Одбележан денот на депортацијата на Евреите од Штип, Битола и Скопје


Поради  Ковид пандемијата и препораката на Владата на Република Македонија  за неодржување на масовни собири, 11 Март- комеморативниот ден на холокаустот на македонските Евреи, беше одбележан без собири за пошироката јавност.

По повод 78 годишнината од депортацијата на Евреите од Штип, делегација на Фондот на холокасутот и Еврејската заедница на 10 март положија цвеќе на споменикот на депортираните Евреи од овој град. На присутните им се обрати Пепо Леви кој ја истакна загубата и геноцидот на еврејска популација во Втората светска војна, депортацијата на штипските Евреите кои никогаш не се вратија во своите домови. Во нивен спомен во 1985 година е подигнат споменик кој секоја година на овој датум е посетуван од малубројните потомци на преживеаните. Автор на ова дело е уметникот Методи Андонов кому денеска му беше врачена плакета со благодарница од Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија, за неговото дело кое ги чува спомените за сограѓаните кои беа убиени во логорот Треблинка. Делегацијата ги посети и Еврејските гробишта.

На 11 март 1943 година биле депортирани 798 семејства со 3351 битолски Евреи. Во нивен спомен, на 10 март , делегација на Фондот на холокаустот и Еврејската заедница положија цвеќе на споменикот на жртвите на холокаустот од Битола, на бистата на народната хероина Естреја Овадија – Мара и  на Споменикот на паднатите борци во НОБ. Делегацијата ги посети и Еврејските гробишта во Битола.

На 11 март во Скопје, претставници од Еврејската заедница и Фондот на холокаустот положија цвеќе на Споменикот на депортираните 7144 Евреи во поранешниот Монопол (Imperial Tobacco TKS), на Споменикот на Еврејските гробишта и на Споменикот на паднатите борци во НОБ.

Достојна почит оддадоа и Владини делегации предводени од министерот за правда Бојан Маричиќ и министерката за култура Ирена Стефоска. Од Kабинетот на претседателот Стево Пендаровски, цвеќе положи генералниот секретар Миле Бошњаковски, а од Собранието на Република Македонија, заменик генералниот секретар Бојан Василевски.

Никогаш нема да ги заборавиме оние кои ни оставија аманет да ја чуваме и негуваме еврејската култура и традиција. Ќе ги паметиме и чувајќи го споменот за нив, ќе се бориме против антисемитизмот.


Секоја помош од Ваша страна е повеќе од добредојдена.

Донирајте за да продолжиме со успешната работа и едукација

MK EN