РОЗА КАМХИ РУСО


Роза Камхи Русо е родена на 6 април 1922 година. Таа е едно од четирите деца на Берта и Ментеш Камхи. Нејзинот татко заедно со братот Рафаел Моше Камхи учествувал во Илинденското востание. Роза живее во имотно семејство, таткото тргувал со пченица, а мајката се грижела за семејството и куќата. Братот Моис завршил француско училиште во Битола (Alliance Israelite Universalle) и заминал во Израел, но за кратко, се вратил од здравствени причини. Роза ги имала и браќата Пепо и Симаја. За жал Симаја загинал млад, па Роза многу учела од своите двајца браќа со кои активно се вклучила во младинската организација „Хашомер Хацаир“ во Битола. Во 1941 година завршила трговска академија и станала член на КПЈ. Со неколку девојки кои биле во СКОЈ го помагале отпрот носејќи за партизаните намирници, пари, плетеле џемпери, капи и слично. Нејзините родители знаеле дека активно е вклучена во движењето на отпорот и не ѝ забранувале, бидејќи таткото Ментеш бил илинденец, не се противел на ангажирањето на Роза во отпорот. Нивната куќа често била користена за илегални активности со кои биле помагани партизаните. Чувале партиски материјали, преспивале луѓе од илегалата. Роза била редовна на партиските состаноци. Ден пред депортацијата на Евреите од Битола, Роза со уште две другарки Адела Фараџи и Естреја Овадија се сокриле во визбата на дуќанот на таткото на Ѓоко Тапанџиев, кој бил столарска-коларско работилница во Коларскиот пазар. Наредниот ден се засолниле во продавницата за цигари на Богоја Силјановски, каде веќе биле сокриени Жамила Колономос и Естреја Леви. По еден месец криење во трафиката која се наоѓала во центарот на Битола, се обиделе да се префрлат во партизани. Но, Роза била фатена од полицијата и затворена со казна од 15 години. Имала среќа да не биде депортирана во логор, но ја мачеле за да ги открие партизаните. Во затвор била од април 1943 година до ослободувањето на Битола на 09.09.1944 година. Во затворот тајно добивала марксистички материјал, кој го читала со другите затвореници. За да не бидат фатени имале тајна техника на достава на материјалите. Храната која ја добивале при посетите секогаш била завиткана во некаква хартија. Наместо мастило, тие што ги пишувале материјалите користеле сок од лимон. Никој не забележал дека има текст на хартијата, а затворениците така одржувале контакт, добивале вести од надворешниот свет. Поштата меѓу затворениците се праќала низ тулите во тоалетите, тие биле место за комуникација. Затворските власти не се посомневале. Кога војната била при крај, Бугарија капитулирала, Роза оди кај партизаните во с. Подмочани каде добила партиска задача да работи со жените од Преспанскиот крај. Тука останала една година, сè до конечното ослободување на Македонија. Била во Регионалниот комитет на Комунистичката партија. По војната живее во Скопје каде работи во министерство за финансии. Во 1946 година во Скопје стапува во брак со Бено Русо. Братот на Бено, Дарио, се оженил со нејзината пријателка Дора Нахмијас во истиот ден кога и Бено и Роза. Кратко време живеат во Ниш и Белград и добиваат три деца Берта, Вида и Исак. Во 1957година се враќаат во Скопје и брзо напредува како помошник на министерот за финансии, а потоа добива место- потсекретар во Министерството за финансии. Се пензионира во 1982 година, а во 2016 почина. Беше горда баба на своите внуци и правнуци.


Секоја помош од Ваша страна е повеќе од добредојдена.

Донирајте за да продолжиме со успешната работа и едукација

MK EN