Промовирана книгата „Фениксот на непокорот“ од Виктор Габер

На 24.12.2019 година во Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите од Македонија беше промовирана книгата „Фениксот на непокорот“ од Виктор Габер. Во книгата авторот го опфаќа периодот од населувањето на Евреите на Балканот, распадот на Отоманската Империја и еврејското прашање во Македонија, преку холокаустот и победата над фашизмот, за да потоа се фокусира на повоеното организирање на Евреите со посебен акцент на обработка на ликот на првиот претседател на првата повоена Еврејска општина - Ѓорѓи Блајер. Како завршница на трудот на Виктор Габер е последното поглавје во кое е обработена улогата на Еврејската заедница во македонското општество со што се копмлетира целосната слика за судбината на опустошената заедница и нејзиното повторно возобновување. На присутните им се обратија Горан Садикаријо - директор на Фондот на холокаустот и Берта Романо Николиќ - претседател на Еврејската заедница во Македонија. За книгата зборуваа амбасадорот Јован Теговски и Проф.др. Мишо Докмановиќ. На крај од промоцијата се обрати и авторот Виктор Габер. Книгата е во издание на Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија, а по повод 75 години од обновувањето на работата на Еврејската заедница во Македонија.