Жаклина Мучева: Иако приказната на Ана Франк е трагична, таа носи силна порака за животот

Светот денеска одбележува 90 години од раѓањето на Ана Франк, еврејското девојче кое две години со семејството се криеше од нацистите во стан во Амстердам, за пред крајот на Втората светска војна нејзиното семејство да биде откриено и однесено во концентрационен логор. Ана Франк не ја преживува војната, но нејзиниот Дневник го прочитаа многу генерации.

За важноста на „Дневникот на Ана Франк“, зборуваме со Жаклина Мучева, раководителка на Сектор за истражување, документирање и архивирање во Меморијален центар на холокасут на Евреите од Македонија.

На 12 јуни 2019 навршуваат 90 години од раѓањето на Ана Франк. Зошто е важно нејзиното дело и што значи „Дневникот на Ана Франк“ за еврејската заедница, но и за светот воопшто?

Ова е незавршена книга која зборува за време на масовно понижување и уништување на еврејската заедница. Овој младешки дневник станува светска класика во која се опишани ужасите на војната, мизеријата на човечкото опстојување во не соодветни услови на секојдневно битисување, ова е моќен потсетник и буквар за едно минато време кога владеела идеологијата на масовна омраза и геноцид. Не знаејќи дека зад себе остава жив сведок, безвремена книга, Ана е херој на своето време. Нејзините записи за промените кои настанувале кај осумината кои две години се криеле, заробени на таванот, живејќи во постојан страв и изолираност е опомена за сите луѓе. Со читањето на оваа книга секој треба да стане свесен за најголемото воено зло и деградација на човечкиот дух.

Зошто е важно младите луѓе да го прочитаат „Дневникот на Ана Франк“?

„Дневникот на Ана Франк“ е многу податлива книга за обработка бидејќи можат да се разработат разновидни теми и да се испратат повеќе пораки. Дневните записи во дневникот упатуваат на размислување, дискусија, формирање став и мислење, а сето тоа децата постари од 12 години треба да го научат. Значи книгата ќе ги научи како да расудуваат и создаваат свое мислење. Секако наставникот е клучниот фактор во насочувањето на ученикот. Затоа тој треба да го извлече максимумот од книгата и да даде насоки како да се обработува. Преку дневникот тие можат да ги поврзат знаењата од неколку предмети. Со учениците може да се зборува за околностите кои ги натерале Франкови да заминат од Германија во Холандија и да се сокријат на таванот. Потоа за третманот на нацистите кон Евреите за време на Втората светска војна. Како влијалел стресот на луѓето кои заедно со Ана се криеле на таванот, како се однесувала Ана кон мајка си , а како кон татко си. Емоциите на еден тинејџер во услови во кои живеат осумината од книгата. Иако приказната на Ана Франк е тажна и трагична, таа сепак носи силна порака за животот воопшто – и покрај ризикот, сепак треба да си помагаат луѓето меѓусебно, треба да се биде човек и секому да се помогне. Ете затоа оваа книга задолжително треба секој ученик , а и возрасен, да ја прочита.

Ана запиша „Големината на човекот не лежи во богатството и моќта, туку во карактерот и добротата. Луѓето се само луѓе и сите луѓе имаат маани и недостатоци, но сите се раѓаме добри.“

По речиси 9 децении од холокаустот, сеќавањата за него бледнеат. Што е потребно за луѓето да ја разберат големината на ова немило случување, во насока да се превенира неговото повторување?

Последиците од војната и нивното влијание врз животот на Евреите се толку длабоки , што денес, после 76 години не можат во целост да се согледаат. Големите човечки жртви и нивнта страшна голгота се видливите траги од тој период. Холокаустот ја измени сликата на еврејскиот народ во светот. Денес три генерации после холокаустот, бројот на Евреи во светот е сличен со бројката пред почетокот на Втората светска војна. За младата генерација, која не живеела во време на холокаустот, симболот Аушвиц се претвори во заканувачка опомена. Холокаустот докажа дека модерниот човек, без оглед на културолошкиот, научниот и технолошкиот напредок, не стана по толерантен. Во услови на криза, врз човекот лесно делуваат екстремистичките идеологии и неконтролираниот групен егоизам. Затоа на учениците треба да им се дадат образовни насоки кои ќе бидат добар патоказ за надминување на предрасудите. Преку образованието треба да градиме интелектуално и морално здрави личности, ослободени од предрасудите на минатото, со здрави погледи на иднината. Темата за холокаустот е одличен пример.

А што треба да се преземе за да не се повторат ваквите приказни?

Темата холокауст им помага на луѓето, па и на учениците, да ги надминат предрасудите и е прв чекор во борбата со дискриминацијата. Анализирајќи го овој период правилно, според дадени стручни инструкции, ќе ги натера учениците да размислуваат за актуелните прекршувања на човековите права и ќе го иницира прашањето, дали може да се повтори холокаустот врз некој друг народ? Можниот геноцид, како појава во новото време може да се спречи само ако се учи лекцијата од минатото. Секако дека едукацијата не треба да содржи застрашувачки моменти кои би биле шок за учениците, туку едноставно да се најдат патишта за да се објасни што се случува кога една нација слепо го следи лидерот и ги прекршува конвенционалните морални норми.

Пред неколку години во Скопје беше отворен Меморијалниот центар на холокаустот на Еврите. Кој го посетува овој центар и колку често во него доаѓаат ученици?

Поголемиот број посетители се туристи, но за пофалба е иницијативноста на училиштата за посета на Меморијалниот центар. Отворени сме за сите посетители. Будењето на свеста, сензибилизирањето на јавноста, едукацијата и самообразувањето со алтернативните облици на учење, се основните задачи на музејот воопшто. Затоа за да биде успешен еден музеј, не се битни бројките на посетители , туку колку еден музеј активно учествува во креирањето на јавната свест, во колкава мера е покренувач на нови идеи, иницијативи и активности.

Во текот на учебната година учениците организирано со своите наставници го посетуваат Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите од Македонија. Тие добиваат соодветна основа по предметите историја и граѓанско општество, па кога ќе дојдат да ја видат музејската поставка нивното знаење се надоградува. Несомнено, повеќе од сигурно е дека потребата од едукација за холокаустот им е потребна на учениците, но и на наставниците. Ним им треба стручно усовршување со кое ќе добијат правилни насоки и сознанија за едуцирање од областа холокауст. Треба да се охрабрат и да го преземат овој предизвик и одговорна задача , за да можат веродостојно и соодветно на возраста на децата да ги пренесат настаните кои се дел од историјата, а се темелат на вистини. Ние во Меморијалниот центар сме подготвени да понудиме едукација и за учениците, но и за наставниците. Мисијата на музејот е да пренесува знаења и искуства, да комуницира, а сето тоа да биде двосмерно. Тоа значи публиката, посетителите учат од музејот, но и тој од нив, препознавајќи ги нивните потреби. На тој начин ја чуваме активна меморијата, не само на Ана Франк, туку на сите Ани кои веќе ги нема. Затоа ќе завршам со извадок од „Дневникот на Ана Франк“:

„Не сакам залудно да живеам, како повеќето од луѓето. Сакам да бидам корисна и да донесам задоволство до сите луѓе, дури и до оние кои никогаш не сум ги запознала. Сакам да продолжам да живеам и после смртта!“

Ѓ.Б.