Отворена изложбата „НОВИ СВЕДОЦИ НА ХОЛОКАУСТОТ“ во Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите од Македонија


Во рамки на одбележувањето на 72 годишнината од депортацијата на Евреите од Македонија, на 10 март беше отворена изложбата „НОВИ СВЕДОЦИ НА ХОЛОКАУСТОТ“ во Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите од Македонија. Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија веќе четири години е дел од меѓународниот проект „Нови сведоци на холокаустот“. Проектот е заеднички потфат остварен со Меморијалниот центар Јад Вашем во Израел и Министерството за јавна дипломатија и еврејска дијаспора на државата Израел.

Изминатите три години, седиште на овој проект беше Македонија, а во 2014 година проектот ги прошири своите граници и беше реализиран во Романија, така што овој пат во проектот се приклучи и Институтот за холокауст студии „Ели Визел“ од Романија.

Ликовната колонија, која освен како цел има создавање на ликовни дела, во себе содржи и едукативна настава посветена на холокаустот и историјата на Евреите од Македонија и Балканот. Буштени, беше градот кој ги отвори своите врати и создаде нови сведоци, нови уметнички дела, кои денеска претставуваат сведоштва посветени на минатото, но со порака за иднината.

Страдањата на еврејскиот народ во текот на Втората светска војна претставуваат дел од оние мрачни настани што човечкиот разум тешко може да ги прифати и да ги разбере, а воедно се водечка приказна и цел за организирање на оваа ликовна колонија преку која создаваме нови раскажувачи, сведоци на холокаустот.

Уметничките дела нѐ навраќаат во грозоморните случувања и чинот од теророт на холокаустот, но секогаш кога ги гледаме ни упатуваат и нова надеж, а освен тоа низ нивните исцртани приказни забележуваме искрена желба и силна порака тоа злосторство никогаш повеќе да не се повтори.


Секоја помош од Ваша страна е повеќе од добредојдена.

Донирајте за да продолжиме со успешната работа и едукација

MK EN