Ционизам /Ционизмот во Македонија


Името ,,ЦИОН‘‘ се наоѓа во Танах (Стариот завет) и има повеќе значења:

  1. Назив за Ерусалим и Јудејското кралство
  2. Назив за еврејскиот народ
  3. Назив за Ерец Исраел

Национално-политичкото еврејско движење со текот на времето попримило разни облици: месијанство, песни со копнеж по Цион, движење Хибат Цион, прехерцлијанско движење на населување на Евреите во Ерец Исраел.

Првата идеја за создавање на еврејска држава во Палестина потекнала од средината на XIX век од страна на руските Евреи. Тие живееле во најтешки услови. Царската власт во Русија ги држела Евреите во најголема заостанатост. Меѓу руските Евреи во 70-тите години на XIX век ce појавило движењето ,,CHOVEVEI ZION‘‘љубители на Цион за решавање на еврејското прашање во Палестина - земјата на дамнешните предци на Евреите.

Растечкиот антисемитизам во Франција како резултат на Аферата Драјфус бил уште една причина за формирање на ционистичкото движење. Во центарот на аферата бил младиот артилериски капетан од еврејско потекло Алфред Драјфус, кој во 1894 година бил осуден на доживотен затвор за предавство иако немало доволно докази за тоа. Тој бил испратен на отслужување на казната на Ѓаволскиот остров во Француска Гвајана. Претходно, Драјфус бил амбициозен и успешен офицер кој бил на тренинг во генерал-штабот на армијата. Австрискиот Евреин Теодор Херцл бил сведок на француските настани и во 1896 година ја објавил книгата „Еврејската држава - обиди за модерно решавање на еврејското прашање“, каде појасно ги формулирал идеите на ционизмот. Ce залагал за создавање модерна еврејска држава. Тој во книгата истакнува „јас не го следам еврејското прашање како општествено, ниту како верско, без разлика на тоа во каков вид ce јавува...тоа е, пред cè, национално прашање, кое за да биде решено, бара да биде поставено како политичко прашање од универзално значење, a треба да биде решено во парламентите на цивилизираните народи.

Херцл потекнувал од богато австриско семејство. Затоа неговите ставови биле поблаги и ce разликувале од руските Евреи кои биле подложни на прогони од страна на царската власт. Тој почнал да подготвува свикување на општ еврејски конгрес. Бил поддржан од група германски интелектуалци и индустријалци.

Во март 1897 година во Лондон била одржана конференција во присуство на австро-унгарски и германски Евреи каде ce постигнала согласност за свикување општ еврејски конгрес во истата година. Тогаш по предлог на еден од учесниците (индустријалецот Волфсон) било прифатено еврејското знаме (Давидовата звезда). Било решено движењето да ce нарече ционистичко. Како резултат на залагањето на Херцл во Базел од 28-30 јули 1897 година ce одржал еврејски конгрес со присуство на 197 делегати од Германија, Австо-Унгарија, Русија, САД, Британија и др. Тогаш и дефинитивно била формирана ционистичката организација. Била усвоена програма која требало да поттикнува еврејска колонизација во Палестина преку создавање занаетчиски и земјоделски населби. Ционистичкото движење наишло на отпор ширум светот. Против него ce дигнала и целата еврејска синагога која со векови била водач на еврејската дијаспора. Таа стоела на гледиштето дека не ce сметаат за посебна нација, туку за религиозна заедница затоа не тежнеела за враќање во Палестина. Исто така и еврејските ортодокси од Европа и САД барале да ce спречи движењето. За таа цел бил формиран Агутат-ултра ортодоксна артија која ce спротивставила на ционизмот.

Велика Британија ставила крај на овој отпор на еврејските заедници ширум светот со донесувањета на Балфуровата декларација на 2 ноември 1917 година со која Велика Британија  го поддржала создавањето на национално огниште на еврејскиот народ во Палестина. Таа водела сметка да не ги навреди Арапите кои ja населувале Палестина и во Декларацијата било додадено дека ништо нема да направи на штета на националните и верските права на нееврејските заедници во Палестина.

Ционизмот во Македонија

Ционизмот во Македонија значел прогрес, раскинување со надминатите вредности на постарите генерации. Пред Првата светска војна, управителите на училиштата на АИУ не го прифаќале ционизмот, а тие имале големо влијание во управувањето со еврејските заедници. Но и покрај тоа, Евреите на почетокот на XX век, за време на османлиското владеење, редовно го плаќале својот ,,шекел‘‘ преку солунските ционистички организации.

,,Шекел‘‘ бил назив за монета која била во промет во Јудеја уште во 160 г. пред новата ера. Ционистичкиот шекел бил придонес што сите Евреи над 18 години од обата пола и од сите сталежи и го плаќале на Светската ционистичка организација ако се согласувале со ,,Базелската програма‘‘ усвоена на Првиот ционистички конгрес во Базел 1897 година. Цената на шекелот за секоја земја ја одредувала Егзекутивата на организацијата. Според височината на шекелските придонеси се гледала вистинската сила на ционистичкото движење за обнова на еврејската државност во Ерец Исраел.

Една година по основањето на Сојузот на еврејските вероисповедни општини на Кралството СХС (1919 г.), а по подготовките на конференцијата во Брод на Сава, на младинскиот слет во Осиек бил основан СЖОУ- Савез жидовских омладинских удружења ( Сојуз на еврејските младински здруженија).

СЖОУ имал јасна ционистичка тенденција, со идеја за еврејски социјализам (од нивните редови подоцна се издвоиле младинците на кои не им бил по волја ционистичкиот правец, па станале активни во редовите на СКОЈ и КПЈ). Првата  младинска организација од територијата на Македонија што се зачленила во СЖОУ во ноември 1923 година била ,,Хатехија“ од Битола, а по неа, една година подоцна, сите останати еврејски младински здруженија во Македонија.

 

 


Секоја помош од Ваша страна е повеќе од добредојдена.

Донирајте за да продолжиме со успешната работа и едукација

MK EN