Вчера, во Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите од Македонија, достоинствено беше одбележан Јом Хашоа – денот на сеќавање на шесте милиони Евреи убиени во холокаустот, но и ден на почит кон храброста и отпорот на востаниците од Варшавското гето во 1943 година.
Во атмосфера исполнета со тишина, почит и силни емоции, комеморацијата започна со рецитал на учениците од ООУ „Петар Поп-Арсов“, кои преку својата изведба нè потсетија дека културата на сеќавање мора да се негува и пренесува на новите генерации. Нивните зборови беа сведоштво дека паметењето не е само историска должност, туку и човечка обврска.
Во своето обраќање, претседателот на Еврејската заедница, Пепо Леви, повика на едноминутен молк во чест на жртвите, потсетувајќи дека 7.144 Евреи од Македонија биле депортирани во логорот на смртта Треблинка, од каде никогаш не се вратиле. Тој истакна дека Меморијалниот центар претставува траен симбол на вистината, правдата и колективното сеќавање, но и постојана опомена дека борбата против омразата, антисемитизмот, говорот на омраза и дискриминацијата останува заедничка одговорност на сите нас.
Посебен акцент беше ставен и на неодамнешниот обид за палење на Синагогата во Скопје – чин што потсетува дека нетолеранцијата и омразата не се само дел од минатото, туку предизвик со кој општеството мора постојано и одлучно да се соочува.
На настанот свои обраќања имаа и вршителот на должноста шеф на мисија на Амбасадата на САД, Никол Варнс, како и Андреа Бертранд од Меморијалниот музеј на холокаустот на САД, кои ја нагласија важноста на зачувувањето на историската меморија и едукацијата како најсилно оружје против повторување на трагедиите од минатото.
Комеморацијата ја одбележа и присутноста на Претседателката Гордана Сиљановска Давкова, која ги запали шесте меморијални свеќи – симбол на шесте милиони згаснати животи.
Со молитвата Кадиш беше оддадена почит на жртвите, а преку проекцијата на филмот „Спасување“ присутните се потсетија дека дури и во најмрачните времиња постоеле луѓе кои избрале човечност, солидарност и храброст.
Настанот беше заокружен со отворањето на изложбата „Холокаустот низ призмата на детските очи“ и доделување награди на учесниците, вклучително и специјална награда за најмладиот учесник – симболична порака дека новите генерации треба да продолжат да паметат, да учат и да сведочат.
Сеќавањето не е само поглед кон минатото. Тоа е наша заедничка одговорност кон сегашноста и иднината.







