На 12 април во Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите од Македонија се одржа работна средба на која учествуваа претставници од ОБСЕ Канцеларија за демократски институции и човекови права (ОДИХР), ОБСЕ Мисија во Скопје, Светски еврејски конгрес, Европска Комисија и Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите од Македонија. Темата на настанот беше: Подигнување на свеста и градење ефективна комуникација помеѓу органите за спроведување на законите и Еврејската заедница на Северна Македонија. Настанот го отвори Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, а воведни обраќања имаа и Џефри Голдстајн, Заменик шеф на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, Пепо Леви, Претседател на Еврејската заедница, Катарина вон Шнурбајн, Координатор во Европската комисија за борба против антисемитизмот и негување на еврејскиот живот (онлајн), Кишан Маноча, Шеф на одделот за толеранција и недискриминација, ОБСЕ Канцеларија за демократски институции и човекови права (ОДИХР).
Антисемитските дела коишто се насочени кон поединци Евреи, или лица кои се доживуваат како Евреи, како и кон еврејските заедници, претставуваат закана за вредностите на слободните, демократските и инклузивните општества и ја поткопуваат општествената стабилност и безбедност низ регионот на ОБСЕ и Европската Унија. Кривичните дела како што се сквернавење на гробишта и напади на синагоги, еврејски културни центри, образовни објекти и меморијални центри за холокаустот имаат штетно влијание врз уживањето на човековите права и основните слободи на Евреите и еврејските заедници. Постојната глобална здравствена криза ја влоши оваа загрижувачка ситуација бидејќи организирани групи на омраза, коментатори на крајната десница и политички претставници ја искористуваат ситуацијата за да се вклучат и шират дискурс на нетолеранција и омраза и теории на заговор против еврејската заедница, особено онлајн, обвинувајќи ги за потеклото и ширењето на вирусот. Пријавите за антисемитски инциденти на омраза, всушност, се во пораст од почетокот на пандемијата со КОВИД-19.
Настанот има за цел да се подигне свеста кај властите за особеностите на еврејскиот живот и култура во Северна Македонија, како и да се идентификуваат сегашните и потенцијалните безбедносни предизвици за заедницата, како што се загриженостите коишто произлегуваат од антисемитски теории на заговор или антисемитски предрасуди. Исто така, настанот има за цел да се олесни ефективната и целисходната комуникација и да се воспостават структури преку определени лица за контакт помеѓу властите и еврејската заедница во Северна Македонија за препознавање и одговор на сите форми на антисемитизам.
На настанот присуствуваат околу 30 учесници, претставници на Еврејската заедница и поединци кои работат на креирање политики и на оперативно ниво во органите за спроведување на законите и агенциите за безбедност во Северна Македонија.
Се очекува дека средбата ќе резултира во зајакнати капацитети за мониторинг, зголемено препознавање на показателите за антисемитски предрасуди, и ефективно евидентирање и постапување по безбедносните инциденти од страна на агенциите за спроведување на законите и безбедност.