Република Северна Македонија примена како придружена членка во Меѓународната алијанса за сеќавање на холокаустот

На пленарните состаноци на Меѓународната алијанса за сеќавање на холокаустот (ИХРА) кои се одржаа во периодот од 2-5 декември 2019 година, во Луксембург, едногласно беше усвоена одлуката за подигнување на статусот на Република Северна Македонија од земја набљудувач, во придружена земја, а како преодна фаза кон полноправно членство. Делегацијата на Северна Македонија предводена од амбасадорот Јован Теговски, Национален координатор за ИХРА, ја претстави апликацијата во која што се посочени резултатите и активностите во областите на сеќавањето, образованието и истражувањето на холокаустот во нашата земја. Апликацијата беше мошне позитивно оценета од државите членки на ИХРА и беа искажани највисоки оценки за напорите и реализираните активности во овие области. Северна Македонија во текот на фазата која ќе води кон полноправно членство, согласно правилата на ИХРА, се определи за Република Грција и Република Австрија како за држави ментори. На пленарните состаноци, помеѓу другото, беше донесена одлука за прием на Португалија во полноправно членство во ИХРА и беше усогласен текстот на министерската декларација на ИХРА по повод 20 години од Стокхолмската декларација. Меѓународната алијанса за сеќавање на холокаустот е меѓу-владина организација која претставува платформа каде што претставниците на владите на нејзините земји членки, национални и меѓународни експерти разменуваат идеи и искуства во врска со политиките и конкретните активности на планот на сеќавањето, образованието и истражувањето на холокаустот. Организацијата добива се позасилена улога во меѓународни рамки и претставува силен институционален механизам во справувањето со се почестите појави на антисемитизмот, негирањето и искривоколчувањето на холокаустот, говорот на омраза, дискриминацијата, ксенофобијата, расизмот и др. Во ИХРА членуваат 34 држави, најголем број земји членки на ЕУ, како и САД, Израел, Канада, Аргентина, Австралија и др. Подигнувањето на статусот на Република Северна Македонија во ИХРА претставува валоризирање на политиките на Владата и воопшто нејзиниот ангажман во полето на сеќавањето, образованието и истражувањето на холокаустот, борбата против антисемитизмот, негирањето на холокаустот и другите форми на кршење на човековите права.