Одржан семинар на Меморијалниот центар на холокаустото на Евреите од Македонија и Centropa

Заврши дводневниот викенд (14-15.11) семинар на Меморијалниот центар на холокаустото на Евреите од Македонија и Centropa за наставници од западниот Балкан. Годинашниов семинар беше со тема: “Изучување на сензитивна историја: Образованието за холокаустот и историјата на Балканот од 20-тиот век”. Семинарот беше одржан преку Zoom видео конференција, а учество зедоа 50 наставници од Северна Македонија, Србија, Босна, Словенија и Хрватска. По воведните обраќања на Горан и Садикаријо (Меморијален центар на холокаустот нa Евреите од Македонија), Едвард Серота и Фабиан Руле (Centropa) и Амбасадорот на Австрија во Северна Македонија, Георг Вуцас, наставниците беа поделени во помали конференциски Zoom групи и ја започнаа првата интерактивна работилница.

Освен работилници беа реализирани и презентации на едукативни програми и алатки. За едукативните програми на Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите од Македонија зборуваше Горан Садикаријо. За тоа како да се изучува историјата од западниот Балкан на 20-тиот век преку користење на еврејските семејни приказни, Фабиан Руле ја претстави едукативната онлајн програма на Centropa и мултимедијалните алатки за едукаторите од Балканот. Координаторот на Centropa за Северна Македонија, Даниела Штерјова, ја водеше виртуелната тура низ дигитална изложба, www.lostsephardicworld.org

Она што најмногу им користеше на наставниците беа презентациите кои тие ги подготвија, а се однесуваа на примена на дигиталните алатки за поврзување на наставниците и учениците од западниот Балкан и составување на проекти за меѓународна соработка. Една таква интерактивна работилница одржаа Бранка Димеска, наставник по историја од Скопје и член на Советодавното тело за техничка поддршка на Centropa и Мирна Ковачиќ, наставник по историја од Хрватска. Учесниците научија како да состават историска временска линија (timeline) за филмовите на Centropa преку користење на онлајн образовни алатки.

Онлајн предавање на тема: „Мултиетничкото културно наследство на западниот Балкан – предизвици и можности“ одржа Игор Кожемјакин од Еврејска заедница во Сараево, а Маријан Мишиќ, наставник по српски јазик и литература од Ниш, направи презентација за тоа како го применил филмот „Опстанок во Сараево“ во наставата. Богата со информации презентација за логорите во Белград имаше наставникот Синиша.

Последна презентација имаше наставничката по англиски јазик Изабела Узуноска Црнеска од нашава земја која зборуваше за проектот „Историјата на Евреите од мојот град“. Таа со своите ученици изработиле дваесет минутен филм во кој учениците ја интервјуираат ладион пеачката Сара Ароести по потекло од Битола од семејството Ароести Нахмијас. Таа ја раскажува приказната за нејзината роднина Рашел Нахмијас која го преживеала холокаустот благодарение на албанскиот конзул кој ја сокрил во багажникот од неговиот автомобил и ја пренел во Албанија.

Семинарот беше оценет како мошне корисен и успешен. Алатките, приказните и контактите кои учесниците ги разменија ќе им овозможат поуспешно да ја реализираат темата холокауст на своите наставни часови.

Семинарот се одржа со поддршка од Friedrich Ebert Stiftung и Австриската амбасада во Скопје.