РАФАЕЛ ЖОЗЕФ БАТИНО

Рафаел Жозеф Батино е роден на 14 јануари 1910 година во Битола. Потекнува од имотно еврејско семејство од татко Жозеф Батино и мајка Ребека Колономос. Основното образование го завршил во родниот град, по што се запишал на францускиот лицеј кој го завршил со одличен успех. По завршувањето на средното oбразование, татко му го испратил кај нивни роднини во Мексико каде Рафаел го продолжил образованието на мексиканскиот технички универзитет а по инсистирање на татко му тој го изучувал и трговскиот занает. Со оглед на тоа дека Рафаел не се интересирал за трговија, приходи обезбедувал преку држење часови по математика во средни училишта во Мексико, што му дало можност да ги сфати општествените прилики и положбата на работниците во општеството. Ова било пресудно да се вклучи во работникото и комунистичкото движење и станал член на марксистичкиот кружок на техничкиот факултет. Овие негови активности и ангажирање не останале незабележани од полицијата во Мексико која водела борба против комунистичкото движење, па така откако била регистрирана неговата дејност и бил откриен му бил откажан престојот во земјата и како опасен комунист во 1934 година бил протеран од Мексико. По враќањето во Битола, Рафаел го продолжил ревулуционерното делување за остварување на целите за кои се определил и одржувал предавања на разни теми. Во овој период се занимавал и со волонтерска работа во „Клубот на пријатели на Франција“ што му овозможило под плаштот на предавањата за француската литература да шири марксистички идеи и да пропагира борба против надоаѓачкиот фашизам и нацизам. Тој постојано одржувал контакти со битолската еврејска младина и поттикнувал развивање дејност против мерките на диктаторскиот југословенски режим. По влијание на Рафаел, и неговата сестра Жули Батино ги прифатила левичарските идеи и станала претседател на организацијата на жените во Битола „WIZO“ (Women`s International Zionist Organization / Женска интернационална ционистичка организација). Преку оваа организација со посредство на Рафаел биле собирани донации и прилози за борците во шпанската граѓанска војна. Поради приликите во семејството и ненадејната смрт на таткото Жозеф Батино, Рафаел нашол работа и се преселил во Скопје, додека неговата мајка и двете сестри Жули и Еми заминале во Загреб. Во Скопје, Рафаел се вработил во еден од осигурителните заводи, притоа се поврзал со комунистичката партија и активно се вклучил во создавањето партиски комунистички ќелии, нивно оспособување и омасовување со нови активисти, едукација на партиски кадри и друго. Предвоеното Скопје било центар на економскиот живот, а економските прилики во Кралството Југославија придонеле за развој на синдикалното движење и предизвикале бран на штрајкови, а Рафаел Батино несомнено бил дел од целата оваа активност. Во неговиот дом редовно се одржувале илегални состаноци на истакнати комунисти од Скопје. Во 1936 година, во скопската партиска организација се случило разбивање, по што полицијата ја открила револуционерната активност на Рафаел, и по извршен претрес во неговиот дом каде биле запленети компромитирачки материјали поврзани со комунистичката активност, Рафаел бил испратен во затворот во Сремска Митровица. Во тоа време во затворот во Сремска Митровица режимот ги прибирал и сместувал политичките противници на кралскиот режим. Па така, во исто време покрај Рафаел Батино, во затворот истовремено престојувале и други видни активисти на Комунистичката партија на Југославија, како Моша Пијаде, Родољуб Чолаковиќ, Страхил Гигов, Бане Андреев и др. Затворот сепак не ги сменил политичките убедувања на Рафаел, а преку контактот со другите затвореници само ја зацврстила неговата револуционерна марксистичка определба. Рафаел како полиглот бил активно вклучен во преведување на „Капиталот“ на Маркс на македонски јазик како и друга левичарска литература. Заради целокупната негова политичка активност во затворот често бил жртва на сослушувања и измачувања при што се здобил и со траен инвалидитет на десната нога. По распадот и капитулацијата на Кралството Југославија во април 1941 година, затворот во Сремска Митровица потпаднал под усташка управа на Независната држава Хрватска-(НДХ), а нивната намера била предавање на левичарските затвореници на Гестапо. Ова ги поттикнало затворениците летото 1941 година да организираат бегство од затворот и да се префрлат на Фрушка Гора и да се вклучат во составот на Посавинскиот партизански одред, а од таму на слободната територија во Ужице. Рафаел Батино не бил здравствено способен да се вклучи на терен во партизанските единици, па бил упатен да извршува политички активности во заднина на територијата на Санџак. По неговото пристигнување во Нова Варош, Рафаел бил именуван за член на околискиот комитет на КПЈ. Овде тој го превземал идентитето Миша Цветковиќ по кој бил познат до крајот на војната и многу години потоа. Набргу потоа, од член бил именуван за секретар на околиски комитет на Нова Варош, а на 23 мај 1942 година со одлука на ГШ на НОВ на Србија бил именуван за политички секретар на областниот комитет на КПЈ за Санџак. На 9 јули 1942 година при извршување на партиски задачи, Рафаел Батино заедно со други соборци бил заробен од страна на четничкото движење и бил предаден на италијанските фашистички сили. На 12 јули 1942 година во градот Плевље во Црна Гора, Рафаел Батино и неговиот соборец Вељко Кожиќ биле стрелани. За време на учеството во партизанските единици Рафаел Батино работел под псевдонимот Миша Цветковиќ и никој од неговите соборци не го знаел неговото вистинско име, ниту потекло, па дури и на спомен плочата на загинатите во Плевље бил означен со името Миша Цветковиќ. Дури во текот на 1975 година во весникот „Политика“ била објавена истражувачка статија со која конечно бил откриен вистинскиот идентитет на Миша Цветковиќ, односно Рафаел Батино.Улица во населбата Хром го носи неговото име.