Заврши проектот кој го реализиравме со 4 училишта (две Скопје и две Битола) и две одделенија на Државниот архив на РСМ. Носител на проектот е Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија (ФХЕМ), а во проектот учествуваа ученици од:
- основното училиште „Киро Глигоров“ од Скопје со одговорни наставници Јана Трајковска и Сања Крстиќ
- гимназијата „Раде Јовчевски - Корчагин“ – Скопје со одговорен професор Роска Јовановиќ
- основното училиште „Стив Наумов“ од Битола со одговорен наставник Магдалена Сајкова
- гимназијата „Јосип Броз“ – Битола со одговорни професори Иљо Трајковски и Филип Јаковлевски.
Учениците имаа задача да изработат албуми на еврејски семејства убиени во холокаустот и во него преку фотографии и текстови да ја раскажат приказната на избраното семејство. Нарацијата се однесува на животот пред холокаустот, за време на војната и нивниот крај. Требаше да понудат и кратка приказна со поинаков крај од трагичниот.
Истражувањата ги правеа во Меморијалниот центар, Државен архив на РСМ, одделение Скопје, Државен архив на РСМ, одделение Битола, книги, нет и разни други извори.
Проектот има цел да се соберат податоци и да се изработат повеќе фото документирани вистинити приказни за семејства чии имиња ги имаме на листи за депортирање.
На вчерашната завршна манифестација учениците ги презентираа своите приказни и споделија искуства од истражувачкиот процес. Свои впечатоци и искуства искажаа и професорите кои го дадоа максимумот овој проект да биде оценет како успешен и да продолжи и следната учебна година. Учениците првпат имаа можност да влезат во архивските одделенија и да се запознаат со процесот на истражување и работење во архив.
БЛАГОДАРНОСТ ДО:
Сите ученици кои учествуваа во овој проект и нивните професори. Училиштата кои дадоа согласност за соработка.
Марија Димеска – Државен архив на РСМ, одделение Скопје
Татјана Алексовска – Сапунџиоска - Државен архив на РСМ, одделение Скопје
Гоце Стојановски - Државен архив на РСМ, одделение Битола
Димитар Ѓорѓиевски - Државен архив на РСМ, одделение Битола
Проектот се реализираше во текот на второто полугодие од оваа учебна година. Автор и координатор на проектот е м-р Жаклина Мучева. Готовите фото албуми ќе се користат како дидактички материјал во Меморијалниот центар.