„Верските обичаи и културната традиција на македонските Евреи – раскажувања низ предмети и фотографии“, автор: Лилјана Лазаревска Мешковска
Изложбата опфаќа предмети поврзани со еврејската религија, а со тоа и со културата што произлегла од неа. Дополнета е со фотографии кои ги прикажуваат семејниот живот, заедницата и културните особености од 20. и 21. век, што ѝ даваат дополнителна динамичност. (Изложбата може да се изнајмува)
„Д-р Александар Сингер, народен лекар“, кустос: м-р Жаклина Мучева
Изложбата ги обработува животот, професионалната работа и хуманоста на д-р Александар Сингер како омилен народен лекар. Се состои од предмети што ги користел во различни периоди од својот живот. (Изложбата не може да се изнајмува)
„Мириса на пандишпан – сефардската кујна на Евреите од Македонија од населувањето до денес“, автор: м-р Жаклина Мучева
Оваа изложба прикажува што јаделе Евреите во минатото, што јадат денес и зошто. На паноата е претставена храната за секој еврејски празник, придружена со традиционален рецепт за соодветната прилика. (Изложбата може да се изнајмува)
„Аушвиц – место на Земјата: Албум со фотографии од Аушвиц“
Изложбата ја прикажува единствената позната визуелна документација за пристигнувањето на транспорт со Евреи во Аушвиц-Биркенау. Подготвена и продуцирана е од Секторот за патувачки изложби при Одделот за музеи во Јад Вашем. (Изложбата може да се изнајмува)
Тактилна изложба „Еден час“ (One Hour)
На секое пано има тактилна слика на музејски експонат од Меморијалниот центар на холокаустот, проследена со опис на Брајово писмо. Паноата содржат и фотографија и текст за придружниците на лицата за кои е наменета оваа изложба. Координатор на проектот за изработка на паноата беше д-р Ирена Ружин, а тактилните слики ги изработи м-р Јове Парговски. Текстовите ги подготвија м-р Жаклина Мучева и Лилјана Лазаревска Мешковска. (Изложбата може да се изнајмува)
Проект „Наследство и традиција – минатото раскажано денес“, автор: м-р Жаклина Мучева
Во проектот учествуваа ученици од гимназијата „Раде Јовчевски – Корчагин“ и основното училиште „Киро Глигоров“ од Скопје, како и од основното училиште „Стив Наумов“ и гимназијата СОУ „Јосип Броз – Тито“ од Битола. Учениците изработија албуми за еврејски семејства страдани во Холокаустот. Целта на проектот е собирање фотодокументирани вистинити приказни за семејства чии имиња се наоѓаат на депортациските листи. Готовите фотоалбуми се користат како дидактички материјал во Меморијалниот центар, а учениците можат и понатаму да ги истражуваат и надополнуваат. (Изложбата може да се изнајмува)
Изложба „Последниот татнеж во Еврејското маало – фотографски факти низ објективот на Рафаел Алтарас“, кустос: м-р Жаклина Мучева
Изложбата се состои од 14 паноа со фотографии создадени од Рафаел Алтарас. Соединети во една нарација, овие фотографии создаваат слика за животот во еден град и едно маало – некогаш и засекогаш. (Изложбата може да се изнајмува)
Изложба „Мазал тов – еврејските свадби во Македонија меѓу двете светски војни низ фотографии, документи и предмети“, автор: м-р Жаклина Мучева
Содржи 14 изложбени паноа на кои се презентирани фотографии од свадбени церемонии на Евреите од Македонија во периодот меѓу двете светски војни. Посебно атрактивен дел е невестинскиот фустан, наменски изработен за изложбата според дизајн на проф. д-р Јана Манева-Чуповска, визуелна уметница и модна дизајнерка. (Изложбата може да се изнајмува)
Изложба „Живот“, автор: м-р Жаклина Мучева
Посветена е на преживеаните Евреи кои ја возобновија заедницата и придонесоа во изградбата на повоената држава. Се состои од 19 паноа со биографии и семејни фотографии за секоја личност. (Изложбата може да се изнајмува)
Изложба „Откријте го Сефарад“
Изложбата е подготвена од Здружението на еврејски населби во Шпанија „Caminos de Sefarad“ во соработка со Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија. Содржи 20 паноа за патот на сефардските Евреи низ 18 шпански градови. (Изложбата може да се изнајмува)
Изложба на плакати изработени од студенти по графички дизајн на тема „Сеќавање на холокаустот – никогаш повторно“
Претставува ликовно и графичко потсетување на жртвите од Холокаустот со порака за мир и спречување слични злосторства. (Изложбата може да се изнајмува)
Изложба „Изгубениот свет на сефардските Евреи од Западниот Балкан“
Проект на „Центропа“ и Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите од Македонија. Содржи приказни и сведоштва од Битола, Белград, Сплит и Дубровник, истражувајќи ги животот и трагичната судбина на Евреите од овие простори. (Изложбата може да се изнајмува)
Изложби „Нови сведоци на холокаустот“
Меѓународен проект реализиран во периодот од 2012 до 2014 година преку ликовни колонии од кои произлегоа вкупно 4 изложби (три во Македонија и една во Романија). Меморијалниот центар поседува богата збирка уметнички дела изработени од македонски академски уметници на тема „Холокауст“. Директор на проектот: Сара Ајник; координатор: Миља Несторовска. (Изложбите можат да се изнајмуваат)
