АДЕЛА ФАРАЏИ - КАТА
Во општата антифашистичка борба, во Битола биле вклучени и жените Еврејки, меѓу кои покрај возрасните имало и сосема млади. Додека возрасните ги ставале на располагање своите станови за илегалци, состаноци и слично, помладите, како кандидатки или членки на СКОЈ, работеле според одредени задачи. Тие задачи главно биле – одржување на врски, растурање летоци, плетење, крпење, шиење облека, собирање пари, а пак најмладите чувале стража онаму каде се одржувал илегалниот состанок. Меѓу младинките кои биле дел од овие активности е и Адела Мушон Фараџи. Отпорот во 1942 година бил во подем, а најголем проблем било да се обезбедат станови за илегалците, за партиската техника, за одржување состаноци. Во станот на Адела Фараџи времено живееле илегалците Ванчо Прке- Сермен од Штип и Димче Милевски -Добри од село Нижополе. Одисејата на петте Еврејки кои успеале да и побегнат на бугарската војска која ја спроведувала депортацијата, чекале еден месец да бидат спасени и да заминат со партизаните. Богоја Сиљановски, ги примил во својата продавница во којашто продавал цигари, веднаш покрај полициската станица. Петте девојки Жамила Колономос, Естреја Овадија, Адела Фараџи, Естела Леви и Роза Камхи, во 3 квадрати, се стискале една до друга за да се загреат. Во текот на еден месец јаделе само неколку пати, а вода пиеле по еднаш дневно. Адела Фараџи се смеела и плачела во исто време, а Естреја ја покривала со својот капут. Кога Богоја ги слушал криците почнувал да тропа со патериците и да зборува гласно за да не бидат откриени од агентите кои кај него купувале цигари. По еден месец живот во дуќанот, одлучиле да ги испратат девојките кај партизаните. Набргу по излегувањето од дуќанот на Богоја, Роза Камхи се игубила во една од улиците каде требало да се најде со врската. Четирите Еврејки по уште една крајно неизвесна ноќ успеале да се спојат со партизаните, а песната Лили Марлен била нивната лозинка. Сите кои им помогнале на Еврејките биле уапсени, вклучително и Роза Камхи. Четирите Еврејки и една девојка од село Лавци, Фана Кочовска Цветковиќ, во април 1943 стигнале во одредот ,,Даме Груев ‘‘. Тие биле првите партизанки, со оружје на рамо и учествувале во сите битки против фашистите. Адела Фараџи пролетта 1943 година станува дел од одредот ,, Даме Груев ‘‘ кој мошне се активирал, а борците направиле неколку митинзи во некои од селата во Преспа и во леринско каде заедно со грчкиот партизански одред ,, Вичо ‘‘ направиле митинзи во тамошните македонски села. Адела Фараџи – Ката и Жамила Колономос – Цвета во Буф – леринско го везеле првото македонско знаме кое им го дал Кузман Јосифовски Питу.
Поради приливот на нови борци, одредот ,, Даме Груев ‘‘, на 20 мај 1943 година се поделил, односно од него се одделиле одреден број борци кои го сочинувале новоформираниот одред ,, Гоце Делчев ‘‘. Адела Фараџи - Ката била во првиот строј на новиот одред ,, Гоце Делчев‘‘. Во една лошо организирана битка во селото Љубојно, Адела Фараџи исчезнала. Нејзините соборци добиле информација дека им се предала на Италијанците, а водачите донеле одлука да ја казнат. По неколку дена расплакана, уплашена, боса и без оружје се појавила Адела со некој од локалните жители. Командантот барал да биде казнета, но борците од Битола ја заштитиле. Таа всушност за време на борбата се нашла пред Германците, успеала да избега и се засолнила во напуштена куќа каде облекла искината кошула и го сокрила оружјето. Кога заминале Германците се обидела да ги најде другарите соборци, но во тој момент некој трговец ја предал на италијанската полиција. Адела ги убедила полицајците дека е од село Ехловец и така успеала да се спаси. Во екот на народноослободителната војна во Македонија се формирале Првата Македонско – косовска ударна бригада, Прва Македонска, Втора, Трета Македонска бригада и во натамошниот тек на борбите, борците од Битола и битолско влегувале во состав на другите бригади. Во сите маршеви и борби што ги водела Првата Македонско – косовска бригада учествувала и Адела Фараџи – Ката. Во текот на борбите, некои од битолските Евреи, со своето умеење, интелигенција и активност се истакнале во раководењето на воени акции или во идејнополитичката работа со борците и населението, па при крајот на војната заземале видни места. Адела Фараџи – Ката е една од нив. Таа била политички комесар на чета во Втората македонска ударна бригада. По војната се сели во Израел.
Фотографиите се превземени од книгата „ Движењето на отпорот и Евреите од Македонија“ од Жамила - Анџела Колономос
Сподели: << Назад
Секоја помош од Ваша страна е повеќе од добредојдена.
Донирајте за да продолжиме со успешната работа и едукација