ОТВОРЕНА ИЗЛОЖБАТА „Д-Р АЛЕКСАНДАР СИНГЕР, НАРОДЕН ЛЕКАР“


Вчера вечер во Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите од Македонија беше отворена изложбата „д-р Александар Сингер, народен лекар“. На отворањето присуствуваше семејството Јаневи од Гевгелија, а на публиката ѝ се обрати г-дин Јордан Јанев –Дане. Изложбата ја отвори м-р Жаклина Мучева.
Доктор Сингер по војната живеел во Гевгелија, а негов втор дом е семејството на трговецот Васил Јанев, каде што го поминал поголемиот дел од животот како потстанар. Васил Јанев имал три деца, Никола - најстариот, па Дане и последна се родила Лилјана. Академскиот вајар Дане Јанев ја презел грижата за докторот се до неговата смрт. Тој го чувствувал Сингер како свој втор татко, зашто не само што му помагал во докторската работа, туку благодарејќи на него и завршил високо образование. За почитта и љубовта кон Сингер зборува и фактот што Дане Јанев на своите деца им ги дал имињата Корнелија, по мајката на Сингер, и Александар, како што се викал докторот.
Д-р Сингер долго време бил единствен лекар во Гевгелија. Во периодот од 1946 до 1952 година неуморно ги лекувал жителите на Гевгелиско-Валандовскиот крај, а тоа е период кога маларијата, стомачниот тифус, туберкулозата и сите детски заразни болести биле во подем. Сингер бил народен лекар во вистинска смисла на зборот, неговите дијагнози биле сигурни, несебично им помагал на сите, понекогаш дури и финансиски, и никогаш не посегнал по материјални привилегии, и токму затоа и го сакале неговите сограѓани.
Д-р Сингер е роден на 22 февруари 1914 година во Сента, Војводина, Србија. Потекнува од средно имотно еврејско семејство. Основно училиште завршил во Сента, а гимназија во Суботица. Студирал на Медицинскиот факултет во Белград каде што и дипломирал во 1939 година. Токму лекарскиот позив го спасува да не заврши, како и многуте Евреи, во гасните комори.
Д-р Александар Сингер починал на 83 години, на 2 април 1996 година. 40 години од животот ги поминал меѓу своите колеги лекари и персоналот на Медицинскиот центар во Гевгелија. Неговиот гроб се наоѓа на грдаките гробишта во Гевгелија.
Голема благодарност до семејството Јаневи, особено до академскиот вајар Јордан Јанев – Дане, кој сите лични предмети, фотографии и документи ги сочувал по смрта на д-р Сингер. Благодарение на неговиот колекционерски ангажман, организирана е изложбата „Д-р Александар Сингер – народен лекар“. Благодарност и до новинарот Љупчо Алексовски за соработката и поддршката.
Куратор: м-р Жаклина Мучева
Техничка поддршка: Сашо Андоновски, Маја Наноу, Дарко Хелман
Дизајн: Розалинда Трајкоска
Лектор: Славица Ничота
Финансиски поддржано од Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија
За повеќе инфромации, повелете во изложбениот дел на Меморијалниот центар, втор спрат. Работно време: Вторник – Петок , 09:00 - 19:00/ Сабота и Недела, 09:00 - 15:00
Понеделник - НЕРАБОТЕН
Изложбата може да се посети до крајот на август 2024 година.

Секоја помош од Ваша страна е повеќе од добредојдена.

Донирајте за да продолжиме со успешната работа и едукација

MK EN