ОДБЕЛЕЖАНИ 80 ГОДИНИ ОД ДЕПОРТАЦИЈАТА НА МАКЕДОНСКИТЕ ЕВРЕИ


Од 9 до 12 март, Во Битола, Штип и Скопје се одбележаа 80 години од денот на депортацијата на 7144 македонски Евреи во логорот на смртта Треблинка. На 11 март 1943 година од дворот на скопски Монопол, 7.144 мажи и жени, деца и старци, во три конвои биле спроведени до железничката станица, натоварени на сточни вагони и депортирани во логорот на смртта, од страна на бугарските окупациска власти.
Под мотото „11 март 1943 – Никогаш повеќе”, во трите градови, се одржа Поворка на живите од која учесниците порачаа дека не забораваат. Поворката ја сочинуваа членовите на Еврејската заедница во нашава земја, а дел од поворката во Скопје беа и претседателот Пендаровски, премиерот Ковачевски, пратеници од Кнесетот на Израел, претставници на еврејски здруженија од светот, претставници на парламентарни политички партии, на дипломатски кор и гости од Израел. По поворката во Скопје, во Монопол се обратија и положија цвеќе, шефот на државата Стево Пендаровски, вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи, како и претседателот на парламентарната група за пријателство Израел – Северна Македонија, Хамад Амар. Обраќања имаа и Ернест Херцог од Светскиот еврејски конгрес, Мариа Багдасарова од Европскиот еврејски конгрес и Пепо Леви, претседател на Еврејската заедница.
Со КАДИШ (молитва), и со полагање венци на спомен обележјето во некогашниот Монопол во Скопје им се оддаде почит на жртвите, а делегациите положија цвеќе и на еврејските и партизанските гробишта во Бутел.
Во Меморијалниот центар на Холокаустот на Евреите беше отворена изложбата „Македонија памети. Никогаш да не се заборави!“, подготвена е од страна на Државниот архив на Северна Македонија во соработка со Институтот за национална историја од Скопје. Изложбата се состои од 19 паноа на кои се прикажани над 200 фотографии и архивски документи од Државниот архив на РСМ и неговите подрачни одделенија во Скопје, Битола и Штип, од Музејот на Македонија, Заводот и музеј Штип, Еврејскиот историски музеј во Белград и Централниот државен архив во Софија.
Во рамките на одбележувањето, во Националната опера и балет се држа комеморативен концерт. Свое обраќање во НОБ имаа премиерот Димитар Ковачевски, амбасадорката на Израел, Симона Франкел, претседателот на Еврејската заедница Пепо Леви и претседавачот на Американскиот еврејски конгрес, рабин Ендру Бејкер.
Во Штип беше промовирана книгата „Евреите во Штип“ од Мишо Китаноски, делегациите положија цвеќе на споменикот на Евреите во Штип, а беа посетени и Еврејските гробишта. Во Штип присуствуваа амбасадорот на Германија во Република Северна Македонија, претставници на ОБСЕ, високи дипломатски претставници во земјата, потоа гости од Израел, пратеници во Собранието на Република Северна Македонија и претставници на државни и локални институции.
Од споменикот на жртвите на холокаустот во некогашното еврејско маало до железничката станица во Битола се одржа поворка на живите, пат што утрото на 11 март 1943 година, го минаа пешки битолските Евреи пред да бидат депортирани со вагони до Скопје, а потоа до логорот Треблинка. Во нивни спомен, учесниците во поворката на пругата положија цвеќе и камчиња со имињата на еврејските семејства кои никогаш не се вратија дома. Пригодна програма и обраќања имаше во Офицерскиот дом во Битола, каде што беше отворена и изложбата на фотографии „Битолски Евреи – борци против фашизмот за слобода“ во организација на Сојузот на борци од овој град.
Настаните за одбележување на 80 годишнината од депортацијата на македонските Евреи беа поддржани од неколку основни и средни училишта од Скопје, Битола и Штип.
Настанот беше под покровителство на Владата, а во организација на Еврејската заедница во земјава и Фондот на Холокаустот.

Секоја помош од Ваша страна е повеќе од добредојдена.

Донирајте за да продолжиме со успешната работа и едукација

MK EN