Домаќини и кустоси на изложбата беа учениците и наставниците од ООУ „Кузман Јосифовски Питу“ во општина Кисела Вода. Учениците од 9 одделение беа кустоси на изложбата и преку презентација на фотографиите кои се дел од оваа изложба учеа за пристигнувањето на транспортите од Унгарија во Аушвиц- Биркенау, пролетта 1944 година.
Фотографиите ги прикажуваат фазите на третман на Евреите по пристигнувањето во центарот за убивање, но ниту една фотографија не презентира насилство и не сведочи за убиствата.
Со помош на наставничката по историја - Гордана Плетварска која примени соодветна методологија на работа со вакви сензитивни теми, учениците успеаа да ги увидат фактите и историските моменти од еден период на човештвото кој не треба никогаш да се повтори. Директорката Мишела Николовска – Милеска сподели со учениците информации за злосторствата направени во логорот Јасенивац, каде животот го изгубиле членови на нејзиното семејство.
Учениците имаа можност да го погледнат наставниот филм „Приказните на оние кои повеќе не зборуваат“ изработен од ученици од училиштето „Петар Поп Арсов“ кои работеа на истражувачкиот проект „Евреите од мојот град“, а зборува за животот на Евреите од Скопје, пред војната, депортацијата на Евреите од Македонија и продолжувањето на опстојувањето на Еврејската заедница во Македонија.
Голема благодарност за учениците за издвоеното време и желбата да научат нешто повеќе, за наставничката Гордана Плетварска и нејзиниот колега наставникот по историја Борче Милевски и секако на директорката Николовска – Милеска за соработката и гостопримството.