Појава на нацизмот и доаѓањето на Адолф Хитлер на власт

Крајот на Првата светска војна како и капитулацијата на Германското Царство под понижувачки услови пропратени со загуба на територии и исплата на огромни воени репарации кои имале влијание врз уништување на и онака слабата повоена економија, создале предуслови за развој на веќе присутните во Европа радикални идеологии.
Создавањето на Вајмарската Република како натурен проект од победничките земји членки на Антантата не бил прифатен во германското општество, а како резултат на тоа се пројавиле екстремни идеи кои заговарале враќање на „гордоста на Германија“ и враќање на загубените територии за време на Првата светска војна. Во ваквата општествена состојба антисемитите се нашле во ист табор со милитантите кои барале реванш за поразот во војната.
Почетоците на холокаустот неминовно се врзани со создавањето на Германската работничка партија во јануари 1919 година, а подоцна преименувана во Национал-социјалистичка работничка партија, или скратено позната и како Нацистичка партија. Со доаѓањето на Адолф Хитлер на чело на Нацистичката партија, антисемитизмот завземал конкретна форма вклучително и во официјалната програма на партијата презентирана преку 25 точки усвоена на собирот во Минхен во февруари 1920 година. Оваа програма во чија изработка бил вклучен и самиот Хитлер, во три точки го опфаќала и т.н. „Еврејско прашање“ преку „ослободување од моќта на Евреинот“ како и повици за „обединување на антисемитите низ светот“, односно повици за „Конечно решение и отстапување на Евреите од човечката околина“. Во состав на Нацитичката партија во август 1921 година била формирана и група за контрола на сопствените членови и вознемирување на противниците. Тие биле не само средство за одбрана, туку пред се „школо за обука“ за „претстојната борба за слобода“, а било планирано овие групи по потреба и да делуваат офанзивно. Карактеристично за оваа парамилитарна група биле кафените униформи, по што членовите на групата го добиле називот „Кафени кошули“, а покрај нив подоцна биле формирани и специјални „заштитни“ одреди наречени СС со иста функција само со препознатлива црна униформа.
Обидот за приграбување на власта со Минхенскиот пуч во 1923 година, завршил неуспешно со затворање на Хитлер и неговите истомисленици. Меѓутоа, ваквите мерки го продлабочиле јазот и на нацистите предводени од Хитлер им создале услови за привлекување нови приврзаници како и понатамошно идеолошко надградување на антисемитизмот, особено изразено преку книгата „Mein Kampf“ – (Мојата Борба). Во неа Хитлер ја развил својата расистичка теорија, која всушност била надоврзана на европскиот антисемитизам низ историјата. Хитлер ја докажувал „нееднаквосота на расите“, надменоста на „ариевската раса“, германскиот народ го претставил како господарски народ над сите останати, додека Латините, Словените и Евреите ги сметал за „инфериорни раси“. Воедно тој ги мешал поимите раса, народ и нација.
Во мај 1928 година Нацистичката партија учествувала на германските парламентарни избори на кои обезбедила 12 места во германскиот парламент. Се чинело дека европската и германската демократија не е во опасност од ваквото минорно присуство на нацистите во политичкиот живот. Разоружената Германија согласно Версајскиот мировен договор како и договорот од Локарно за ненапаѓање на европските држави и служел како привидна гаранција за стабилноста и мирот во Европа.
Големата светска економска криза во 1929 година се одразила и на економските состојби во Вајмарската Република, а тоа се повеќе ги зацврстувало позициите на нацистите во германското општество. На изборите во септември 1930 година нацистите освоиле мнозинство во германскиот парламент, со што нивната бројност се зголемила на 107 пратеници. Овие нови позиции на нацистичката партија значително ја зголемиле нивната моќ а воедно и изливот на антисемитизам кој бил пропратен со конкретни антиеврејски насилни манифестации, кои вклучувале уништување на синагоги и гробишта како и напади на Евреи.
Политичката сегментираност на Вајмарската Република и политичката нестабилност довеле до повторни избори во јули 1932 година на кои Нацистичката партија освоила 230 пратенички места, а Хитлер се здобил со доволна моќ за формирање на коалициска влада, а веќе во јануари 1933 година бил назначен за Канцелар на Германија.
По неговото доаѓање на власт, веднаш превземал мерки за воспоставување на диктатура, а еден од првите акти бил декретот за вонредна состојба усвоен од Рајхстагот/парламентот на 5 февруари 1933 година, со кој биле експроприрани згради во сопственост на Комунистичката партија. По донесувањето на декретот следеле и други чекори кон диктатура како палењето на Рајхстагот на 27 февруари истата година. Ова довело до нови диктаторски мерки како апсење без судски налог и пресметка со политичките противници, а веќе во март бил формиран и концентрациониот логор Дахау недалеку од Минхен во кој СС групите започнале со интернирање на критичарите на режимот. Паралелно со ова продолжил и теророт кон Еврејското население во форма на пљачкосување на еврејските дуќани, исфрлање на Евреите адвокати и судии од судовите, како и лишувања од слобода.
Целиот антисемитски концепт на Нацистичката партија почнал да добива правна форма на 7 април 1933 година со издавање на наредба на германската влада за разрешување (формално правно пензионирање) на сите цивилни службеници со неариевско потекло. Ова поттикнало натпревар во докажување на „ариевскиот идеал“ а како резултат на тоа биле отпуштени професори од универзитети, артисти и музичари од еврејско потекло и тн. Евреите биле принудени да носат знак Давидова ѕвезда со цел да се разликуваат од останатото население, додека пак на еден од плоштадите во Берлин биле изгорени т.н. „Еврејски заразени книги“. Ваквите рестрикции и понижувачки однос кон еврејското население во Германија како и масовната појава на поединечни случаи на убиства на Евреи придонеле до крајот на 1934 година повеќе од 50 000 германски Евреи да ја напуштат Германија, од кои околу 7 000 се населиле во тогашна Палестина.
По реакцијата на Лигата на народите за ваквите состојби во Германија и интервенирање во полза на прогонетите, Германија се нашла навредена и во 1934 година го напуштила членството во Лигата. Единствената пречка кон целосна првно формална доминација на Хитлер во германската држава претставувал претседателот Паул Фон Хинденбург, а по неговата смрт Хитлер конечно се здобил со апсолутна власт, со што летото 1934 година се прогласил за Фирер – апсолутистички водач на Германија.

Секоја помош од Ваша страна е повеќе од добредојдена.

Донирајте за да продолжиме со успешната работа и едукација

MK EN