Нирнбершки закони


Со доаѓањето на Адолф Хитлер на власт во 1933 година, укинувањето на Рајхстагот и здобивањето со апсолутна власт, како и самоименувањето за Фирер – апсолутен водач, биле создадени услови за реализирање на антисемитската нацистичка идеологија преку формално правно усвојување на законска регулатива. Па така, на 15 септември 1935 година на вонредно заседание на Нацистичката партија одржано во Нинберг биле донесени антисемитски и расистички закони конципирани во два закони. Еднио закон бил „Закон за правата на државјанството“, а другиот „Закон за заштита на германската раса и чест“.
Со првиот закон било одредено државјанин на Германија да може да биде само германец со чисто ариевско потекло, додека за останатите било предвидено да бидат само „поданици“ односно класифицирани како државни субјекти без право на државјанство. Со вториот закон биле забранети мешовити бракови помеѓу германци и Евреи, постојните бракови биле поништени, воедно биле забранети и вонбрачните односи меѓу Евреи и германци, а законот содржел и низа ограничувања на граѓански и човекови права за Евреите. Како прилог на овие норми, во ноември бил донесен и дополнителен декрет во кој точно била образложена дефиницијата за тоа кој се бил Евреин. Според дефиницијата како „Евреин“ не дефинира некој само заради религиските убедувања, туку го дефинирало секој оној кој имал тројца или четворица предци (баби и дедовци) кои биле со еврејско потекло без разлика дали тие индивидуално се идентификувале себеси како Евреи и припадници на еврејската религиозна заедница. Многу Германци кои со години не практикувале Јудаизам или и воопшто не биле дел од истата верска заедница, сепак станале жртви на нацистичкиот терор. Ова ги вклучувало и Германците чии предци конвертирале од Јудеизам во Христијанство.
Во рамки на овој закон било предвидено и брачните партнери пред стапување во брак да достават документи добиени од јавното здравство со кои ја докажувале здравствената состојба за стапување во брак. Овие сертификати ги ограничувале да стапат во брак оние што имале „наследни болести“, заразни болести или оние кои ги прекршувале брачните одредби предвидени со Нирнбершките закони. Со проширувањето на овој закон на списокот на маргинализирани освен Евреите биле додадени и Ромите и црнците. Овие дополнителни одредби ги дефинирале овие категории на граѓани како непријатели на државата.
Донесувањето на Нирнбершките закони предизвикало значително социо-економско влијание врз еврејската заедница во Германија. Следеле масовни прогони, како и судења за кршење на законите во делот на брачните закони, а по издржување на затворските казни лицата биле испраќани и во концентрациони логори. Ова придонело и кон сегментација во германското општество, неевреите престанале да одржуваат контакти со Евреи, започнал бојкот на еврејските бизниси, а како резултат на тоа значителен дел од еврејските бизниси заради намален број на клиенти пропаднале или биле затворени.
Со Нирнбершките закони како и претходно усвоените прописи на Евреите им било забрането да работат во државната администрација, вклучително и во други професии како образование и здравство. Им било ограничено општественото учество, а биле попречени и за било какво делување во општеството.
Спроведувањето на Нирнбершките закони било олеснето за време на Олимписките игри во 1936 година во Берлин со цел да не го привлече вниманието на светската јавност врз состојбите во германското општество. По завршувањето на Олимписките игри нацистичкиот прогон врз Евреите бил интензивиран. Во 1937 и 38 година владата го дополнила законодавството со тоа што побарала од Евреите да ги регистрираат нивните имоти, а тоа значело дека германските еврејски работници и сопственици биле отпуштени, а сопственоста на еврејските бизниси била предадена на нееврејски Германци кои ги откупиле по поволни цени утврдени од нацистите. На еврејските лекари им било забрането да лекуваат нееврејски пациенти, додека пак на евреите адвокати им било целосно забрането да се заниваат со правната дејност.
Со нирнбершкото законодавство за Евреите било предвидено да носат идентификациски документи на кои од страна на владините служби биле означени со црвена буква „Ј“ што означувало дека лицето е припадник на еврејската заедница, а за оние што имале нетипични еврејски имиња било задолжително додавање на „еврејско“ средно име и тоа за мажи „Израел“, а за жени „Сара“. Со ваквиот тип на идентификациски документи полицијата полесно можела да ги идентификува Евреите.

Секоја помош од Ваша страна е повеќе од добредојдена.

Донирајте за да продолжиме со успешната работа и едукација

MK EN