„По повод денот на Холокаустот на македонските Евреи и 60 години од нивната депортација во логорот на смртта Треблинка, на 11 март во Народниот театар Битола премиерно ќе биде изведена претставата „Спилиони“ од Томислав Османли, во режија на Димитрие Османли.
Дејството се случува во Битола, во пресрет и за време на Втората светска војна и ја содржи приказната за трагичната судбина на 18-годишната Еврејка Рашела.
„Иако е раскажана низ една еврејска тема, низ една холокауст приказна, Спилиони е, всушност, универзална драма за човечките судбини во времето на војната. На тој пат во кој се релативизираат, се иронизираат и се ирационализираат национализмот и шовинизмот како првични идеолошки подготовки за воените страдања, `Спилиони` започнуваат како идилична слика на една питома граѓанска, мултинационална од ликови, толку типична за Македонија и толкку особена за Битола од тоа време“, истакнува режисерот Османли. Според него, претставата не е етно-драма посветена во прв ред на еврејското, но и на кое било етничко страдање или трагичен бит, туку таа е обид да се отслика мултинационалноста на човечкото страдање во трагичните услови на војната.
Иако е дел од официјалната програма за одбележување на тревожниот јубилеј на исчезнувањето на 7.200 македонски Евреи, претставата `Спилиони` не е пригоден, туку уметнички репертоарски чин“, смета режисерот.
Валентина Грамосли го толкува ликот на Рашела, а во останатите улоги ќе настапат Михајло Петровски, Јоана Поповска, Сашо Огненовски, Мартин Мирчевски, Томислав Карајанов, Петар Мирчевски, Петар Горко, Душко Јовановиќ, Слободан Степановиќ, Борис Чоревски, Сребре Ѓакоски, Радојка Димеска и Мирослав Лазаревски.
Сценографијата е на Валентин Светозарев, костимографијата на Благој Мицевски, а музиката на Миодраг Нечак.
Преземено од: Вечер, 7 март 2003