ВТОРА СВЕТСКА ВОЈНА
Втората светска војна бил глобален вооружен конфликт што почнал во Европа почнал на 1 септември 1939 и траел до 8 мај 1945 година со капитулацијата на Германија. Таа е најголемиот и најскапиот вооружен конфликт во светската историја.
Како причини за војната најчесто се споменуваат потпишувањето на Версајскиот договор, Големата криза од 1929 година, национализмот и милитаризмот.
Во Германија, гневот од поразот во Првата светска војна, Големата екомомска криза од 1929 година и невработеноста биле вешто искористени од страна на Адолф Хитлер и неговата Националсоцијалистичката работничка партија на Германија попозната како Нацистичка партија на Германија. На парламентарните избори во јули 1932 година нацистите и комунистите освоиле мнозинство од 52% од пратеничките места во Рајхстагот, поради што претседателот на Германија Паул фон Хинденбург морал да му даде мандат на Хитлер за да формира влада со што Хитлер станал канцелар на Германија. Во 1933 зградата на Рајхстагот била запалена, што било искористено од страна на Хитлер и нацистите за да ги обвинат комунистите и за да се забрани Комунистичката партија на Германија. Во март 1933 Хитлер распишал нови парламентарни избори на коишто нацистите имале мнозинство од 51,8%. Веќе во јули 1933 бил усвоен актот со којшто бил укинат повеќепартискиот систем во Германија, а Нацистичката партија била прогласена за единствена политичка партија во Германија. Хитлер ја одржувал својата диктаторска позиција и власт во Германија преку тајната полиција Гестапо и паравоените формации СС и СА и започнал кампања за вооружување и подготвување на германските вооружени сили за подолго војување. Во септември 1940 година Германија, Италија и Јапонија го потпишале Тројниот Пакт познат како оската Берлин-Рим-Токио.
За нацистичките идеолози и нивната антисемитска насоченост која има подлабоки корени во европската историја, еврејското население во Германија и во Европа претставувало директна закана во однос на остварувањето на нивните политички, стратешки и боени цели. Според раководството на Националсоцијалистичката партија, Евреите биле виновни за многу неостварени историски цели на германскиот народ особено во поновата историја. Во текот на дваесеттите и триесеттите години од 20 век и пред доаѓањето на власт во Германија, нацистите не ги криеле своите цели и идеологија која била оптоварена со расизам, антисемитизам и експазионизам.
Тие бескомпромисно се обидувале да остварат една од главните задачи на својата политика којашто требало да го принуди еврејското население да се исели од Германија, а потоа и од Европа.
Веднаш по освојувањето на власта, во триесеттите години, започнале со еден вид принудна депортација и иселување употребувајќи ги институциите на власта и воинствената идеологија на Националсоцијалистичката партија со цел да го протераат еврејското население од германската територија.
На почетокот нацистите ја избрале Палестина како простор кадешто еврејското население од Германија и Европа би требало да биде иселено. Дел од нацистичката стратегија биле постојаните и понижувачки напади на Евреите во печатот и во јавноста. Тие изнаоѓале различни начини како да се ограничат движењето и присуството на еврејското население во Германија, како да се одделат Евреите од останатото германско население, односно како да се исцрпат економските ресурси и да се уништи правната сигурност на еврејското население. Кон крајот на триесеттите години еврејското прашање прераснало во најзначајното државно прашање. Мобилизираните фашистички ,,научници‘‘ ладнокрвно и со антрополошки мерила докажувале дека еврејската раса е најниска од сите раси.
Во јули 1938 година биле пропишани нови мерки против Евреите во Третиот рајх. Ниту една слика на уметник Евреин не можела да биде изложена во јавен простор, ниту една музичка творба од композитор Евреин не смеела јавно да се изведува и ниту еден Евреин не можел да има германска земја. Било наредено сите Евреи да го пријават својот движен и недвижен имот како и скапоценостите кои ги чувале дома или во банките. Постепено, Нацистичката партија се приближувала да физичката ликвидација на Евреите. Само чекала повод, а тој повод се укажал на 7 ноември 1938 година. Седумнаесетгодишното момче Хершел Гриншпан, во Париз го убил Ернест фон Рат, советник на германската амбасада. За раководството на Нацистичката партија овој атентат послужил за инсценирање погром против Евреите, познат како ,,Кристалната ноќ‘‘. Ноќта помеѓу 9 и 10 ноември 1938 година нацистичи фанатици ги убивале Евреите, ги ограбувале и демолирале нивните домови и дуќани. Кристалната ноќ започнала со 36 смртни случаи, а завршила со 6.000.000 ликвидирани Евреи од цела Европа.
Повод за почеток на војната во Европа било одбивањето на Полска да и ги отстапи на Германија градот Данциг (денешен Гдањск) и тесниот полски коридор кој ја разединувал источна Прусија од остатокот на Германија.
На 1 септември 1939 Хитлер ја започнал германската инвазија (Блицкриг кампања-молњевита војна) врз Полска со што и официјално почнала војната во Европа. Франција и Велика Британија и објавиле војна на Германија на 3 септември 1939, откако Германија го одбила нивното барање за повлекување од Полска.
Во 1939 година на дневен ред се поставило решавањето на еврејското прашање не само во Германија туку во сите земји кои таа ги освоила. Првичниот план бил Евреите од Европа да се преселат во Мадагаскар, но во 1941 година овој план бил изменет и предвидувал ликвидација на Евреите и одземање на нивниот имот. Веднаш штом почнала војната, Хајндрих и Милер формирале специјални единици наречени ,,ајнзац групи‘‘ со задача да ги ликвидираат непријателите на Рајхот, меѓу кои биле комунистите и Евреите. Во 1941 година на Ајхман му било доверено решението за ликвидирање на Евреите, а ајнзац групите биле ставени под негова директна команда.
На средината на 1941 година било донесено решението за ликвидација на Евреите, а првите масовни ликвидации во гасни комори почнале во септември 1941 година во логорот на смртта во Аушвиц каде биле изградени пет гасни комори и крематориум.
Пресвртница во отпорот против фашизмот се случила на 22 јуни 1941 година кога Германија го нападнала СССР. Тоа им дало нов поттик на народноослободителните движења во Европа. На 14 август 1941 година Черчил и Рузвелт ја објавиле Атлантската повелба која ги обединувала сите сили на слободното човештво против нацизмот. Во Вашингтон, на 1 јануари 1942 година, 26 држави ја потпишале Атлантската повелба и се обединиле во борбата против оската Рим-Берлин-Токио. Хитлеровото раководство пак на 20 јануари 1942 година свикало конференција со една точка на дневен ред, а тоа било дефинитивно разрешување на еврејското прашање на териториите кои Германија ги освоила.
Евреите кои пристигнувале со возови од Белзец, Собибор и Треблинка, биле лажно информирани од СС дека тоа е само транзитно запирање и дека ќе продолжат кон нивната вистинска дестинација по извесно време. Им било кажувано дека нивната облека ќе биде дезинфицирана и дека прво треба да се истушираат. Мажите биле одделувани од жените и децата. Сите биле водени во бараките за соблекување. На жените и девојките им била сечена косата. Најпрвин мажите, а потоа и жените, биле водени во простории со тушеви, каде откако ќе влезеле, им ги затворале вратите и ги вклучувале машините на бензин. Смртоносниот јаглероден моноксид за кратко им ја труел крвта, по што следела нова тура на "капачи".
Во Аушвиц-Биркенау, на новодојденците им ја одземале облеката, ја ставале во посебни фиоки со броеви и им наредувале секој да го запомни бројот на својата фиока за подоцна. Наместо јаглероден моноксид, за нив бил користен комерцијалниот пестицид Циклон-Б. Најпрвин умирале децата, а потоа возрасните, бидејќи пестицидот е вид на високоотровна киселина, која им била пуштана во вид на пареа. По 4-5 минути, влегувале специјални единици составени од Евреи-затвореници, кои ја чистеле просторијата за наредната група. Телата биле уништувани на различни начини, вклучувајќи масовни палења или во специјално дизајнирани печки, како оние од Аушвиц. Сета облека, пари, злато, накит, очила и други вредни работи биле сортирани и враќани назад во Германија за повторна употреба. Косата од жените била праќана во фирма во Баварија која произведувала перници и перики.
Возовите кои пристигнувале во Аушвиц, биле подложни на процес на селекција од страна на СС докторите како Јозеф Менгеле. Способните млади Евреи биле тетовирани на левата рака и праќани на принудна работа. Сите други биле убивани во гасните комори. Децата близнаци пак биле подложени на монструозни генетски експерименти.
Во Полска функционирале шест концентрациони логори, меѓу кои и Мајданек и Челмно, во кои континуирано се вршело погубување со отровни гасови. Додека нацистичка Германија се обидувала да ги сокрие од јавноста концентрационите логори, на територијата на Русија која била окупирана од нацистите се вршеле масовни стрелања. Во еден извештај од 2 јули 1942, се споменува дека дотогаш биле стрелани над 1.000.000 руски Евреи.
Во текот на 1944 година, Хитлер почнал да доживува бројни порази на бојното поле. Сепак, организираното убивање на Евреите продолжило со истото темпо. Во мај, по наредба на СС полковникот Адолф Ајхман, започнала масовната депортација на над 430.000 унгарски Евреи во Аушвиц. Токму во тој период, во Аушвиц бројката на убиени и кремирани Евреи била над 9.000 на ден. Биле користени шест големи печки за да се палат телата на отруените, а бројот на убиените го надминувал капацитетот на крематориумите.
Трупите на Сојузниците, предводени од советската војска, на 24 јули 1944 година го ослободиле првиот концентрационен логор во источна Полска - Мајданек, каде што биле убиени над 360.000 илјади Евреи. Кога Црвената армија се приближила до Аушвиц, Химлер наредил целосно уништување на гасните комори. Аушвиц бил заземен од Советите на 27 јануари 1945 година.
На 30 април 1945 година, опколен од Црвената армија и соочен со пораз, Адолф Хитлер извршил самоубиство.
Германија капитулирала на 8 мај 1945, германските сили се предале и со тоа завршила Втората светска војна во Европа.
Седум месеци по завршувањето на војната започнало Нирнбершкото судење за воени злосторства, а им се судело на 22 нацисти, обвинети за злосторства против човештвото.
Сподели: << Назад
Секоја помош од Ваша страна е повеќе од добредојдена.
Донирајте за да продолжиме со успешната работа и едукација