Освоени награди на конкурсот „Холокаустот низ призмата на детските очи“


Освоени награди од ликовниот конкурс на тема „Холокаустот низ призмата на детските очи“ техника - мозаик

ПРВО МЕСТО Борче Димовски, ОУ „Марко Цепенков“ - ст. Зелениково, ментор Жаклина Бошковиќ

ВТОРО МЕСТО Тања Војдиновска, ОУ „Григор Прличев“ - Охрид, ментор Мира Групчева

ТРЕТО МЕСТО Ријад Гегиќ, ОУ „Марко Цепенков“ - ст. Зелениково, ментор Жаклина Бошковиќ

Освоени награди на литературниот конкурс „Холокаустот низ призмата на детските очи“ Тема за оваа година: „Раскажи ми приказна од холокаустот другарче мое“

ПРВО МЕСТО Антониа Цветаноска, ООУ„ Гоце Делчев“ Битола, ментор - Емилија Прчкова

ВТОРО МЕСТО Сара Цветкова,ООУ „Мирче Ацев“ Скопје, ментор - Павлина Огненовска

ТРЕТО МЕСТО Давид Богојевски, ООУ„Александар Здравковски“ Јегуновце, ментор - Алѓелина Костовска

ПРВО НАГРАДЕНА ТВОРБА ХОЛОКАУСТОТ ВО МОИТЕ ОЧИ

Денот ја победува ноќта. Утро е. Се будам, но темен облак ми лежи над душата. Зад чипкастите завеси, сончевите зраци веќе продираат во собата. Една срамежлива сенка ѕирка од таванот и приближувајќи се, ме фаќа за раката и заедно седнуваме до прозорецот. Пред нас, како вистински господин се вишнее стариот орев. Под сенката на неговата крошна си игра палаво девојче. Трча занесено лево-десно, си потпевнува нешто. Ме посетува на Адина, мојата најдобра другарка, која често доаѓаше под прозорецот на мојата соба и ме повикуваше за дружба. Јас, пак, бев таа „спанката" која сакаше наутро да поспие подолго, но Адина секогаш ме чекаше стрпливо на клупата под стариот орев. Низ мислите ми поминаа многу слики за случки кои ги имавме доживеано заедно. Од една случка во себе носам илјада спомени! Тагата ме притиска во градите, чувствувам грч на лицето, солзите се тркалаат по моите образи. Ме гуши голема празнина и самотија. Адина повеќе ја нема! Ги нема и другите деца од соседната улица кои доаѓаа под стариот орев, па зелената мека трева знаеше да се претвори и во фудбалски терен. Тоа е мојот најдраг спомен од летните денови, поминати другарувајќи, сè додека не падне мракот. Се менуваат годишните времиња, насмевката на летото згаснува во дожливите есенски денови. Последната заедничка есен, секое утро јас одев в училиште, а на пладне Адина доаѓаше во мојот дом, за да и’ го пренесам тоа што сум го научила. Децата од соседната „еврејска" улица, како што ја нарекуваа сите, немаа право да посетуваат настава. Адина имаше голема желба да учи, да сознава нови нешта, да решава задачи, а најмногу од сè, сакаше да чита. Јас и’ го пренесував сè она што ни го кажуваше наставникот и и' позајмував книги. Сè до тој навидум обичен ден, кога Адина воопшто не дојде во мојот дом, по моето враќање од училиште. Насетив дека нешто не е во ред и со брз чекор се упатив кон улицата каде што живееше. Таа беше празна, тивка, нема... Како нешто да навестуваше. Наредниот ден ги одведоа. Сите нив – нашите пријатели Евреи. Едина повеќе ја немаше меѓу нас. Застанав пред нејзината куќа, ќепенците беа спуштени, а и другите куќи беа празни. Улицата беше обоена со сивило и темнина. Додека се враќав дома, ме обзеде тага, но и револт. Ги прашав моите родители зошто се случи ова, која е причината. Најпрво одговорот беше молк и кревање на рамениците, но потоа ми објаснија дека сите тие семејства ги одвеле, само затоа што биле Евреи. Каде – никој не знаеше. Ништо не ми беше јасно - што треба тоа да значи? Зошто? Зошто ги одведоа? Одговорот повторно беше ист: „Тие се Евреи". Потоа дознавме дека Евреите беа носени во концентрациони логори на присилна работа, а таму беа и брутално убивани. Тие беа предмет на малтретирање, на медицински експерименти и нечовечки третмани кои ги доведуваа до сигурна смрт. Тогаш за првпат ја дознав целата сурова вистина која никако не можев да ја прифатам. Што беа тие поразлични од нас? Ние бевме сите исти, деца со добра волја, меѓу нас немаше разлики. Тие ништо лошо не направија, а беа одведени само затоа што беа родени како Евреи. Па, и тие беа луѓе, со свое име, свое лице и свој живот! Стравично злосторство е направено врз еден беспомошен народ! Не смееме да дозволиме времето да ја избрише реалноста и да го промени односот кон ова светско зло! Не смееме да останеме рамнодушни, треба еднаш засекогаш да престане било каква омраза меѓу народите. Холокаустот нека биде вечен потсетник за човековото безумие, но и поттик за вечна љубов и почит меѓу сите нас. Денес седам и ги гледам розите што се наоѓаат пред мојот прозорец. Со многу грижа секојдневно ги одгледувам - во чест на Адина. Срцето ми е полно со јад, тага, солзи... Плачам тивко, тајно. Изговарајќи го нејзиното име, ги склопувам дланките и се молам за неа, гледајќи ја клупата под стариот орев, каде заедно учевме и другарувавме.

ВТОРО НАГРАДЕНА ТВОРБА РАСКАЖИ МИ ПРИКАЗНА ОД ХОЛОКАУСТОТ ДРУГАРЧЕ МОЕ

Низ страниците на новиот век провејува, другарче мое, тажен ек. Додека ме жарат сликите од твоите зборови им оддавам почит на незнајните без гробови.

Твојата приказна како грутка ме стега, горчливиот кошмар не ќе умее да избега. За трепетот во сивиот, суров мрак, за надежта во очите од утринскиот зрак.

Синџири траорни од крв исковани, судбини тешки незнајно изгубени, нечујно пеат за животот млад, немо шепотат за прогон и глад.

Одвоено дете од мајчински гради во црни логори душа му всади. Од родното дрво скршената гранка под ударот на безмилосната дланка.

Зарем сите не се исти на овој божји свет? Зошто мразот го нагази миризливиот цвет? Зарем холокаустот не е срам на човечкиот род? Зошто злото да царува под овој небесен свод?

Како скинати рози среде трнлив пат, како камења жешки околу врат. Како бистра солза во темна гора, како молитва тивка во крвава зора.

Од родната грутка откорнати цветови, распрснати во смрт во далечни светови! Нема допир што душата ќе ја згрее, копнежот за правда вечно во нив тлее!

Спомените од сивите утра вечно траат, да се затвореници зарем невините знаат? Лузните на срцето како оловен жар печат, логорските слики со години се влечат!

Животи фрлени во бездна и сенка соништа неостварени во судбина тенка! Смрт без живот, дланка без рака, стих по стих за незаборавна мака!

Деца како бисери во темна школка, крвав печат на еврејската болка! На грбот носат копнеж и челична моќ, талкаат по светлнната среде црната ноќ!

Ти ветувам, ценето другарче мое, ќе го пренесам сеќавањето твое! Да засадиме за мир вечна желба! Да се бориме за свет без тага и делба!

ТРЕТО НАГРАДЕНА ТВОРБА Раскажи ми за холакаустот,пријателе мој

Човек неможе да опише чуствата со зборови без да ги доживее. Надвор е многу ладно,а јас излегов без своето палто.Едноставно го заборавив од брзање.Немав време за да се вратам по него.Седнав на клупата,чекав да пристигне автобусот.За моја среќа автобусот веднаш пристигна.Влегов и седнав до еден возрасен човек кој ме гледаше зачудено и со погледот како да сакаше да ме праша каде одам без палто.Како крвта да ми се замрзна,не го чувствував телото,срцето и гласот. Едвај му посакав добро утро.Неговата рака нежно ја стави на моето рамо и ме праша дали сакам да ми раскаже една вистина за едно зимско палто.Ми кажа дека потекнува од еврејско семејство.Од мене не доби потврден одговор,но сепак почна да зборува: “ Тоа палто било сошиено од рацете на мојата баба во далечната 1933 година, го сошила за мојот татко.Татко ми тогаш бил младо момче.Во тоа време еврите ги изгубиле своите права.Главниот виновник за холокаустот бил тогашниот водич и канцелар на Германија ,Адолф Хитлер.Ги сметал евреите како непријатели на Германија па затоа го започнал нивниот прогон.” Додека го слушав почуствував како телото ми се затоплува.Човекот подетално ми раскажуваше за голготата,за масовното убивање и за тоа како биле протерани и однесени во логор,а биле третирани на најбрутален и трагичен начин.Во јануари 1945 година воАушвиц бил евакуиран неговиот татко.Заедно со мнозинството затвореници ,биле испратени на така наречениот ,,Марш на смртта,, долг 50 километри на студено време под нулата,а биле облечени во тенка облека.Пред да биде однесен во Аушвиц неговиот татко бил принуден своето палто да му го подари на битолчанец,бидејќи им било забрането да носат топла облека.Полека ја привршуваше оваа болна вистина.Палтото на неговиот татко е сочувано и однесено во меморијалниот центар на холакаустот на Евреите.Тоа палто ги топли сите души, кој биле жртви на холакаустот.За да не се заборават тие жртви и за да не бидат убиени по втор пат.Ме замоли никогаш да не дозволам да бидам нечија жртва,па дури и на студот. Автобусот застана,а тоа беше неговата станица.Човекот ме погледна во очи и ми ја кажа последната реченица:”Светот никогаш не смее да молчи кога страдаат луѓе.”


Секоја помош од Ваша страна е повеќе од добредојдена.

Донирајте за да продолжиме со успешната работа и едукација

MK EN