ТРЕБЛИНКА
Треблинка бил логор за директна екстерминација на Евреи, Роми и други жртви, за време на Втората светска војна, создаден од нацистите, а бил лоциран на територијата на тогашна окупирана Полска од страна на нацистичка Германија. Логорот Треблинка бил еден од логорите на смртта како дел од операцијата Рајнхард за уништување на еврејската популација во Полска. Логорот бил лоциран во близина на местото Треблинка веднаш до железничката линија помеѓу градовите Варшава и Бјалисток, градови со најголема еврејска популација во Полска. Логорот започнал да функционира на 22 јули 1942 година, и активно работел до август 1943 година кога по бунтот во логорот бил затворен. За време на неговото функционирање во логорот биле убиени околу 900 000 Евреи, а само помалку од 100 успеале да се спасат и да преживеат.
Логорот бил организиран во два дела, Треблинка I и Треблинка II.
Уште во ноември 1941 година по наредба на нацистичките окупаторски власти бил основан принуден работен логор за Евреи и други затвореници и воени заробеници, познат како Треблинка. Овој работен логор подоцна прераснал во логорот Треблинка I. Во првите денови од создавањето логорот служел и како работен логор за полјаци (не-евреи). Затворениците Евреи и полјаци биле принудени да работат во блискиот каменолом за чакал. Во јули 1942 година како дел од претходно споменатата операција Рајнхард, била завршена изградбата на центарот за убивање познат како Треблинка II лоциран на 2 километри оддалеченост од логорот Треблинка I. Истиот зафаќал површина од околу 17 хектари и бил ограден со висока ограда со бодликава жица. Во првиот дел кој бил посебно ограден се наоѓале бараките на персоналот, управата и стражата, канцеларии, гаражи, работилници и магацини за ограбените скапоцености. Во овој дел се наоѓала и железничката станица и преминот преку пероните од кои привидно се минувало на друга станица. Логорот од надвор бил организиран да изгледа како обичен работен логор. Во дворот на логорот постоеле повеќе камуфлажни објекти, како барака на која стоел знакот на Црвениот крст наречена болница, а сето тоа било со цел да создаде привидна слика и да се спречи евентуален бунт кај жртвите. Во вториот дел од логорот Треблинка II се состоел од барака за затвореници и зграда со три гасни комори. Подоцна во есетна 1942 година била изградена уште една зграда со 10 гасни комори со цел зголемување на капацитетот за убивање. Капацитетот на сите гасни комори бил за убивање на 2000 лица одеднаш. Со логорот управувал команден персонал составен од 30 до 40 германци и австријци кои биле потпомогнати од 100тина чувари најмногу украинци. Првиот управител на логорот бил докторот Ирмфрид Еберл, а подоцна бил наследен од Франц Штангл кој претходно бил командир во екстерминациониот логор Собибор.
Непосредно по отворањето на логорот Треблинка започнале депортациите на Евреите од Варшавското гето и до есента 1942 година околу 265 000 Евреи биле транспортирани од Варшава, по што по пристигнувањето во логорот веднаш биле убиени. Покрај Евреите од Полска за време на работењето на логорот, во него биле убиени и илјадници Евреи од Словачка, Грција, Македонија и Тракија, како и Евреи кои претходно биле интернирани во Терезинштад. Во логорот биле убиени и околу 2000 роми.
По пристигнувањето на композициите на станицата Малкинија, местото за преземање на депортираните, истите веднаш биле упатени кон центарот за убивање. По пристигнувањето германскиот СС и полицијата барале од жртвите да ги предадат вредните работи со образложение дека пристигнуваат во транзитна зона. Потоа депортираните биле селектирани според пол, децата останувале со мајките, по што биле упатувани кон машките и женските бараки одвоено, додека постарите и изнемоштените биле упатувани кон т.н. болница. Единствено биле издвојувани физички посилните мажи кои биле префрлани во Треблинка I на присилна работа.
По пристигнувањето во бараките на жртвите им била одземана облеката, а понатаму биле упатувани преку оградената патека позната како цевка или пат до рајот, која водела до влезовите на гасните комори. По влегувањето во гасните комори кои биле означени како тушеви-со цел да создадат привидна слика дека жртвите одат само на туширање, а не во смрт, вратите на коморите биле запечатувани и со помош на дизел мотори и јаглероден моноксид жртвите биле задушувани и убивани за помалку од половина час. По убивањето, посебни групи на еврејски затвореници т.н. Зондеркомандо ги изнесувале безживотните тела на убиените и ги закопувале во масовни гробници, а нова група на затвореници биле подготвувани да влезат во гасните комори. Со оглед на индустриската динамика на убивање на луѓе во логорот, масовните гробници брзо се преполниле, па зондеркомандосите биле принудени да ги ископуваат телата и да ги спалуваат.
Поттикнати од бунтот во Варшавското гето кој бил во април 1943 година, уште во почетокот на 1943 година еврејските затвореници во логорот Треблинка, дел од групата Зондеркомандо започнале да организираат група за отпор. На 2 август, овие затвореници успеале да земат оружје од оружарницата на логорот, но кражбата била откриена уште пред да успеат целосно да го превземат логорот. Тие најпрво ја нападнале главната капија на логорот со цел да ги совладаат стражарите и да отворат пат за бегство до блиската шума. Стотина затвореници ја нападнале главната капија, а во обидот за бегство голем дел биле убиени. Вкупно околу 300 затвореници успеале да го напуштат логорот, но околу две третини од нив биле фатени и убиени, а само стотина успеале да се спасат, да преживеат и со години потоа да сведочат за грозоморните случувања во логорот на смртта Треблинка.
По овој настан по наредба на нацистичките власти преостанатите затвореници ги демонтирале градбите на логорот, ги запалиле и закопале остатоците со цел да се прикрие стореното злосторство, и со тоа логорот на смртта Треблинка прекинал со работа.
Меѓу жртвите на логорот Треблинка, во март 1943 година биле и 12 000 Евреи од Македонија и Тракија кои по депортацијата спроведена од бугарските окупаторски власти и примопредавањето на нацистичките власти веднаш по пристигнувањето во логорот биле егзекутирани. Од Македонија биле депортирани 7144 Евреи во три транспорти, односно на 22, 25 и 29 март 1943 година, а од нив ниту еден не успеал да се спаси од местото наречено Треблинка.
Сподели: << Назад
Секоја помош од Ваша страна е повеќе од добредојдена.
Донирајте за да продолжиме со успешната работа и едукација