КОМЕМОРАТИВНА ВЕЧЕР ВО МЕМОРИЈАЛНИОТ ЦЕНТАР НА ХОЛОКАУСТОТ НА ЕВРЕИТЕ ОД МАКЕДОНИЈА


Во Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите од Македонија се одржа комеморативна вечер на која присуствуваа претседателот на државата Стево Пендаровски, премиерот Димитар Ковачевски, министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска, претставници на дипломатскиот кор, претставници од верските заедници, претседателот на Еврејската заедница Пепо Леви, членови на Еврејската заедница и други гости.
На комеморативната вечер обраќања имаа претседателот на државата Стево Пендаровски и амбасадорите на Израел и САД во земјава, Н.Е.Симона Франкел и Н.Е. Кејт Мари Брнз, а видео обраќање имаше и Ендру Бејкер, директор за меѓународни еврејски работи во Американскиот еврејски комитет и претседател на Меѓународниот советодавен совет на ФХЕМ. Присутните ги поздрави и претседателот на Еврејската заедница Пепо Леви и директорот на Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија Горан Садикаријо, кој ја отвори изложбата „Живот“ од авторот м-р Жаклина Мучева, посветена на преживеаните Евреи кои ја возобновија заедницата и придонесоа во градењето на повоената држава.
Претседателот на државата Стево Пендаровски на комеморативната вечер за депортираните 7.144 македонски Евреи во логорот на смртта Треблинка рече:
„Мора да се спротивставиме на секој обид за ревизионизам и негирање на вистината за холокаустот, но и на секоја форма на омраза кон различните од нас. Ние сме особено горди на нашите сограѓани Евреи затоа што тие сите нас нѐ потсетуваат на конечната победа на животот над уништувањето и на сеќавањето над заборавот. Затоа ние одбираме да се сеќаваме за да не ни се повтори.“
Пендаровски истакна дека на неодамнешниот Меѓународен форум за холокаустот во Малме, Македонија се обврзала во наставната програма за основното образование да вклучи содржини што ќе го адресираат антисемитизмот и негирањето на холокаустот.
„Како држава се обврзавме, да организираме и задолжителни посети на Меморијалниот центар од сите ученици од основното и средното образование.“
Шефот на државата порача дека мора да се сеќаваме на жртвите на холокаустот и „да не заборавивме дека секој од тие 7144 е човек со име и презиме, со вродено и неотуѓиво човеково достоинство“.
Амбасадорката на Израел, Симона Франкел, во обраќањето рече дека македонските Евреи во Битола, Штип и Скопје пред депортацијата имале мирен живот, богат со нивната култура и традиција.
„Тие уживале во слободата да ја практикуваат својата религија, што им било овозможено од заемно почитување на околните заедници. За жал, на сето ова ненадејно му дошло крај. Северна Македонија изгубила најголем дел од своите Евреи од која било земја во светот. Дури 98 проценти од нив биле сотрени во холокаустот и никогаш не се вратиле дома. Потомците на тие еврејски заедници кои живеат во Израел до ден-денес продолжуваат да го чуваат споменот на своите предци и одржувајќи ја нивната врска со Северна Македонија тие го обезбедуваат наследството на оние што повеќе не се меѓу нас“ – рече Франкел.
Амбасадорката на САД Кејт Мари Брнз порача дека борбата против негирањето и искривувањето на холокаустот бара повеќе од зборови и мисла, бара акција, не само од властите, туку и од обичните граѓани.
„Никогаш не смееме да дозволиме историјата од пред 79 години да се повтори. Сега е време да ги покажеме нашите вредности на хуманост и почит, време е да се стави крај на антисемитизмот и да се отфрли негирањето и искривувањето на холокаустот. Овие деструктивни, дрски наративи служат само сеење раздор и поделба, особено во ова време од витално значење е да се запамети дека религиите, етничките припадности и културите кои го сочинуваат ткивото, не само во Северна Македонија, туку и на нашите пријатели и сојузници заслужуваат да се слават и почитуваат. Антисемитизмот заедно со каква било форма на расизам и ксенофобија нема место во современо општество“ .
Во своето обраќање Ендру Бејкер не ги изостави актуелните случувања во Укарина.
„Овој годишен комеморативен настан, кој ја одбележува депортацијата на над 7.000 македонски Евреи во нацистичкиот логор на смртта „Треблинка“ во 1943 година, се случува во исто време кога сме сведоци на агресивна и неиспровоцирана војна која беснее во Европа. Илјадници луѓе се убиени или ранети, а милиони Украинци станаа бегалци. Како што нè потсетуваат бројни известувачи и коментатори, на вакво нешто не сме биле сведоци уште од Втората светска војна.
Иронично и трагично, еден од првите проектили што Русија ги испука во регионот на Киев за време на оваа војна, падна токму во Бабин Јар, кој се наоѓа во близина на споменикот на холокаустот кој е подигнат таму како знак на сеќавање на убиството на 34.000 Евреи од страна на нацистите, кои беа застрелани и закопани во соседната провалија. Тие убиства се случија во период од два дена во месец септември 1941 година, на почетокот на војната тогаш. Ова беше „холокаустот со куршуми“, кога германската армија која напредуваше ги собираше Евреите во секој град и село додека се движеше кон исток, оставајќи зад себе масовни гробници.“
Директорот на ФХЕМ Садикаријо своето обраќање го почна со споменување на жртвите и нивната депортација од страна на тогашните Бугарски окупаторски фашистички власти.
„Денес, на 79 годишнината од депортацијата на македонските Евреи во центарот за убивање Треблинка во окупирана Полска, кое плански и систематски беше спроведено од тогашните Бугарски окупаторски фашистички власти, си спомнуваме за жртвите и со длабока воздишка кажуваме кадиш за мртвите. Сите овие години го одржуваме сеќавањето на 7.144 македонски Евреи убиени за време на холокаустот, но им одаваме почит и признание и на оние кои пружија отпор. Иако обременети со тежината на судбината на депортираните блиски, со болка од грабежот на нивните домови и имоти, преостанатите Евреи храбро и решително се приклучија кон едниците на Народноослободителната војска за ослободување на Македонија.Тешкотиите, болката, тагата, прогоните, не го расколебаа Еврејскиот народ во намерата да го продолжи животот и да му даде своја нота на посебност.“
Садикаријо во своето обраќање ја истакна и обврската која ја имаат сегашните членови на Еврејската заедница.
„Ние, членовите на Еврејската зедница, со длабоко всадени корени во оваа земја, имаме морална овбрска да ги едуцираме младите генерации за холокаустот, а со тоа да се спротивставиме на сите видови на дискриминација, ксенофобија и антисемиизам. На тој начин допринесуваме за создавање на здраво општество, општество во кое ќе се почитуваат различностите, каде соживотот и почитта кон другиот високо ќе котираат на скалилото на човековите вредности.“
По неговотот обраќање беше отворена изложбата „Живот“. Комеморативната вечер беше збогатена со пригодна музика на гудачко трио.

Секоја помош од Ваша страна е повеќе од добредојдена.

Донирајте за да продолжиме со успешната работа и едукација

MK EN