Република Северна Македонија примена во полноправно членство на Меѓународната алијанса за сеќавање на холокаустот


Во рамките на грчкото претседавање со Меѓународната алијанса за сеќавање на холокаустот (ИХРА), од 2-10 ноември 2021 година, се одржаа пленарните Солунски состаноци (онлине #IHRAfromThessaloniki), на коишто едногласно беше усвоена одлуката за прием на Република Северна Македонија како 35та полноправна членка на ИХРА.

Делегацијата на Северна Македонија предводена од амбасадорот Јован Теговски, Национален координатор за ИХРА, ја претстави апликацијата во која што се посочени резултатите и активностите во областите на сеќавањето, образованието и  истражувањето на холокаустот во нашата земја. Австрија и Грција како држави ментори во пристапниот процес упатија силна и недвосмислена поддршка на приемот на нашата земја во ИХРА, а апликацијата беше мошне позитивно оценета и од останатите држави членки на ИХРА и беа искажани највисоки оценки за остварените конкретни резултати во овие области.

Полноправното членство на Република Северна Македонија во ИХРА претставува валоризирање на политиките на Владата и нејзината трајна определба за сеќавање на 7.144 Македонски Евреи-жртви на холокаустот, унапредување на образованието и истражувањето на холокаустот, борбата против антисемитизмот, негирањето и искривоколчувањето на холокаустот, говорот на омраза, како и континуирана промоција, почитување и заштита на човековите права.

ИХРА е меѓу-владина организација којашто претставува платформа каде што претставниците на владите на нејзините земји членки, национални и меѓународни експерти разменуваат идеи и искуства во врска со политиките и конкретните активности на планот на сеќавањето, образованието и истражувањето на холокаустот, а во последно време и на полето на геноцидот на Ромите. Организацијата добива се позасилена улога во меѓународни рамки, а нејзината релевантност се манифестира и во нејзините активности во борбата против антисемитизмот, негирањето и искривоколчувањето на холокаустот, говорот на омраза, дискриминацијата, ксенофобијата и расизмот. Во ИХРА, покрај нашата земја, членуваат и најголем број земји членки на ЕУ (25), САД, Израел, Канада, Аргентина, Австралија и др.,како и неколку постојани меѓународни партнери-ОН/УНЕСКО, Советот на Европа, ОБСЕ/ОДИХР, Европската комисија и др.

 


Секоја помош од Ваша страна е повеќе од добредојдена.

Донирајте за да продолжиме со успешната работа и едукација

MK EN