ЗАВРШИ СЕМИНАРОТ „УМЕТНОСТА ВО ХОЛОКАУСТОТ“


Викендот што измина (5-7 април) беше во знакот на семинарот „Уметноста во холокаустот“ кој се одржа во Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите од Македонија, а беше наменет за наставници кои предаваат ликовно и музичко образование. Семинарот го отворија директорот на Фондот на холокаустот, Горан Садикаријо и Долорес Пин, претставник од Амбасадата на САД во Скопје.

Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија првпат организира семинар за овие наставници и искуството според наставниците кои учествуваа на семинарот беше одлично. Нашата долгогодишната традиција на едукација на наставници кои предаваат историја, граѓанско, јазици, етика помогна во поставување на целите и задачите и секако концепциското поставување.

Наставниците се запознаа со холокаустот на македонските Евреи преку предавањето на професор  д-р Мишо Докмановиќ од Правниот факултет „Јустинијан Први“ на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Тоа знаење го дополнија со следење на краткиот филм „Депортација на македонските Евреи“ од Лилјана Лазаревска Мешковска, во продукција на ФХЕМ и преку посета на постојаната поставка со Маја Наноу.  

„Музеолошките практики на претставување на холокаустот “ и „Случајот Терезин“ две опсежни предавања одржа Проф.д-р Јелена Ерделјан редовен професор на Филозофскиот факултет во Белград.

„Создавање музика и компонирање во логорите: од оркестри во Аушвиц и Терезин до композиции создадени во логорот“ и „Музиката симбол на слободата – музиката во гетата и партизанските единици“  беа насловени исцрпните предавања на д-р Маја Василјевиќ, научен соработник на Историскиот отсек на Филозофскиот факултет на Универзитетот во Белград.

За практичниот дел, работилниците и смерниците за планирање на часот беше задолжена Магдалена Сајкова - дипломиран професор по македонска и јужнословенска книжевност и македонски јазик. Сајкова учествувала на голем број семинари организирани од Фондот на холокаустот, па како долгогодишен соработник подготвено настапи пред наставниците-колеги. Тие, пак изработија одлични креативни и содржајни часови.

Семинарот беше поддржан од Aмбасадата на САД во Скопје, а истиот беше одобрен од Министерството за образование и наука и од Бирото за развој на образованието од Р. Северна Македонија.


Секоја помош од Ваша страна е повеќе од добредојдена.

Донирајте за да продолжиме со успешната работа и едукација

MK EN