ЕВРЕИТЕ НА БАЛКАНОТ МЕЃУ ДВЕТЕ СВЕТСКИ ВОЈНИ


Со крајот на Првата светска војна и распадот на дотогашните империи во Европа и формирањето на новите држави на Балканот значајно влијаело како и кај сите народи така и врз животот на Евреите. Со формирањето на помали држави била прекината дотогашната комуникација помеѓу Евреите од различни центри кои дотогаш живееле во заедничка држава, а биле воспоставени нови конекции со Евреи кои носеле различни културни, јазични и социо-економски карактеристики.  Претходната состојба кога во една држава живееле доминантно Евреи од една група била променета, па сега во новоформираните држави често се случувало заедно да живеат и ашкенази и сефарди што довело до често формирање на одвоени вероисповедни општини дури и во еден исти град. Одвоените општини се рефлектирале и понатаму во животот на Евреите, па биле формирани посебни гробишта, училишта и тн. Друга разлика помеѓу Евреите на Балканот било и нивното потекло. Мал дел од Евреите биле доселени на Балканот уште од антиката, меѓутоа двете поголеми групи со различни културни традиции биле Ибериските Евреи, односно сефардите и Централноевропските Евреи, ашкеназите. Сефардските Евреи биле доселени од Шпанија и Португалија кон крајот на 15 век и реконквистата, а истите биле прифатени во Отоманската Империја како луѓе спомнати во светите книги и како прифатени се населиле главно во Истанбул, Солун и Дубровник за подоцна да се населат и во континенталниот дел од Отоманската империја, а во еден период дури и да претставуваат мнозинство во градот Солун. Од друга страна ашкеназите се населиле на Балканот како бегалци од Англија, Франција и Германија во периодот на 12ти и 13ти век, а подоцна и крајот на 18тиот век од просторот на Полска и Русија.

Традиционалниот живот на Евреите на Балканот го дефинирала религијата, семејните врски и односот со останатите локални заедници. Тој не бил многу различен од останатите заедници во средината, но Евреите добивале различен третман од нивните соседи во зависност од делот во кој живееле.  

По Првата светска војна Евреите во Романија продолжиле да се соочуваат со предрасуди. Во 1923 година под меѓународен притисок Романија била принудена на Евреите населени во земјата да им даде целосно државјанство и да им гарантира граѓански права врз основа на Уставот. Кога Бесарабија и Буковина биле приклучени кон Романија од Русија дополнително се зголемила популацијата на Евреи во земјата. Дел од овие поранешни руски Евреи биле обвинети за болшевизам. Во 1930 година во Романија живееле околу 800 000 Евреи. Во земјата каде што 70% од вкупното население живеело во руралните области, 70% од Евреите живееле во градовите.  Политичкото претставување на Евреите во меѓувоениот период било поделено помеѓу еврејската партија (Еврејска партија на Романија) и Федерацијата на еврејски општини во Романија.

Првите облици на организиран антисемитизам во Романија се појавиле во 1937 година кога конфедерацијата на асоцијации на професионални интелектуалци на Романија гласала да бидат исклучени сите Евреи од организацијата, воедно повикувајќи ја државата да ги повлече нивните лиценци за работа и повторно да биде преоценето нивното државјанство. Оваа иницијатива имала директно влијание на антисемитските регулативи во Романија во периодот што следеле.   

Во Унгарија по крајот на Првата светска војна живееле околу 400 000 Евреи кои претставувале 6% од вкупната унгарска популација. Тие биле значаен дел од унгарското општество, па така според податок од 1921 година во Будимпешта 88% од членовите на берзата и 91% од брокерите биле Евреи, а додека значаен дел од унгарската индустрија била водена или во сопственост на Евреи, 60% од сите унгарски доктори, 51% од адвокатите, 39% од инженерите и хемичарите, 34% од новинарите и 29% од музичарите биле Евреи по религија. Во поствоената Унгарија скоро и да не постоеле малцинства освен во исклучок на Евреите. Во 1920 година новоусвоените антисемитски закони го ограничувале бројот на места кои можеле да ги заземат еврејските студенти на универзитетите, па како резултат на тоа 2/3 од веќе запишаните студенти Евреи биле приморани да го прекинат школувањето.  Унгарија во овој период имала сопствена фашистичка организација која во својата идеологија вклучувала и антисемитизам.   Почнувајќи од 1938 година биле донесени три т.н. еврејски закони, инспирирани од Нирнбершките закони. Првиот закон го ограничувал бројот на Евреи во приватните претпријатија, новинарската дејност, помеѓу физичарите, инженерите и адвокатите на максимум 20% Евреи.  Вториот еврејски закон, ги дефинирал Евреите врз основа на потекло, односно лица со двајца, тројца или четворица предци Евреи  (баби или дедовци) го дефинирало како Евреин. Додека третиот еврејски закон забранувал мешани бракови и односи помеѓу Евреи и неевреи.  Со овие закони било забрането и вработувањето на Евреи во владини служби, на приватните компании им било ограничено вработувањето на Евреи само на 12%. Со ова околу 250 000 унгарски Евреи ја загубиле работата како и гласачкото право.

Во новоформираното Кралство Југославија по Првата светска војна живееле околу 70 000 Евреи, од кои околу 40 000 ашкенази и околу 30 000 сефарди. Најголем дел од југословенските Евреи живееле во градовите и биле стопанственици и трговци. Во областите во кои постоела толеранција кон Евреите пред создавањето на Кралството таков однос продолжил и по неговото создавање, додека во областите кои претходно биле дел од Австро-унгарската монархија бил регистриран латентен а по некогаш и отворен антисемитизам. До 30тит години на 20 век антиеврејските испади биле повремени и ограничени и биле санкционирани од страна на властите. Во периодот од 1933 до почетокот на Втората светска војна во Југославија како и секаде положбата на Евреите била тешка, а тоа било време на јакнење на антисемитизмот.  Една од првите посериозни антиеврејски прописи било донесувањето на Уредбата на Владата на Кралството Југославија за запишување во училиште на лицата од еврејско потекло во учебната 1940/41 година. Кратко по ова следеле и други рестриктивни прописи како Уредбата за забрана на тргување со предмети за исхрана за Евреите.

Во 1934 година во Бугарија живееле околу 48 000 Евреи. Тие биле населени главно во урбаните области, а половина од вкупниот број Евреи биле населени во Софија. Евреите не биле целосно интегрирани во општествениот живот но сепак биле успешни во работата. Во овој меѓувоен период најголем дел од бугарските Евреи живееле изолирано но без предрасуди од заедниците. Локалните ционистички групи биле активни и создале добра алтернатива на образовниот систем, кој пак од друга страна бил финансиран од еврејските заедници. Антисемитизмот во Бугарија се појавил како имитација на трендовите во западното општество. До 1930 година антисемитизмот имал многу мало влијание, но под влијание на нацистичка Германија полека започнал да расте антисемитизмот во Бугарија. Антисемитизмот во Бугарија правно започнал да се спроведува со донесувањето на антиеврејските закони, од кои прв бил Законот за заштита на нацијата по кој следувале и низа на антиеврејски рестриктивни закони.

Со приклучувањето на Солун кон Кралството Грција во 1912 година и околностите од Првата светска војна започнала да опаѓа бројноста на еврејската заедница во градот кој до тогаш бил означен како Ерусалим на Балканот. Со пресекувањето на дотогашните нивни врски со другите градови започнале да воспоставуваат нови трговски врски кон Атина.

Уште во текот на Првата светска војна солунските Евреи доживеале катастрофа со големиот пожар од 1918 година кога покрај домовите изгореле и 32 синагоги, молитвени домови и хуманитарни домови. Во пописот извршен во Грција од 1921 година,  од вкупното население 110 000 биле Евреи. Со оглед дека Законот за еврејски општини од 1921 година водел кон елинизација на Солун, а на Евреите им било ограничено правото за населување во одредени делови, истото поттикнало емигрирање во САД и Франција. Вториот бран на еврејска емиграција се случил во 1922 година со ограничувањата трговските дуќани да бидат затворени во недела. Оваа одредба била насочена против еврејските трговци, а во полза на грчките. Во овој бран емиграцијата била насочена и кон Палестина и Александрија. И покрај овие закони кои имале антисемитски призвук сепак не биле ограничени граѓанските, верските и политичките права, а Евреите биле претставени и со парламентарци.  Во овој период егзистирале и повеќе еврејски општини кои покрај верската компонента се занимавале и со просветна и хуманитарна дејност. Порастот на антисемитизмот во западна Европа рефлектирал и со поединечни изблици и во Кралството Грцја што резултирал со дополнително иселување кон Палестина. Непосредно пред Втората светска војна во Грција живееле 77 000 Евреи, од кои 70 000 живееле во градот Солун и околните центри.

Во Албанија меѓу двете светски војни живеела минорна по својот број еврејска заедница, која ја сочинувале 250 Евреи. До почетокот на Првата светска војна тие имале една синагога лоцирана во Валона, но истата била уништена во војната. Со растот на антисемитизмот во Европа, Еврејската популација во Албанија благо се зголемила, пред се заради политиката за издавање на визи на лица кои сакале да се иселат од Западна Европа, а биле одбивани од други држави.


Секоја помош од Ваша страна е повеќе од добредојдена.

Донирајте за да продолжиме со успешната работа и едукација

MK EN