Еврејско маало во Скопје


Значењето на Скопје како култураен и административен центар со текот на времето се менувало, но трговијата во него секогаш била присутна и низ вековите му давала на Скопје посебен белег. Во такви услови Евреите почнале да се населуваат во Скопје многу рано. Европските патеписци, Евреите ги спомнуваат уште во средниот век и ги сметаат за најстари жители на Скопје од вонбалканските доселеници. Во втората половина на 16 век низ Скопје минал венецијанецот Марциус и во своите записил напишал дека Скопје е „еврејски град“, добил впечаток дека во градот има повеќе Евреи од христијани. Најголем дел од Евреите во Скопје живееле во Еврејското маало кое се наоѓало лево од Камениот мост, во правец на Старата скопска чаршија и наспроти маалото Ибни Пајко и се сметало за постара етничка колонија од дојденците во овие предели. Еврејското маало било формирано уште во средниот век. За тоа се дознава од натписот на скопската синагога „Бет Ахарон (Бет Арон)“, во кој е наведено дека објектот на оваа синагога за првпат бил подигнат во предосманлискиот период, односно уште во 1366 година, Во османлискиот период тоа претставувало изолиран простор заграден со ѕидови и порти, најмногу од морален карактер и спречување на Турците да навраќаат во самото маало. Турците го нарекле „Јахуди-хане“. Во овој период маалото било посебно обележје на градот, коешто не можело да остане незабележано. Тоа покажува дека еврејската заедница во Скопје постоела и пред доселувањето на Евреите од Иберискиот Полуостров кон крајот на 15 век. Од рабинската литература може да се дознае дека еврејските маала во Османлиската империја се создавани по иницијатива на самите Евреи, а не по наредба на световните или на верските власти.

          Ова маало не било секогаш на исто место. Со сигурност не може да се утврди каде биле синагогите и заштитниот ѕид што се споменуваат во 1689 година. По пожарите, поплавите, земјотресите и по војните, маалото или негови делови ја менувале местоположбата. Кога во 1892 година се копале темели за некоја куќа во Пајко Маало, биле пронајдени коски и гробови со натписи слични со изгледот на еврејското писмо, коешто, впрочем, не можеле да ги прочитаат и самите Евреи. Ова укажува на фактот дека Еврејското Маало се наоѓало на овој простор и во предосманлискиот период, а дел од просторот на Пајко Маало, всушност, служел како еврејски гробишта. По протерувањето на Евреите од Иберискиот Полуостров (1492), се зголемил и бројот на скопската еврејска заедница.

Маалото не функционирало како гето. Евреите имале право да живеат и живееле и надвор од границите на маалото. Во Еврејското маало свои трговии и куќи имале и тогаш познати македонски семејства: Велкови, Божиновски, Костиќ, Гарабета, Мартиновиќ (Мартиновски).

          „Al amale dzudie“ или едноставно „la male“ (како што го викале еврејското маало) било местото каде се одвивал животот на Евреите - Сефарди. Имало една средишна улица, од која се двоеле многу улички и сокаци. Во маалото имало мали куќи и мали дворови, поради големата стеснетост. Повеќето од куќите биле изградени на спрат, збиени и потпрени една на друга со заеднички двор. Улиците биле криви и покриени со турска калдрма. Просторот на Еврејското маало имал облик на триаголник. Од Калето благо се спуштало кон Вардар, но не достигало до левиот брег. Во меѓупросторот , гледано од брегот на Вардар, од десната страна се наоѓал Народниот театар со мал парк. Во ова маало на брегот на Вардар во 1906 година бил изграден и првиот театар во Скопје, познат и како Турски театар и како Ада кафе, на чие место подоцна, во периодот 1921 –1927 година, бил подигнат и Народниот театар во Скопје. Маалото со дрвено мовче, кое било познато и како Еврејско мовче, било поврзано со десниот брег на реката Вардар, кој водел во познатиот пасаж „Ароести“, првиот модерен трговски центар во Скопје. Во Еврејското маало целосно се одвивал и верскиот живот. Едната синагога била сместена во самиот центар на маалото. Преку пат неа, на истиот плоштад, се наоѓало еврејското основно училиште Талмуд Тора во кое била сместена и еврејската вероисповедна општина. Во еврејското маало имало две синагоги, „Бет Ахарон“ и „Бет Јаков“. Од исток маалото граничело со црквата Св. Димитрија. 

      Маалото сѐ до крајот на XIX век, било едно од најсиромашните и најконзервативните квартови на Скопје во кое немало речиси никакви промени. Во почетокот на XX век, со збогатувањето на неговите жители на овој простор започнале да никнуваат поголеми и поубави куќи со евроспки архитектонски елементи на градба и стилови. Во него биле отворени кафеани со бавчи. Овие промени почнале да го менуваат неговиот изглед, особено по должината на реката Вардар.

          Маалото го изгубило својот еврејски идентитет по депортирањето на неговите жители во логорот Треблинка во март 1943 година. По земјотресот од 1963 година, маалото било разурнато и на негово место била подигната меѓуградската автобуска станица. Зградата на скопската еврејска општина, како и некогашниот Народен театар се градби кои се урнати по земјотресот во 1963 година.

Денес на местото на некогашното Еврејско маало се наоѓа Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите од Македонија.

 


Секоја помош од Ваша страна е повеќе од добредојдена.

Донирајте за да продолжиме со успешната работа и едукација

MK EN