82 години сеќавање на холокаустот на македонските Евреи
Еврејската заедница во Македонија и Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија одбележаа - 82 години сеќавање на холокаустот на македонските Евреи.
Во Скопје, комеморативната програма започна со оддавање почит пред Споменикот на 7.144 депортирани македонски Евреи во скопскиот Монопол. Таму, свои обраќања имаа Претседателот на Еврејската заедница Пепо Леви, амбасадорката на Државата Израел Симона Франкел и Претседателот на Владата на Република Македонија Христијан Мицкоски.
Бројни делегации, владини и државни претставници и претставници на Еврејската заедница и Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија оддадоа почит и на Могилата на депортираните македонски Евреи, како и на Споменикот на паднатите борци од НОБ на Градските гробишта - Бутел.
Со свечената комеморативна вечер во Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите од Македонија и концертот на хорот „Моис Хасон“, ја затворивме овогодинешната Комеморативна програма по повод 11 март.
Изминатите три дена, имаше активности во Битола, Штип и Скопје, кои беа исполнети со длабоки емоции, сеќавања и почит. Комеморацијата заврши, но сеќавањата и лекциите што ги носи оваа трагедија остануваат засекогаш со нас.
Овие денови беа потсетник на важноста на историјата и нашата колективна одговорност – да ја чуваме, почитуваме и пренесуваме на идните генерации.
Да не заборавиме. Никогаш повеќе.
Сподели: << Назад
Секоја помош од Ваша страна е повеќе од добредојдена.
Донирајте за да продолжиме со успешната работа и едукација