Промоцијата на книгата „Изброј ги ѕвездите“ од Лоис Лаури во Велес


Во пријатна атмосфера и со почитување на пандемиските протоколи, на платото пред Ликовниот салон во Велес беше промовирана новелата „Изброј ги ѕвездите“. Домаќин на настанот беше локалната библиотека „Гоце Делчев“ и в.д. директорката Гордана Васковска која ги поздрави присутните и даде краток осврт за романот. За авторката и книгата зборуваше Жаклина Мучева од Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија, а презентација за спасените деца Евреи од Македонија имаше Горан Садикаријо - извршен директор на Фондот, кој направи паралела со приказната на Анемари.

Оваа емотивна и сериозна приказна раскажана од дете на само десет години е доказ за големината на детските воени сведоштва, за нивната храброст и сочувство. Во новелата „Изброј ги ѕвездите“ децата не се само воени жртви или сведоци, тие се доверливи, истрајни и одговорни учесници во дејствијата на возрасните. Преку нарацијата на Анемари Јохансен, читателот патува низ двојноста на случувањата во Копенхаген 1943та : живот - смрт, војска - цивили, добрина - злосторство, другарство - непријателство, глад - ситост, војна - мир и конечно вистинска ли е приказната или измислица на авторот Лоис Лаури. Затоа можеби читателот ќе се запраша дали спасувањето на едно еврејско семејство значи спасување на сите Евреи во Данска? И токму тука ќе се пронижат историските вистини. Ќе се дознае големината на пријателството, граѓанската солидарност, пожртвуваноста и храброста на обичниот човек. Читателот ја завршува приказната со чувство на човекољубие. Ја осознава и големината на детското историско испишување на минатото.

Извадоци од книгата читаа Валерија и Анастасија Ѓорѓиеви членови на клубот на писатели Коста Солев Рацин од Велес, а ученичките од Основно музичко училиште„Стефан Гајдов“ Велес, Ива Бабуновска и Јулијана Огњанова, со своите виолини ѝ дадоа на промоцијата посебна лирска нота. Книгата е дополнета со прашања за дискусија и размислување, со надеж дека ќе стане предмет на интерес во образовниот процес, со оглед на тоа што меѓу литературната понуда во основното образование недостасуваат книжевни дела кои ја обработуваат темата - холокауст. Овој роман е светол пример и од книжевен и од дидактички аспект и ефектите од неговата обработка во училиштата би биле позитивни и далекосежни.

На крајот од промоцијата присутните имаа можност да го погледнат промотивниот филм за Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите од Македонија со кој оваа институција беше промовирана и номинирана за награда на Европската музејска академија од 2019 година за најдобар музеј во Европа.


Секоја помош од Ваша страна е повеќе од добредојдена.

Донирајте за да продолжиме со успешната работа и едукација

MK EN