ОТВОРЕНА ИЗЛОЖБАТА „ЖИВОТ“ ВО МЕМЕОРИЈАЛНИОТ ЦЕНТАР НА ХОЛОКАУСТОТ


Оваа изложба е посветена на преживеаните Евреи кои ја возобновија заедницата и придонесоа во градењето на повоената држава. Од вкупно 19 изложбени паноа, на 17 се претставени биографиите на преживеаните Евреи, членови на заедницата. Воведното пано го најавува животот претставен низ светлината на Менората која расте во форма на дрво со длабоки корени. Последното пано е богато со стари фотографии од активностите на Еврејската општина/заедница во педесетите и шеесетите години. Авторот на изложбата Жаклина Мучева вели:
„Не постои друг народ кој како еврејскиот минувал низ судбински бездни, прогони и уништувања.
Не постои друг народ кој како еврејскиот почнувал од почеток, се вкоренувал и му се радувал на животот.
Не постои народ кој како еврејскиот го втемелува минатото во сегашноста за да создаде иднина.
По прогонот од Шпанија и со доаѓањето на Балканскиоот Полуостров, Евреите го надополнуваат богатиот мултиетнички, мултикултурен и мултиконфесионален балкански колаж кој филигрански го декорираат со својата култура, идентитет и менталитет. Корените што длабоко ги пуштаат во плодната културолошка почва додавајќи го својот етнос, ја најавуваат нивната долговековна распосланост на овие простори. Свесни за своите корени, за својот идентитет, за својата различност тие создаваат цврста врска меѓу генерациите, чувајќи ја љубоморно својата посебност.
Народите растат во историјата.
Погромот на еврејската заедница во Македонија е злостор без преседан, историски чин што нема логично објаснување. Траумата од пеколниот 11 Март ја чувствуваме и денес, 79 години по стивнувањето на „Адио керида“.
Опстојувањето на еврејскиот идентитет и покрај сите историски околности не се наруши. Напротив, оние кои ги оставија зад себе стравотиите на војната ги запалија свеќите на менората со чиј оган будно се чува Давидовата ѕвезда која сјае во срцата на новите генерации. Го посадија дрвото на новиот живот кое ја чува меморијата, ја негува традицијата и го пренесува аманетот „Да простиме , но да не заборавиме“.
Оваа изложба е посветена на преживеаните Евреи кои ја возобновија заедницата. Евреи кои дадоа придонес во градењето на новата повоена држава. Евреи кои создадоа живот.
Придонесот на припадниците на Еврејската заедница во севкупниот развој на Македонија е голем. Оваа заедница претставува важен дел од историјата и традицијата на земјата. Дел од нејзините членови оставија голема трага во науката, културата, економијата и политичкиот живот.
Преку изложбата го оживуваме споменот на нашите родители, баби и дедовци. Со нашето опстојување во оваа заедница, на поколенијата им обезбедуваме билет за живот без предрасуди, живот кој негува заедништво, живот кој дава обврска да се помни и задача да се чува. Затоа ја преземаме трајната одговорност да создаваме иднина во која дрвото на животот во нашата Еврејска заедница ќе го одгледуваме како нашите предци. Да го вкоренуваме посилно, да го оплодуваме, а тоа ќе ни врати ЖИВОТ.“
м-р Жаклина Мучева
Изложбата ја отвори Горан Садикаријо - директор на Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија, а ја посетија претседателот Пендаровски, премиерот Ковачевски, министерката за култура Костадиновска Стојчевска, амбасадори, членови на Еврејската заедница, претставници на верските заедници и други гости.

Секоја помош од Ваша страна е повеќе од добредојдена.

Донирајте за да продолжиме со успешната работа и едукација

MK EN