Еврејските маала во Македонија


Еврејското опстојување и населување на територијата на Македонија се протега во временски континуитет од скоро два милениуми. Присутни се траги на еврејската книжевност од сите епохи, а сведоштвото за најстарите населби на Евреите во Македонија го потврдуваат археолошките ископини, меѓу кои централно место заземаат остатоците од синагогата во античкиот град Стоби. Оваа синагога претставувала средиште на опстојувањето на романиотската еврејска заедница. Постојат податоци за егзистирањето на романиотските заедници и населби на просторот на денешна Македонија и во текот на средновековието во рамки на Источното Римско царство во историската наука познато под називот Византија. Па оттаму постојат податоци за еврејска заедница која егзистирала во Охрид составена главно од Евреи романиоти, а за време на крстоносните војни се населиле и Евреи бегалци од западна Европа кои биле т.н. Евреи ашкенази.

Помасовно доселување на Евреите во Македонија, како и формирање на поголеми заедници и населби/маала се случува во текот на XV век, односно по укинувањето на арапското господарство и ослободувањето познато како „реконквиста“ кое се одвивало на Иберискиот полуостров т.е. Шпанија и Португалија. Зацврстувањето на Шпанската држава и делувањето на католичката инквизиција, односно со декретот од 1 март 1492 година со кој на нехристијаните им се наметнувало конвертирање во католицизам довело до масовно исселување на Евреите и нивно населување во тогашната Османлиска Империја. Според различни автори бројката на доселени Евреи варира од 40 000 до 200 000 Евреи, кои најпрво се доселиле во Солун, а потоа дел од нив се населиле и низ градовите во Македонија.

Во прилог на формирањето на нови еврејски населби во градовите во Македонија зборуваат и османлиските пописи од XVI век кога во период од 40 години еврејското население во Битола се зголемило за 6 пати. Во овој период се оформиле и главните еврејски населби во Македонија, во Битола, Скопје и Штип како и помали населби во Дојран, Струмица и Кратово. Овие еврејски населби/маала како и еврејски заедници егзистирале и имале свој континуитет се до Втората светска војна кога поради холокаустот најголем дел од нив и згаснале.

Еврејското маало во Скопје се простирало под скопското Кале и реката Вардар во близина на црквата Св. Димитрија во продолжение на Пајко маало. Во отоманскиот период ова маало го носело називот „Al Amale Dzudie”. Во еврејското маало имало две синагоги, „Бет Ахарон“ и „Бет Јаков“ и еврејско Талмуд Тора училиште. Според пишувањата на Алфред Маламед поголема група Евреи живеела и од спротива на еврејското маало, односно на десната страна на реката Вардар т.н. Ал а (Баданда). Меѓутоа ова маало немало хомогено население, и покрај Евреите тука живееле и христијани. Во оваа населба исто така имало и една куќа во чиј погорни спратови имало синагога во која се одржувале верски служби. Со проширувањето на Скопје во почетокот на XX век поимотните Евреи започнале да подигаат куќи и во населбата Буњаковец, како и во Ал а сес казас – Шест куќи и во маалото Идадија. Економски посиромашните еврејски семејства биле населени во Топаана и во маалото Чаир, а поединечни семејства живееле и во другите делови од Скопје.

За разлика од другите Еврејски заедници во Македонија, во заедницата во Битола постоела поделба на две групи на Евреи кои се поделиле според местото на отселување, односно Арагонци и Португалци. Оваа нивна поделба резултирала и со создавање посебни синагоги-Кал Арагон и Кал Португал, одвоени училишта Талмуд Тора, одделни капели за починати и др. Овие поделби кај битолските Евреи имале рефлексија и врз нивниот јазик кој не бил класичен џудео-еспањол туку бил измешан со португалски изговор. Во Битола, Еврејското маало било поделено на неколку помали делови, односно Ла Табане, Ла Бомба, Ла Калеже, како и маалото Чифлик каде што живееле најсиромашните Евреи во Битола.

Евреите во Штип биле групирани во мал и тесен простор во најстрогиот центар на градот. Еврејските куќи биле распространети од десната страна на реката Отиње, а помал дел од спротива. Поголем дел од маалото бил концентриран на просторот на денешниот плоштад Тошо Арсов, поточно на просторот на хотел Астибо, Работнички универзитет и Домот на културата „Ацо Шопов“. Куќите од левата страна на реката Отиња биле пораспространети по должината на улицата. Пред Втората светска војна Евреите во Штип биле организирани во своја општина, имале синагога, училиште и други организирани форми на делување. Синагогата имала подолга историја, меѓутоа истата изгорела во Балканските војни.

Еврејските маала во Скопје, Битола и Штип биле концепирани на тој начин што животот на домаќинствата се одвивал во куќи кои формирале заеднички дворови- кортижос, а сите соседи во овие дворови биле Евреи. Тие биле средиште на секојдневниот живот, во нов се одвивале домаќински активности како перење на алишта – лакуладе, а со оглед дека кујните во тоа време биле реткост готвењето се одвивало во заеднички кујни во кои секоја пролет се подготвувале масајикес и бојикус, традиционални јадења за верскиот празник Песах. Ваквиот начин на живеење создавал динамична мрежа која овозможувала взаемна поддршка и помош во тешки времиња. За еврејските жение дворот бил пандан на она што била чаршијата за мажите, односно место за дружење, опуштање, натпревар и соперништво. Собирањата во дворот било и единственото училиште на девојчињата, односно училиште на животот. На тој начин се негувала, чувала и пренесувала сефардската култура и традиција.

 

 


Секоја помош од Ваша страна е повеќе од добредојдена.

Донирајте за да продолжиме со успешната работа и едукација

MK EN