50 наставници од Србија, Албанија и Македонија учествуваа на трилатералниот едукативен семинар „Холокаустот како појдовна точка“ кој се одржа во Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите од Македонија.
Во воведните обраќања на националните координатори беше истакната улогата на наставниците во едукација на теми поврзани со холокаустот. Особено беа потенцирани различните историски наративи во земјите од регионот кои многу често продуцираат различни контра-наративи. Токму затоа и се организираат вакви семинари на кои наставниците ќе се едуцираат за да можат да го унапредуваат процесот на образование на младите генерации, особено кога станува збор за еден од најтрагичните настани од современата човекова историја – холокаустот.
Агендата на семинарот вклучуваше работилници, предавања, посети. Беа обработувани теми за фалсификување на историјата и искривување на холокаустот, како да се справат со теории на заговор, родово насилство во холокаустот, европска соработка во рамки на холокаустот.
Беа одржани и работилници на кои наставниците активно партиципираа со своите знаења и вештини, а беа презентирани извештаи од наученото од претходниот ден. Активната партиципација на работилниците им даде добар патоказ на наставниците како да работат во училница и кои теми би биле добро да ги обработат. Се работеше на: Терминологија за масовни злосторства, 5 лажни идеи за холокаустот, како да се користат архивски документи и фотографии од холокаустот во училница.
Учесниците го посетија Монополот (местото каде биле собрани Евреите од Македонија и депортирани во Треблинка) и имаа можност да ја видат постојаната поставка во Меморијалниот центар.
Семинарот беше организиран од Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите од Македонија и Меморијал де ла Шоа од Париз.