Сефардските Евреи на Балканот - Македонска хроника
Еврејското егзистирање на Иберискиот Полуостров го доживеало својето златно доба во периодот од 10 до 12 век кога во Ал Андалуз заедно живееле и просперирале муслимани, христијани и Евреи кои ги соединувало античката филозофија, арапската мисла и хебрејската поезија. Овој период на мирен соживот бил нарушен од реконквистата, односно повторното реосвојување од страна на обединетите сили на Арагон и Кастиља во 1492, кога под притисок на кралскиот декрет и инквизицијата Евреите биле приморани да конвертираат во католицизам или трајно да се отселат. Со декретот за прогонување биле засегнати околу 200 000 Евреи во повеќе од 400 заедници во Шпанија и Сицилија. Само 4 години подоцна, во 1496 година декретот почнува да важи и во Португалија, и заклучно со 1498 година на Иберискиот Полуостров не останале Евреи кои јавно ја декларирале својата вероисповед.
Под овие новонастанати околности Османлиската Империја била заинтересирана да ги прими еврејските исселеници и да ги насели во испразнетите градови на Балканот под османлиска власт. Сефардските Евреи со себе донеле практични вештини кои биле посебно ценети во Османлиската Империја, а ги познавале вештините на ткаење на лененено платно и производство на волна, како и печатарскиот занает. Меѓу Евреите имало и такви кои дипломирале медицина на универзитети во Шпанија, Португалија и Италија, па истите често биле назначувани за лични султански лекари.
Помеѓу 1492-1550 година десетици илјади протерани Евреи пристигнале во Османлиската Империја, надоаѓајќи во локалните еврејски заедници и до 16 век бил достигнат врвот на благосостојбата на Евреите кога приближно 100 000 Евреи живееле во поголемите градови ширум Империјата.
Согласно османлиските закони Евреите како и другите немуслимани имале статус на граѓани од втор ред, но сепак кон нив имало толеранција и им било дозволено да почитуваат и сопствени закони. Во новонаселените територии Евреите се групирале најчесто според географското потекло, а нивните синагоги ги именувале според местата од каде што се доселувале.
Истанбул како центар на Османлиската Империја од неговото освојување па се до првата светска војна бил трговска, културна и политичка престолнина, но и дом на различни еврејски заедници кои биле привлечени од можностите за економски просперитет. Уште во 16 век Евреите во Истанбул вовеле хебрејска печатница, иако ладиното останал нивни мајчин јазик до 20 век. Заедницата која броела 35 000 Евреи можела да се пофали со десетици синагоги.
Покрај Истанбул, и Солун бил важен трговски и економски пристанишен центар на Османлиската Империја кој станал средиште во кое се развивале еврејската ученост и трговија. Можностите кое ги нудело пристаништето за трговија со балканскиот копнен дел дополнително ги привлекло Евреите уште од дамнина, а подоцна истите услови биле примамливи и за сефардските доселеници. Ова допринело во Солун да се создаде Еврејска заедница полна со живот, со што Солун станал срцето на светот на сефардите, или како што и го нарекувале „Ерусалим на Балканот“. Новодојдените Евреи основале динамична печатарска дејност која предизвикала прилив на учени луѓе. Најзначајни изданија биле Талмудот и изданието на Библијата. Солун, исто така бил познат и по своите рабини, како и рабинската семинарија (Талмуд Тора) која привлекувала ученици од целиот источен Медитеран. Во 16 век во Солун се случила хебрејската книжевна ренесанса што било причина Евреи од целиот свет да доаѓаат и да се советуваат со учените Сефарди.
По првичното населување на сефардските Евреи во Солун, поттикнати од економските можности набрзо започнале да се насеуваат и во поголемите градови на континенталниот дел на Балканот, како Битола, Скопје, Штип, Сараево, Дубровник, Белград и тн.
Шпанската култура и јазик биле вградени во животот на Евреите на Балканот. Презимињата потсетувале на шпанските градови од кои потекнувале, додека женските имиња имале корени од шпански зборови како Алегра – што значи радост, Естреја – ѕвезда, Линда – убава и тн. Шпанските поговрки биле зачин на секојневниот говор, а андалузиската музика бил неодминлив дел од секојдневниот живот и прославите.
Семејниот живот на Евреите на Балканот како и кај другите балкански народи бил организиран на типичен традиционален патријархален начин. Мажите биле одговрни за обезбедување на егзистенцијата и најголем дел од денот го поминувале надвор од домот во својата трговина, го претставувале семејството во заедницата, пред локалната власт и најважно пред Бога. Жените се грижеле за домот, хигиената, децата, постарите членови на семејството, образованието на ќерките било исклучиво нивна одговорност, а момчињата со навршување на 5 годишна возраст посетувале мелдар (еврејско основно училиште) каде што изучувале верски обичаи и убедувања како и хебрејски јазик за молитва. По завршување на ваквото училиште тие се приклучувале кон семејната професија или изучувале занает.
Сефардите живееле во куќи кои формирале заеднички дворови, каде што речиси исте соседи биле Евреи. Дворовите биле средиште на секојдневниот живот и во нив се одвивале заеднички активности за потребите на домаќинствата. Сефардските жени создале динамична мрежа за взаемна поддршка помагајќи си во тешки времиња. За нив дворот претставувал она што за мажите биле пазарите и чаршијата, односно место за дружење, релаксација и натпревар. Во Битола еврејското маало до 20 век вклучувало неколку населби Ла Табане, Ла Бомба, Ла Калеже и Чифлик каде што живееле најсиромашните Евреи. Во Скопје Еврејското маало било лоцирано под тврдината Кале во близина на Камениот мост, додека во Штип се наоѓало во центарот на градот на брегот на реката Отиња.
Јазикот кој го говореле сефардските Евреи бил посебно вредно културно и духовно наследство. Јудео-шпанскиот јазик познат и како ладино спаѓа во романската група на јазици, односно основата претставува шпанскиот јазик а го дополнуваат елементи на хебрејскиот, старотурскиот и примеси од балканските јазици. Корените на ладиното се јавуваат во средновековна Шпанија.
Евреите во поголемите градови Скопје, Битола и Штип биле организирани во автономни еврејски верски заедници кои се грижеле за задоволување на основните потреби за верски и социјален живот на членовите. Во рамки на заедниците егзистирале различни добротворни здруженија што им помагале на сиромашните Евреи, особено во турбулентниот перид на Балканските војни и Првата светска војна. Такви здруженија биле Малбиш Арумим – облекувач на сиромашните, Матанот Лаевјоним – подароци за сиромашните, народната кујна за еврејски ученици, здружението Бикур Холим – посета на болните и други.
Во 19 и почетокот на 20 век во Битола постоеле 6 синагоги од кои најстари биле Кал кадош Португал и Кал кадош Арагон. Во Скопје имало две синагоги Бет Јаков и Бет Ахарон, додека во Штип имало една синагога.
И покрај значителните културни разлики со останатото население, сефардските Евреи на Балканот не биле имуни на политичките случувања. Берлинскиот договор од 1878 година, со кој завршило Османлиското владеење на поголемиот дел од Балканот неминовно влијаел врз положбата и секојдневието како на останатото население, така и на Евреите. Неколку македонски Евреи биле учесници и во Илинденското востание во 1903 година против Османлиската власт, а еден од нив бил и Рафаел Камхи кој бил активен учесник во борбите, тајно пренесувал оружје и живеел според своето мото: „Слободата треба да биде работна задача на сите поробени народи“. Покрај него учесници во востанието биле и Ментеш Камхи, Аврам и Мушон Нисан, Санто и Переиз Ароести.
Нов поглед врз западната култура овозможила и организацијата Alliance Israelite Universelle, која на сефардските Евреи им овозможувала западно образование и култура,со што предизвикало револуција во дотогашното образование. Во Македонија орвото Alliance училиште било отворено во Битола во 1895 година, а напрзо потоа и во Скопје во 1902 година. Овие училишта подеднакво ги образовале и момчињата и девојчињата. Alliance училиштата немале никакви сличности со постарите Талмуд Тора училишта. Во нив покрај францускиот јазик, се изучувале и општествените и природните науки.
По првата светска војна младите македонски Евреи се обидувале да создадат нов живот. Ционизмот се засилил и му дал ново значење на еврејскиот начин на живот. Во 1923 година Леон Камхи во Битола го основал движењето Ха-техија. Ционистичко-социјалистичкиот огранок Хашомер Хацаир дошол во 1930 година, а организацијата Техелет Лаван ги обучувала младите за трговија и земјоделство. Младите Евреи го учеле совтемениот хебрејски јазик, посетувале културни и спортски настани и создале нова заедница. Во текот на 30тите години на 20 век 490 Евреи од Кралството Југославија се одлучиле за алија во земјата на Израел.
Доаѓањето на власт на нацистите во Германија во 1933 година, ја поттикнало поддршката на фашизмот низ Европа како противтежа на комунизмот. Ова довело до ограничувања на граѓанските слободи и често било проследено со изразен антисемитизам. Во почетокот во Кралството Југославија биле осудувани антиеврејските испади, но кон крајот на 30тите години на 20 век осудите полека ги снемувало. Во април 1941 година нацистичка Германија и нејзините сојузници го освоиле и распарчиле кралството Југославија. Судбината на југословенските Евреи зависела од новите власти во секој поединечен дел. На просторот на Србија и Хрватска истребувањето било извршено веднаш и коренито. Најголемиот дел од Вардарска Македонија потпаднал под бугарска фашистичка окупација, а македонските Евреи веднаш станале цел на бугарската антиеврејска политика која вклучувала бројни антиеврејски уредби, а една од првите мерки била одземањето на правото на државјанство. Потоа уследиле и забрана за работа во банки, јавен сектор, медицински установи, работа во дневни весници и тн. Бугарските фашистички власти спроведувале конфискација на куќи и дуќани, а Евреите ги присилувале да живеат во гета. Биле воведени и посебни даноци за Евреите, а власта ги контролирала нивните банкарски сметки. Од јуни 1941 година мажите Евреи биле регрутирани за присилна работа, а во април 1942 година Евреите биле присилени да носат ознака за идентификација - значка жолта давидова ѕвезда. После две години живот во лоши услови и бројни антиеврејски рестрикции, на 22 февруари 1943 година, во договорот меѓу Теодор Данекер кој бил германски СС офицер и Александар Белев, бугарски комесар за Еврејски прашања била запечатена судбината на македонските Евреи. Фашистичка Бугарија се согласила веднаш да ги депортира македонските Евреи во логорите на смртта во тогашна окупирана Полска. На 11 март 1943 година евреите од Скопје, Битола и Штип биле уапсени и транспортирани во Монополот во Скопје. Повеќе од 7200 Евреи биле сместени во Монополот без доволно храна и основни хигиенски и санитарни услови. Само 165 медицински лица и странски државјани биле ослободени од привремениот транзитен логор во скопскиот Монопол. Сите останати, 7144 македонски Евреи во три транспорти биле депортирани во логорот на смртта Треблинка кој бил еден од шесте центри за убивање за време на нацистичката окупација на Поска. Македонските Евреи веднаш по пристигнувањето во Треблинка биле убиени во гасни комори.
Многу мал број македонски Евреи успеале да ја преживеат Втората светска војна. Оние што успеале да преживеат ги спасиле соседите или непознати луѓе, или оние кои им се придружиле на партизаните или пребегнале во Албанија. Националниот меморијален музеј на холокаустот Јад Вашем им оддаде признание Праведници меѓу народите на сите оние кои ги ризикувале своите животи за да спасат еден или повеќе Евреи, a меѓу нив се и 10 македонци.
Многу млади Евреи му дале поддршка и станале дел од вооружениот отпор, а меѓу нив и Есреја Овадија одликувана со медалот Народен херој на Југославија.
По ослободувањето на Македонија во ноември 1944 година поранешните големи еврејски заедници во Скопје, Битола и Штип повеќе ги немало. Еврејските синагоги, гробишта, училишта и целите еврејски маала останале во урнатини. Од речиси 8000 Евреи во Македонија, преживеале само околу 350. Во декември 1944 година преживеаните Евреи во Скопје го основале советот за национално ослободување на македонските Евреи ја реставрирале синагогата, додека еврејскиот совет во Битола основан во 1945 година престанал со работа само една година подоцна заради големиот број на Евреи кои се исселиле.
Денес еврејската заедница во Македонија е само мал остаток од она што некогаш било и речиси сите Евреи живеат во Скопје. И покрај малубројноста ја продолжува културата и традицијата на сефардските Евреи во Македонија.
Секој 11 март Еврејската заедница и Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија одржуваат комеморации во Скопје, Битола и Штип во спомен на македонските Евреи жртви во холокаустот.
Сподели: << Назад
Секоја помош од Ваша страна е повеќе од добредојдена.
Донирајте за да продолжиме со успешната работа и едукација