Заврши дводневниот семинар со наслов „Чудесниот свет на конзервацијата“


Во Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите од Македонија се одржа дводневен семинар со наслов „Чудесниот свет на конзервацијата“. Предавач беше м-р Азра Бечевиќ Шаренкапа - текстилен конзерватор од Националниот музеј на БиХ. Учествуваа 12 конзерватори од нашава земја.
Учесниците научија многу нови работи, видоа нови искуства во конзервацијата и споделија свои сознанија за практичната работа во нашава земја. Предавачот Азра Бечевиќ Шаренкапа која е текстилен конзерватор од Националниот музеј на БиХ, несебично сподели информации и сознанија од нејзината работа, за што учесниците беа искрено благодарни. Една работилница беше реализирана во Музејот на македонската борба каде се работи на конзервација на одредени предмети, па учесниците можеа да видат што и како е сработено. На овој семинар учествуваа 12 конзерватори, дел од нив докажани во својата струка, дел почетници и дел кои допрва треба да почнат со овој вид професија - студенти. За сите семинарот беше убава можност да се потврди меѓусебната соработка , но и да се збогати мрежата на конзерватори кои во иднина ќе соработуваат и разменуваат искуства.
Семинарот е дел од меѓународниот прокет „Едукон“ (EduCon), поддржан од Хедли Траст (Headley Trust) од Кралството на Велика Британија, а во организација на Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија.
Целта на проектот е да се зголеми посетеноста во музеите, за повеќе категории посетители, преку десет обуки и семинари, за музејските професионалци од музеите во Скопје. Во текот на оваа година ќе бидат реализирани семинари на повеќе теми од областа на музејската едукација, маркетинг во музеите, пристапност и инклузија во музеите, интерпретација, развој на публика и др. во соработка со искусни предавачи од Балканот.
Менаџер на проектот „Едукон“ е д-р Ирена Ружин, а координатор м-р Жаклина Мучева.

Секоја помош од Ваша страна е повеќе од добредојдена.

Донирајте за да продолжиме со успешната работа и едукација

MK EN