Концентрациони логори во Кралството Југославија, Србија
По примерот на Германија и Италија, властите во Кралството Југославија отворале концентрациони логори за антифашисти и комунисти во периодот од 1935 до 1941 година. Првиот таков логор бил отворен во 1935 година во Вишеград. За време на војната (1941-1945), логорите биле претворени во фабрики за уништување на луѓе, бројот на затвореници растел. За време на Втората светска војна, на територијата на Југославија во функција биле повеќе од 70 логори.
До Втората светска војна во Кралството Југославија живееле 75.000 Евреи, до самиот почеток на војната во Југославија засолниште побарале уште 6.000 Евреи (бегалци од Германија, Австрија, Чехословачка и Полска). По ослободувањето, според пописите, во Југославија имало само 15.000 Евреи. Геноцидот на Евреите во окупирана Србија е дел од германска политика за конечното решение на еврејското прашање.
Евреите во окупирана Србија од почетокот на германската окупација биле изложени на силен терор и за една година скоро целосно уништени. Во мај 1941 година, владата на Ачимовиќ добила наредба од нацистите да основа логори низ цела Србија. Ревносно извршувајќи ја германската наредба, Министерството за внатрешни работи веднаш по наредбата на Ачимовиќ, го превзело соодветниот чекор. Најпознатите логори за истребување на населението на Србија и другите народи од поранешното Кралство Југославија се основани во Шабац, Ниш и Белград (Бањица и Старо Сајмиште) во периодот од јуни до октомври 1941 година. Потоа следело отворање и на други логори низ цела Србија.
За да спроведат планиран и систематски геноцид над Евреите и Ромите, нацистите во Србија, почнувајќи од мај 1941 година, прво отвориле логори во кои биле приведени Евреи и заробени припадници на војската на Кралството на Југославија. Потоа биле затворани и членовите на комунистичките и четничките движења и нивните симпатизери.
Системот за основање на логор првенствено бил насочен кон конечно решавање на еврејското прашање во Србија и се темелел на нацистичката идеологија - физичко уништување во концентрационите логори, што требало да ја спроведе нацистичко-расистичката теорија за „чиста ариевска раса. во Во Србија за време на Втората светска војна, имало три вида логори: собирни концентрациони и работни логори. Од летото 1943 година, а особено од капитулацијата на Италија на 8 септември 1943 година, германските притвореници од Грција и Албанија, како и од оние делови на Југославија кои биле под италијанска окупација, биле донесени во логорот во Сајмиште. Од Сајмиште, уапсените биле распоредени во другите германски логори. Така, „Прифатниот камп Земун“ станал централен германски прифатен логор за целиот југоисток. Во исто време, некои делови од логорот имале функција на транзитен логор за воени затвореници, сè додека не се организирал специјален затворски логор на сливот на Сава и Дунав (Durchgangslager 172, Semlin или Транзитен логор 172, Земун).
Мрежата на германски логори во окупирана Србија, како и целиот окупаторски систем, во периодот пролет-лето 1944 година, се повеќе бил дезорганизиран. Причината за ваквата неорганизираност биле големите сојузнички бомбашки напади што започнале во пролетта и летото, 1944 година и во кои бил многу оштетен логорот на Белградскиот саем, каде што при бомбардирањето на 16 април 1944 година, загинале и биле ранети околу 200 затвореници и чувари. Тогаш бил уништен и логорот на Ушче (Транзитен камп 172, Земун). Логорот потоа бил преместен во цигланата на Милишиќева на Звездара. На 17.05.1944 германците ги предале своите логори на Независната држава Хрватска (НДХ) на хрватската полиција, но тие, како и порано, служеле првенствено за германски потреби. Останатите затвореници биле испраќани од Србија во логори на Рајхот. Некои логори, првенствено работните (во Бор и околината), постоеле до последните денови на окупацијата.
Дополнително средство за убивање на Евреите (освен стрелање) бил гасот. Конструирано е возило - душегупка. Ова возило за прв пат било донесено од Берлин во Белград во февруари 1942 година за да се започне со масовно истребување на Евреите во Србија. Одлуката за испраќање на ова возило за убивање ја донел шефот на безбедносната полиција и Службата за безбедност на Третиот рајх, Рајнхард Хејдрих. Душегупката бил камион со носивост од пет тони, од марката „Заурер“ кој можел да прими 50-70 жртви. Жртвите се транспортирале со камион до Јајинци и биле убивани од издувните гасови од камионот. Со помош на овие убијци-камиони, од почетокот на април до крајот на мај 1942 година, во Белград биле убиени - задушени околу 8000 Евреи. Жртвите биле земани од логорите во Сајмиште и Бањица. После овие масовни убивања, во август 1942 година, СС командантот Харалд Тарнер соопштил дека Србија е првата европска територија каде е решено „еврејското прашање“, а Белград бил првиот град во Европа без Евреи.
Сподели: << Назад
Секоја помош од Ваша страна е повеќе од добредојдена.
Донирајте за да продолжиме со успешната работа и едукација