ЈОСИФ ШУРНА (Нахмијас) – СКИПО
Јосиф Шурна – Скипо е роден во Скопје 1922 година. Работел како лимар. Во НОВ бил од почетокот на востанието, како заднински работник. Скипо бил член на КПЈ. Бегајќи од теророт на бугарската полиција, заедно со браќата Моис и Арон Бахар и Ментеш Нахмијас, биле сокриени во Дебар. Во НОВ бил од мај 1943 година. Работел во Агитпроп на Првата македонско - косовска ударна бригада. Бил учесник во сите борби на бригадата, а особено на Кленоец, Пресек, Букович и други места. Јосиф Шурна во сите борби бил пушкомитралезец, а особено се истакнал со својата храброст во нападите за ослободување на Кичево. Во последниот напад бил заробен од балистите, но успеал да избега и повторно им се приклучил на соборците од бригадата. Покрај учеството во оружените борби, имал исклучителен талент за организирање на културно - забавниот живот. На ослободените територии организирал настапи за партизаните и локалното население. Жамила Колономос во книгата „Движењето на отпорот на Евреите од Македонија“ за Јосиф Шурна вели : Нашиот Скипо пееше по една песна за секоја нација : српска, руска, еврејска, албанска, а на крајот македонска, и сите пеевме заедно. За еврејската песна рековме дека е шпанска. Нам, Евреите, кои ги разбиравме зборовите на ладино, солзи ни потекоа кога Скипо, полн со емоции, со гитарата, почна да ја пее песната ,, Дрвјата плачат за дожд ‘‘. Ниту еднаш не пропушти да ја испее. Му велев, Скипо, ти како да молиш кадиш за нашите депортирани. Велеше ,,Да, песната е посветена на нашите, по една песна за секој народ.‘‘
Со бригадата учествувал и во ,,Богомилската епопеја ‘’при температури под -10°, висок снег и виулици, на планински гребени високи над 1.000 м, преку тешко проодните масиви на Кожув, Мариово, Дрен, Мукос, Азот, Порече и Бабуна, во постојан судир со непријателот кај селото Никодин, па до Орешка Чука кај Богомилскиот тунел и назад до преминот на Црна Река и влегувањето на теренот на Мариово. Должината на маршот била над 260 км или, просечно, дневно по 18км. Пробивот на Првата македонско-косовска бригада на овој простор, неспособноста на окупаторот да ја разбие и да ја уништи, имала силен одглас, не само на овој простор туку и пошироко во Македонија, а и во балкански размери.
По враќањето од Богомилскиот марш (дел од Февруарскиот поход) ја водел својата последна борба кај село Белчишта, Охридско. Одејќи како претходница, се сретнал со силни бугарски единици. Успеал да ги задржи и да и овозможи на бригадата да се развие, истовремено нанесувајќи му на непријателот катасрофални загуби. Во овие борби храбро загинал во мај 1944 година.
На местото каде загинал, по војната, била подигната спомен чешма која го носи неговото име.
Во скопски Чаир една улица го носи името на Јосиф Шурна.
Сподели: << Назад
Секоја помош од Ваша страна е повеќе од добредојдена.
Донирајте за да продолжиме со успешната работа и едукација