Отворена изложбата „Мазал Тов“ - Еврејските свадби во Македонија меѓу двете светски војни низ фотографии, документи и предмети


Изложбата „Мазал Тов“, во превод од хебрејски „Среќно“, е конципирана повеќеслојно бидејќи се состои од фотографии, документи и предмети кои се составен дел од свадбената церемонија. Изложбата содржи 14 изложбени паноа на кои се презентирани фотографии од семејни свадбени церемонии на Евреи од Македонија кои живееле меѓу двете светски војни. Освен фотографии, изложени се и оригинални документи кои се доказ за специфичноста на свадбената церемонија, како и еден оригинален експонат „Кетуба“, или Брачен договор, кој е составен дел од свадбената церемонија и заедничкиот живот на младенците. Изложбата ја збогатува и свадбениот ковчег, како и миразот што го носи невестата во новиот дом. Дополнителни експонати се старите куфери кои симболично ја прикажуваат прекинатата врска на невестата со родниот дом.
Интересен дел од оваа изложба е и невестинскиот фустан, кој е наменски направен за изложбата. Скроен и сошиен по старите фотографии, тој претставува мост што ги поврзува бреговите на минатото и сегашноста. Симболично ги враќа спомените на некогашните еврејски невести кои заминаа засекогаш, со последните транспорти до Треблинка. Дизајнот на моделот го изработи проф.д-р Јана Манева Чуповска, визуелен уметник и моден дизајнер. Изработката на моделот е на Гордана Божиновска , а прекрасната венчаница ја носеше м-р Славица Таневска, визуелен уметник.
Прикажувањето на свадбените фотографии, предмети и документи на изложбата ѝ даваат повеќеслојност како верски, народен, духовен, културен, општествен феномен, кој опстојува неколку милениуми на овие простори. Вклучувањето и на сефардските поговорки, го збогатува традиционалното и културно милје што е претставено на оваа изложба.
Составните елементи на изложбата се сопственост на Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија и првпат се вадат од депото на Меморијалниот центар. На тој начин публиката ќе има ретка можност да се запознае со артефакти што не биле изложувани досега.
Изложбата ја отвори авторот м-р Жаклина Мучева, а во целиот проект учество имаа Лилјана Лазаревска Мешковска, Маја Наноу, Маја Јаневска Илиева, Сашо Андоновски и Дарко Хелман.
Изложбата ќе може да се посети до крај на месец мај.

Секоја помош од Ваша страна е повеќе од добредојдена.

Донирајте за да продолжиме со успешната работа и едукација

MK EN