Отворена изложбата „Депортација на Евреите од Македонија во Треблинка – 1943“ во Музејот во Треблинка

Делегација од Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија и Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите од Македонија на 3 април 2016 година (недела) во 12 часот, свечено ја отвори изложбата „Депортацијата на Евреите од Македонија во Треблинка – 1943“ во Музејот во Треблинка, Република Полска. Изложбата е дело на Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите од Македонија, а нејзиното претставување за пошироката јавност во Република Полска беше во организација на Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите од Македонија, Амбасадата на Република Македонија во Варшава и Музејот во Треблинка. На свеченото отворање поздравен говор одржаа директорот на Музејот во Треблинка, Едвард Коповка, вршителот на работи во Амбасадата на Република Македонија во Варшава, Горица Атанасова – Ѓоревска, како и заменик претседателот на Управниот одбор на Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија, Мартина Антиќ. Меѓу гостите, на отворањето на изложбата присуствуваа амбасадорот на Босна и Херцеговина во Варшава, претставници од Амбасадата на Украина во Варшава, претставници од Амбасадата на Република Бугарија и Бугарскиот културен центар во Варшава, како и високи претставници од локалната самоуправа. По свеченото отворање, делегацијата во име на Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија и Еврејската заедница во Република Македонија положи свежо цвеќе пред споменикот на жртвите на холокаустот од Македонија (камен со натпис МАКЕДОНИЈА), како и пред главниот споменик на жртвите од Треблинка. Пред главниот споменик, положија цвеќе и претставниците од Амбасадата на Република Бугарија и Бугарскиот културен центар во Варшава. Во чест на жртвите на холокаустот, локалниот рабин Џошуа Елис ја кажа Молитвата за Шоа (холокауст), како и молитвата Ел Мале Рахамим.

Оваа изложба ќе биде достапна за јавноста два месеци во Музејот на Треблинка.