На 14 јули, на платото на Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите од Македонија се одржа концерт на Клезмер музика насловен како Kleztango and Beyond во изведба на дуото Trenev & Vajs. Концертот беше во организација на Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија во соработка со Дирекцијата за култура и беше дел од овогодинешната програма на манифестацијата Скопско културно лето.
Кleztango and Beyond е името на албумот во кој кларинетот и хармониката, два најдобри пријатели во светската музика, градат музички дијалог. Хармониката го претставува смеењето, воздишките и ги прати гласните звуци од кларинетот со меки, кристално јасни и ритмички разиграни мелодии. Тренев и Вајс се посветуваат на две прекрасни музички варијации – танго и клезмер и разиграно ги компонираат нивните заеднички мелодии. Во април 2019 година нивниот деби албум е издаден од Лотус Рекордс. Летото 2019, ново создадениот бенд учествуваше на интернационалниот фестивал за Хармоника во Виена, како и на турнеи во Источна Европа и Северна Америка.
Мориц Вајс – кларинет и бас кларинет
Кларинетистот и композитор Мориц Вајс (роден во 1996 во Фирстенелд), покрај неговите студии по класична музика во Виена, се посветува на светскиот жанр „Клезмер и Yiddish Music“, слави голем успех на националните и меѓународните бини со сопствените ансамбли (Триото Мориц Вајс и Дуото Тренев и Вајс). Како композитор го врти вниманието кон себе пред се со своето дело „Vocal Klezmer Sounds“ (за инструментален ансамбл и хор). Во 2018 година тој го основаше здружението „Styrian Klezmer Connection“ , платформа за Клезмер и Јидиш музика во Штаерска. Тој е дел од програмата за стипендии на клезмер фестивалот Клец Канада (Монтреал), како и во програмата за финансирање НАСОМ на Министерството за надворешни работи во Австрија. Како гостин музичар, збогатува бројни ансамбли и ЦД – снимки. Пред кратко е награден за неговото музичко дело со наградата Моргенштерн од покраинтата Штаерска.
Иван Тренев – хармоника
Македонскиот хармоникаш и композитор Иван Тренев е роден 1993 година во Штип. Со музика започнува да се занимава уште од најрана возраст и веќе на 8 годишна возраст ја освојува и својата прва награда на државниот натпревар во Скопје. Oсновното и средното музичко образование ги завршува во родниот Штип, а за тоа време успешно зема учество на повеќе државни и интернационални натпревари во Република Северна Македонија и во странство. Својот прв солистички концерт го оддржува на 16 годишна возраст.
По завршувањето на средното образование заминува за Грац, Австрија. Таму ги завршува додипломските студии во 2015, а во 2019 магистрира на Универзитетот за музика и драмски уметности Грац. Соработува со повеќе композитори и премиерно изведува повеќе од 30 композиции за хармоника. Со проектите во кои е актвиен издава 6 албуми и настапува редовно во Европа и северна Америка. За неговиот уметнички ангажман може слободно да се каже дека „не познава граници“. Иван е активен не само на полето на современата музика, туку и на полето на танго музиката, латино-американската музика, балканската, ориенталната како и клезмер музиката.
Тој е ко-основач на здружението за поддршка на клезмер културата „Styrian Klezmer Connection“, стипендијант е на Министерството за култура на Република Северна Македонија како и на престижната „Azrielli Scholarship“ во рамките на „KlezKanada“.