, Морис напред со раководството на бригадата, сликано во Струмица во септември 1944 година). Во рамките на завршните операции за ослободување на Македонија, заедно со бригадата, Морис Шами - Митко учествувал во борбите за ослободување на Кочани, Струмица и други населени места од Источна Македонија. По ослободувањето останува на должност во ЈНА, се до неговото прераспределување на повеќе општествени раководни функции каде придонел со неговото познавање на економијата, интерес за општествениот и стопанскиот развој како и познавањето на повеќе јазици. Афинитетот кон јазиците потекнува од домашните околности, каде зборувале на ладино. Во маало и чаршијата зборувал македонски, турски и српскохрватски, а научил хебрејски и француски. За време на војната научил германски и италијански, а подоцна научил уште и грчки и холандски. Морис Шами е еден од основачите на првото македонско Претпријатие за посредување на увоз-извоз „Интеримпекс" — Скопје каде бил поставен за заменик директор. Поради познавање на меѓународната трговија и јазиците со кои владеел, испратен е во Цирих како претставник на Интеримпекс се до 1956 година. По вракањето бил поставен за Секретар на Секретаријатот за стоков промет на Извршниот совет, до 1959 година. Во овој период дава значаен придонес за развојот на меѓународна трговија и увоз-извоз на Македонија кои му стануваат основна дејност. Како докажан образован кадар на полето на стопанството и трговијата назначен е за Главен секретар на Трговската комора на Народна Република Македонија, 1959 – 1963 Скопје. Веднаш по земјотресот во Скопје, откако се направени првобитните напори за санирање на трагедијата, испратен е на должност Директор на Југословенската слободна зона во Солун 1963-1968. По повратокот од Грција повторно се вратил во Стопанската комора на Македонија како Потпретседател. Во таа функција учествува во работата на разни владини комисии и совети кои работат на трговија и унапредување на стопанството:

  • Комисијата за прашања на односите со странство на Собранието на СР Македонија
  • Советот за следење на странските вложувања во СР Македонија
  • Стручен совет за прашањата на надворешнотрговскиот и девизниот систем на Извршниот совет Во 1972 заедно со сопругата Вера и децата Здравко, Јоцо и Драги, се сели во Амстердам, Холандија каде бил поставен за Претставник на Стопанската комора на Југославија. Служејки еден мандат Морис Шами ги промовирал производите и трговијата на Холандија со Југославија, а особено со Македонија. Откако се вратил од Холандија, се формира Самоуправната Интересна Заедница за економски односи со странство на СР Македонија, каде бил назначен за претседател на СИЗ. До крајот на кариерата и пензионирањето, работел на поттикнување на извозното производство како и на распределба на девизните средства остварени преку извоз. Во собранието на СИЗ-от биле застапени претставници на сите увозно извозни претпријатија на Македонија. За своите заслуги за време на војната, но и за неговиот придонес во развојот на заедницата и општеството, Морис Шами добил повеќе признанија и ордени, меѓу кои и следните одликувања: ❖ Партизанска споменица 1941 год. ❖ Орден за братство и единство од втор ред 1948 год. ❖ Орден на трудот со златен венец 1959 год. ❖ Орден заслуги за народ со златна ѕвезда 1981 год.