ЖАМИЛА КОЛОНОМОС (ЦВЕТА)


Жамила Колономос е родена на 19 јуни 1922 година во Битола, од мајка Естерина Самуел Францес и татко Исак Калеф Колономос. Во потесното семејство биле и нејзините сестри Бела и Рахела и браќата Калеф и Менахем, жртви на холокаустот. Во едно свое интервју вели дека го задржала презимето Колономос, бидејќи единствено таа останала жива од целото семејство кое завршило во Треблинка. Дипломирала на Филозофскиот факултет во Скопје. Била мажена за Аврам Садикарио, со кого го имаат синот Самуел Садикарио. Особено беше горда на своите две внуки Хана и Леа. Почина во Скопје на 18 јуни 2013 година. Како член на СКОЈ и првоборец од април 1941 година била истакнат организатор на еврејската младина во НОД. Била примена за член на КПЈ во април 1942. Веднаш потоа преминала во илегала. Во книгата „Јеврејке говоре“ од Јаша Алмули, Жамила вели дека имала три животи, како трипати да ја одминувал животот. Таа успева да го избегне собирањето и депортирањето на Евреите од Битола. Со неколку другари Евреи им се приклучува на партизаните во април 1943 година и станала борец на Битолскиот народноослободителен партизански одред „Гоце Делчев„. Била заменик политички комесар во Првата македонско-косовска народноослободителна ударна бригада и заменик политички комесар на Четириесет и втората (македонска) дивизија на НОВЈ, секретар на баталјонски, бригаден и дивизиски комитет на КПМ. Подоцна била избрана за член на Окружниот комитет на КПМ во Битола и член на ПК на СКОЈ за Македонија од декември 1944. Во нејзината книга „Движењето на отпрот и Евреите од Македонија“ во издание на Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија дава описи на многу настани на партизанските одреди, учеството на Евреите во отпорот и ослободувањето. Во неа пишува и за учеството во Февруарскиот поход за кој пишува ..„ одисеја која не чинеше многу жртви и маки.“ По војната, Колономос во неколку наврати беше одликувана за заслугите и храброста и беше водечки функционер во многу политички, добротворни и општествени здруженија. Била функционер на АФЖ на Македонија, секретар на Окружниот народен одбор во Тетово, кандидат за член на ЦК на КПМ каде била избрана на Првиот конгрес на КПМ и член на ЦК на КПМ избирана на Вториот, Третиот и Четвртиот конгрес на ЦК на КПМ/СКМ, началник на Персоналното одделение во Владата на НРМ, член на Агитпроп на ЦК на КПМ, член на Кадровската комисија на ЦК на КПМ, републички пратеник во Собранието на СРМ во повеќе свикувања, претседател на Сојузот на женските друштва на Македонија, претседател на Републичкиот совет на друштвата за заштита и воспитување на децата и активист на подоцнешниот Советот за грижи и воспитување на децата на Македонија. Во 1962 година беше избрана за професор емеритус на Катедрата за романска филологија на Филозофскиот факултет во Скопје. Носител е на Партизанска споменица 1941 и Орден на братството и единството со златен венец. Таа е автор на голем број текстови и дела од областа на историјата, јудео-шпанскиот јазик (јазикот на Сефардите) и на југословенско-македонскиот отпор. • Пословице, изреке и приче Сефарда, Београд, 1978; • Евреите во Македонија во Втората светска војна (1941-1945), т. 1-2, Скопје, 1986 (коредактор); • 500 години од еврејско-шпанскиот јазик во Македонија, Сефардски одгласи. Студии и сеќавања за Евреите во Македонија, Скопје, 1995, 53-64; • Миграциите на Евреите во Македонија од античко време до денес, Сефардски одгласи. Студии и сеќавања за Евреите во Македонија, Скопје, 1995, 77-85; • Учеството на Евреите од Македонија во народноослободителното движење и револуцијата, Сефардски одгласи. Студии и сеќавања за Евреите во Македонија, Скопје, 1995, 102-147; • Евреите во Македонија и нивниот јазик, Сефардски одгласи. Студии и сеќавања за Евреите во Македонија, Скопје, 1995, 224-249; • Морфологија на еврејско-шпанските говори во Битола и Скопје, Сефардски одгласи. Студии и сеќавања за Евреите во Македонија, Скопје, 1995, 250-270; • Евреите во Македонија и нивниот јазик, Јазиците на почвата на Македонија, МАНУ, Скопје, 1996, 111-126; • Морфологија на еврејско-шпанските говори во Битола и Скопје, Јазиците на почвата на Македонија, МАНУ, Скопје, 127-138; • Sinteyas de los sefardes de la Makedonia: memoria, uzos, mantinision, Скопје,2005; • Еврејските заедници во Македонија до 1941 година, Скопските Евреи, Скопје, 2002, 7-51; • Monastir without Jews, New York, 2008 (сеќавања). Во Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите од Македонија, може да се погледнат нејзини искажувања и сеќавања.


Секоја помош од Ваша страна е повеќе од добредојдена.

Донирајте за да продолжиме со успешната работа и едукација

MK EN