Одржан едукативен семинар за професори по историја „Холокаустот како почетна точка: споредување и споделување II“

Во периодот од 10-12 декември 2018 година во Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите од Македонија се одржа едукативен семинар со наслов „Холокаустот како почетна точка: споредување и споделување II“. Семинарот беше наменет за професори по историја од основни и средни училишта. Овој годишен семинар беше во организација на Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите од Македонија и Меморијалниот центар на холокаустот од Париз, Франција.

На семинарот земаа учество 38 професори од Република Македонија и Република Грција. Тие имаа можност да ги прошират своите знаења за холокаустот, геноцидот и масовните убиства, да учат од проминентни професори како што се Васили Рицелеос од Универзитетот во Солун, Мишо Докмановиќ од Правниот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, Милован Писари од Центарот за историја во Белград, Тал Брутман и Адриана Ескобар од Ecole des Hautes Etudes en Sciences Sociales, Надеге Регару, Александра Патрикој од Еврејскиот музеј во Атина, Џоел Котек од Универзитетот во Брисел, како и да учествувуваат во работилници каде што ги споделуваа методите и практиките кои ги применуваат во едукацијата на учениците за холокаустот.